РПЦ и суди на Ала Пугачова
Руската православна црква (РПЦ) која жестоко ја подржува и ја брани инвазијата на Русија врз независна и суверена Украина, соопшти дека познатата и популарна руска пејачка ѕвезда Ала Пугачова, доколку сака да живее и да пее во Русија, прво ќе мора јавно да се извини (огради) од својот став за војната.
Во септември минатата година, седум месеци по руската агресија и војната што се покрена против соседната земја, Пугачова демонстративно замина од Русија во Израел и таму остана да живее со својот сопруг, протестирајќи против војната.
Иако и тогаш, а и сега има мислење дека таа всушност побегна од својата земја, како и многу други Руси, противници и критичари на војната и на режимот во земјата.
Осуда на инвазијата
Пред да замине таа се огласи со остра изјава во која рече дека -„руските војници во Украина гинат и умираат за илузорни цели“, а дека Русија се претвора во држава-парија.
Пред неколку денови, меѓутоа, таа се врати во својата земја и тоа со забележителен публицитет. За нејзиното враќање вести објавија руските држани агенции, што тоа не го прават за било кого гест шо веднаш предизвика различни коментари во Москва.
Особено затоа што набргу по инвазијата од 24 февруари 2022 година, Кремљ покрена силна кампања против критичарите на војната.
На брзина беа донесени низа закони кои остро го санкционираат секое споменување на зборот „војна“ а не „специјална воена операција“ , како и определуваат високи парични и затворски казни за сите кои ќе „ги омаловажуваат војската и армиските сили“ на фронтот, односно кои ќе ја осудуваат војната против Украинците.
Гестот на Песков
Пугачова, меѓутоа, никогаш не беше ниту обвинета, а ниту казнета за она што го зборуваше, за што секој друг би бил остро санкциониран. Уште повеќе, таа во мај годинава , на кратко, престојуваше во Москва, на погребот на познатиот руски моден дизајнер Валентин Јудашкин, инаку нејзин близок пријател.
Медиумите сега откриваат дека на погребот, портпаролот на Кремљ и крајно лојален соработник на Владимир Путин и бакнал рака на популарната пејачка.
Кога се знае за каква власт станува збор и за држава каде се е во рацете на еден човек, се верува дека потегот на Дмитри Песков не е негов личен гест на почитување и не е направен без знаење на неговиот шеф. Како што ниту одлуката за враќање на Пугачова, не е без знаење ( и согласност) на Путин.
Руската православна црква, меѓутоа, изгледа дека не мисли така.
Црквата бара јавно извинување
Портпаролот на РПЦ Вахтанг Кипшидзе , за истата државна агенција (РИА Новости), која прва јави дека Пугачова се вратила во Русија, откри дека критиката и осудата на војната против Украина, претставува „навреда за рускиот народ“.
„Сите кои заминаа од земјата, навредувајќи го притоа рускиот народ, или имаат давано контраверзни изјави , треба (јавно) да се извинат. Ова важи за сите, а се однесува и за Ала Пугачова“, изјавил за агенцијата портпаролот на руската црква.
Во Москва се оценува дека делува чудно и ваквото ( наизглед) разногласие меѓу црквата и Кремљ и Путин. Рускиот патријарх Кирил повеќепати во изминатите 18 месеци од инвазијата, ја има благословено руската агресија врз „братска Украина“ , но и лидерството на Русија од страна на Путин.
Благослов за Путин
Кога минатата година рускиот претседател го славеше својот 70 роденден , патријархот се огласи со порака дека црквата се моли на Господ за здравје и за долг живот на Путин , за неговата „храброст и мудрост во водењето на Русија“.
Нема никакво сознание дека нешто се изменило во блискоста на црквата и државата, не само кога станува збор за империјалната политика на Кремљ.
Ала Пугачова, пак, која сега има 76 години, но се уште настапува и е популарна во руската јавност, се уште важи за ѕвезда иако е создадена уште во времето на СССР. Во тоа време, таа беше како музичка икона и на целиот тогашен комунистички блок во Источна Европа.