Терорист на Хамас : „Мајко, убив десетмина Евреи“
Израелската тајна служба Шин Бет , соопшти дека ги има „ловено“ тајните разговори на убијците на Хамас, кои во својата бестијална операција за убивање на еврејско население на територијата на Израел , имаат убиено околу две илјади цивили, меѓу кои и мали деца.
Притоа, агенцијата има изготвено неколку снимки од телефонските разговори, направени со мобилки, кои ги воделе хамасовци – како меѓу себе, така и со нивните родители во Газа, што сега и се понудени на меѓународната јавност.
Една таква снимка има предизвикано најмногу коментари и бранувања, затоа што од неа се гледа бруталноста на терористите кои (наводно) се борат за палестинската кауза и ја открива вистината за тоа што е Хамас, односно за тоа дека оваа терористичка организација, всушност, се бори за уништување на Евреите како народ.
Терористот се фали со злосторството
Снимката е направена од разговорот на млад Палестинец кој се јавил дома од израелскиот кибуц Мефалсим, во јужен Израел , во кои се масакрирани стотина израелски цивили.
„Гледајте колку Евреи имам убиено, со сопствените раце. Вашиот син уби десет Евреи. Мајко твојот син е вистински херој“- вели на снимката еден од припадниците на Хамас, по извршеното злосторство во една израелска куќа, во утрото на 7 октомври.
На снимката што ја поседуваат Шин Бет и израелската војска се слуша како родителите го фалат својот син за тоа што го направил. Хамасовиот убиец се вика Мохамед, барем така во разговорот, во еден момент, го има ословено неговиот татко.
Снимка од мобилниот на жртвата
Хамасовецот уште се фали дека се јавува од мобилниот телефон на младата Еврејка која штотуку ја убил, а потоа им порачал на родителите дека понатаму ќе се јавува со пораки, преку платформата за комуникација WhatsApp.
На снимката се слуша и тоа како мајката на хамасовецот вели -„Би сакала да сум покрај тебе“.
Аудио снимката од разговорот само одново покажува која била целта на хамасовиот напад врз израелската територија- да се убиваат цивили само затоа што се Евреи. Снимената комуникација на овој Палестинец беше прикажана на специјалната седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.
На членовите на Советот овој доказ за тоа што навистина се случуваше им ја има презентирано израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен.
Докази за масакрирање на Израелци
Еден ден пред тоа, на странските и на израелските новинари им беше прикажана снимка, во должина од 45 минути, на која се гледаат грозни сцени од злосторствата на хамасовци, со снимени сцени на мачење и на масакрирање на жртвите- жители на кибуците на југот од Израел, како и на младите , кои беа на музичкиот фестивал , посветен на мирот, одржан токму поради тоа блиску до границата со Газа.
Сите вакви снимки се земени од мобилните телефони на терористите кои ги снимале своите злосторства, за да има со што да се фалат кога ќе избегаат , назад во Газа. Како и од безбедносните камери и од оние поставени на контролните табли, како и од телесните камери кои напаѓачите ги имале на себе.
Сите тие се собрани од социјалните мрежи, од видеата на хамасовците, или се направени и оставени од жртвите и од членовите на спасувачките екипи.
Освен безмалку двете илјади убиени Израелци, има и уште најмалку 225 грабнати лица кои се одведени во Газа.
Дезинформации и лажни снимки
Се верува дека луѓето се сместени главно во тунелите , што Палестинците ги користат за секаков вид шверц, а најмногу за илегално внесување оружје во Газа и од таму на територијата на Израел.
Палестинската страна тврди дека во нападите на израелската авијација и во бомбардирањето во Газа биле убиени безмалку 55оо Палестинци, но тие бројки не може независно да се потврдат, затоа што не може да се проверат.
Веднаш по започнувањето на операцијата на израелската армија, на социјалните мрежи почнаа да кружат бројни лажни снимки и лажни информации за „злосторствата“ на Израелците, за да се оправдува бруталниот терористички напад на Хамас.
Се покажа дека има многу фејк њуз текстови, измислени приказни и снимки за бомбардирањата од страна на Израелците. Излезе дека тие се или од некој од поранешните воени сукоби, или пак се од други воени судири- некои кои не се имаат случено на Блискиот Исток.
Одново негирање на холокаустот
Најсвеж пример за тоа е сторијата за експлозијата на болницата во Газа, за која Хамас, а потоа и низа „независни“ медиуми ја обвинија израелската војска.
Израелската страна брзо докажа, презентирајќи сателитски снимки и снимени прислушувани разговори на хамасовци , дека виновникот е Хамас – од погрешно изведен напад на оваа терористичка организација.
Сето тоа дојде откако , дел од меѓународната јавност, која традиционално им е наклонета на Палестинците, (без да побара докази) се нафрли врз Израел, обвинувајќи го за „монструозниот напад“.
Израелската страна, во секој случај, настојува со заробените снимки од убиените и фатените терористи, како и со уловените телефонски разговори на хамасовци, да се избори за вистината за злосторството што го имаат изведено терористите на оваа милитантна палестинска организација. Во настојувањето да добие подршка за својата сегашна операција.
Но, можеби повеќе за да се спречи „негирањето на холокаустот што се се случува и сега, во реалниото време“ – на 21 век.Посебно, што се појавуваат сомнежи за овие , најужасни злосторства на палестински Хамас, за кои некои низ светот бараат и дури наоѓаат оправдување.
(С.Г.)