Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Хенри Кисинџер- контроверзниот дипломат

Хенри Кисинџер- контроверзниот дипломат

Американскиот дипломат, факултетски професор, политички консултант и автор на повеќе публицистички дела, Хенри Кисинџер почина во својот дом во сојузната држава Конектикат. Имаше 100 години.

Кисинџер беше и политичар, како државен секретар на САД и политиколог, но и советник за национална безбедност во Белата куќа, работејќи во администрациите на претседателите  Ричард Никсон и  потоа и на Џералд Форд.

За својот придонес во завршувањето на Виетнамската војна , заедно со шефот на дипломатијата на Северен Виетнам Ле Дук То, во 1973 година ја доби Нобеловата награда за мир.

Тајна посета на Пекинг

До крајот на животот тој беше и величан како врвен светски дипломат, но и целосно  оспоруван, па дури третиран и за „злосторник“ во некои делови од светот.

Пред се, во Латинска Америка поради подршката што како американски политичар и дипломат им ја даваше на разните десничарски и антикомунистички , диктаторски режими, Посебно, кога станува збор за Централна Америка и во слулајот на Чиле и хунтата на Августо Пиноче.

Сепак, факт е дека во седумдесетите години на 20 век Кисинџер беше вклучен во цела низа глобални настани од тоа време.

Освен во Парискиот мировен договор за војната во Виетнам, негова голема заслуга е дипломатското отворање на НР Кина, на Мао Цетунг, кога по тајната посета на кинескиот главен град, САД ја признаа владата на „единствена Кина“ во Пекинг.

Политика на „детант“

Кисинџер има силна заслуга и за омекнувањето на американско-советските (руски) односи, форсирајќи ја политиката на „детант“ во меѓународните односи , што на задоволство на Москва, се сведе на тоа дека е најважно е да се договорат и да се согласуваат Вашингтон и Москва, затоа што тоа обезбедува мир меѓу Западот и тогашниот комунистички Исток во Европа. Притоа, сведувајќи ги Европејците и од двете страни на поделена Европа, само на посматрачи и практично на статисти во светот на меѓународната политика.

Покрај контролата на разоружувањето за што се смета дека тој има заслуга, директно беше вклучен и во ширењето на врските меѓу Израел и неговите арапски соседи.По октомвриската војна , ззпочната на еврејскиот празник Јом Кипур,  во првиот налет,  египетските сили ги изненадија Израелците и успеаја преку Суецкиот канал да се префрлат на Синај, тогаш под израелска окупација.

Во контраофанзивата на Израел, меѓутоа, неговата армија не само што ги протера египетските војници од Синајски полуостров, туку толку брзо напредуваше кон север и Каиро, војувајќи на египетската територија, што израелските тенкови  дојдоа до предградијата на градот Суец.

Спасување на Египет

Американците итно го испратија Кисинџер на Блискиот Исток кој се вклучи во спасувањето на Египет, за да не доживее понижувачки, тотален пораз и успеа да го запре израелското напредување. Израелците се повлекоа од египетската територија, Египет го призна Израел и со него воспостави дипломатски односи, Израелците се повлекоа од Синај и се задржаа само на малиот појас Газа. Половина век од тогаш се одржува египетско-израелскиот мир.

Моќта на Кисинџер како глобален дипломат и архитект на американската надворешна политика , ослабна по оставката и после падот на Никсон во 1974 година, поради аферата „Вотергејт“.

Но тоа не значеше пензионирање за него, затоа што остана шеф на диломатијата и кај новиот претседател Форд, се до крајот на неговиот мандат, по што продолжи да нуди и да го продава своето мислење се до крајот на животот. Како стогодишник, во јули годинава тој престојуваше во Кина и имаше средба и разговор со кинескиот лидер Си Џинпинг. Овој пат посетата беше јавна и исполнета со комплименти за неговата мината работа.

Бегалец од нацизмот

Роден е во Германија, како Хајнц Алфред Кисинџер, во еврејско семејство. Со родителите во 1938 година избегал пред нацизмот и пред почнувањето на Втората светска војна во Америка.

Во САД го сменил името во Хенри и се пријавил во американската армија. Војувал во Европа, каде останал до крајот на војната. Доктор на политички науки станал во 1954 година, на Универзитетот во Харвард,  каде останал да работи како предавач.

По повлекувањето од политиката и од работата со американските администрации, во 1982 година создава своја компанија- консултантска фирма која им ги нудеше и скапо ги продаваше своите услуги -совети на елитните компании од светскиот бизнис.

Остана да работи и да советува за меѓународните односи до крајот на животот, како ретко кој друг во светот на дипломатијата и политиката.

(С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе