Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Изолираниот господин „Њет“

Изолираниот господин „Њет“

Сергеј Лавров престојуваше во Скопје, во  Северна Македонија- првата земја членка на НАТО што рускиот министер за надворешни работи ја посетува, по инвазијата врз Украина од пред 20 месеци. Не престојуваше во гости, туку за да учествува на конференцијата на Министерскиот совет на ОБСЕ.

Самиот престој на територијта на Алијансата, предизвика коментари , најмногу околу тоа дали овој „дипломат на војната“  требаше да се поканува , за да учествува во работата на организација за мир и соработка- во време кога Русија, со агресијата и со војната што ја води,  брутално ги има погазено и мирот во Европа и принципите врз кои се  темели ОБСЕ.

Спасување на ОБСЕ

Формално, поканата беше од македонскиот шеф на дипломатијата (Бујар Османи) и на земјата домаќин на конференцијата, но зад  настојувањето да се одржи (како, така) целовитоста на ОБСЕ- зад поканата за Лавров-  застанаа и ЕУ, како и САД. Така, во Скопје се најдоа и првиот европски дипломат Јосеп Борел, но и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, како и новиот шеф на британскиот Форин Офис Дејвид Камерон.

Естонија, за која Лавров рече „њет“ кога оваа земја требаше да го наследи македонското претседавање со ОБСЕ, меѓутоа,  одби да седи на иста маса со рускиот министер , еден од најблиските соработници на Владимир Путин и најави бојкот на конференцијата. Со неа се солидаризираа и другите две балтички земји и Украина, а така се определи  и владата на заминување во Полска.

Но, и покрај отсуството на овие пет европски земји, во Скопје, сепак,  се успее да се постигне најважното- да се сочува ОБСЕ  во својот првичен облик и покрај настојувањето ( на Москва) да се покаже дека организацијата е на умирање.

Во услови на острите несогласувања меѓу Русија и сите другите, околу сегашната европска безбедносна состојба, а посебно околу тоа- кој и што ја има предизвикано.

Сега ЕУ е закана за Русија

За Лавров кој (пректично) ги интерпретираше сите поранешни и скорешни изјави и кремљовски елаборации за тоа каква треба да биде Европа, вината за сегашната европска безбедносна ситуација е само кај Западот и НАТО. Што  е московска приказна уште од времето на СССР и на комунизмот , а на што  е придодадена и ЕУ. За неа сега се тврди дека е „орудие на НАТО и на САД“  во настојувањето – континентот да изгледа онака , како што им одговара на Кремљ и на Путин.

Тврдењето за вината на оној другиот е стара, советско/руска основа за несогласување и за инаетење, за создавање  неединство на континентот и за креирање криза со изветвените приказни дека некој  сака да ја уништи Русија.

На тој начин излегува дека и за рускиот напад врз  Грузија во 2008 година, за првата и втората агресија врз украинската територија и за  империјалните војни на путинова Русија, се виновни   оние кои со децении на ред во Москва се означуваат така-  Западот и западните либерални вредности.

Затоа, беше јасно дека секогаш намуртениот Лавров, човек од најтесниот круг на Путин, ќе збрува и против НАТО и против ЕУ, која сега Кремљ ја прикажува како поголемото „зло“ и од Алијансата, која не беше страшна во времето кога бешпе само ЕЕЗ. Не беше „закана“ за Русија во времето кога не постоеше како Унија со 45о милиони население,  единствена во спротивставувањето на една ваква Русија , не прифаќајки  нов европски поредок, уреден врз темелите на московската агресивна политика.

Обновена доктрината на СССР

Така треба да се добие впечаток дека сега сите се виновни за воената состојба во која се наоѓа Русија, откако самата и непредизвикана од никого се определи за војна- прва вистина во Европа по Втората светска војна и за анектирање на делови од туѓи територии.

Во  годинините на Студената војна и на поделена Европа и во времето на СССР, Русите три пати навлегуваа во други земји за да ги покорат- во Полска, Унгарија и во Чехословачка во 1968. Во годините на посткомунизмот , уште три други земји беа нападнати- прво Молдавија (1991), па Грузија на два пати – во случајот на  Абхазија, а потоа  и  за Јужна Осетија во 2008 и на два пати Украина- во 2014 и во 2022 година.

Сето тоа (според доктрината на Кремљ) со која треба да се овозможи   ревитализација на некогашен СССР, во еден нов облик, како некаква Евроазија. Односно на доктрината според која-  некогашното „Црвено царство“ , преземено од поранешната империјална Русија, треба засекогаш, целото да остане како „руска земја“, руска територија – од Камчатка до Молдавија на Западот.

Беше прашање како да се реагира на една ваква елаборација и на она што го зборуваше Лавров, од страна на сите другите кои никако не се согласуваат со  старата, советска докрина за Европа и за европската безбедност.

Бојкот на „дипломатот на војната“

Едната варијанта беше да има (некаква) средби  со ЕУ/САД кога сите страни се во Скопје, а особено кога Европејците и Американците  се трудат ОБСЕ да остане  врз темелите на некогашен КЕБС, во сегашните услови на целосно изменета Европа.

Немаше такви средби, затоа што тоа ќе беше како да се  разговара зад грбот на земјата која е во војна, а и затоа што нема за што да се разговаа, кога уште пред конференцијата стана јасно дека Москва не сака  да ги обнови односите со Европа, како што тоа го има речено гоподинот „њет“ уште пред да дојде во Скоје.

Во една таква состојба беше одбрано да се остави  рускиот министер да го каже она што Москва и Кремљ веруваат дека е правата вистина, но да се остави настрана, целосно изолиран од сите другите. И тоа се постигна.

Борел, Блинкен и Камерон беа присутни во конференциската сала и за да бидат фатени на  „фемили фото“, но заминаа уште пред Лавров да долета во Скопје, откако цели пет часови  патуваше од Москва, преку Турција и Грција.

Министерот не ги слушне реакциите

Кога тој влезе во конференциската сала, никој ниту се поздрави со него, ниту пак  тој застана да размени некој збор со било кого. Романскиот министер, кој според азбучниот ред тебаше да седи до него-го немаше на своето место.

Кога почна да зборува рускиот министер, десетина негови колеги-од земјите што во најголем број беа прогласени за „непријатели“ од Москва, ја напуштија салата и се вратија кога Лавров, по своето излагање си замина.

Напуштајќи ја салата, тој за момент застанал само “од нога“ да размени некој збор со српскиот мнинистер Ивица Дачиќ, што според московски „Спутник“  се означува како – „срдечна средба на двајцата министри“.

Лавров брзо има заминато од салата за да не ја слушне канонадата од критики од европските министри за Русија, за руската политика и за војната против Украина.

Учесниците на конференцијата не можеа да одмолчат на она што го зборуваше рускиот министер, за опасната безбедносна ситуација во која е Европа, најтешка во последните 50 години . Но, притоа, во негов стил, отворено да и се заканува на Молдавија, дека ја чека судбината на Украина- затоа што сака да биде дел од ЕУ.

Изолација на путинова  Русија

Остана затоа  Лавров до крајот целосно изолиран. Од „густо набиената програма од средби“ што ја ветуваше руското МНР пред да допаува во Скопје, остана само билатералната среба со унгарскиот министер Петер Сијарто, како и со австрискиот министер Александар Шаленберг.

Сепак, дури ни Унгарецот, близок и лојален  човек на Виктор Орбан, не се трудеше премногу да брани нешто од сето она што го понуди Лавров, бидејќи  ништо не може да се одбрани.

Изолацијата на рускиот министер во Скопје, на тој начин,   беше одговорот на Европа  на  одбивната ароганција, која министерот и Москва уште еднаш ја манифестираа на конференцијата на ОБСЕ. Овој пат, преку  директното соочување- лице во лице со целиот континент.

Така се потврди дека изолирањето на  Сергеј Лавров, всушност, беше изолација на  Русија, откако нејзиниот лидер се одлучи да се отргне од континентот, за да се претвори во „господар на војната“.

(О.У.)

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе