Шкотска: Потрага по чудовиштето „Неси“
Во Шкотска , од пред некој ден, е покрената голема потрага по чудовиштето „Неси“ за кое се верува дека живее во шкотското езеро Нес. За сегашната операција за трагање по чудовиштето од Лох Нес се тврди дека е најголема во последните 50 години.
Според шкотските и британските медиуми во неа учествуваат неколку стотина луѓе, опремени со дронови, термални скенери, со чамци опремени со инфрацрвени камери , како и со подводни хидрофони за препознавање на необични звуци.
Феноменот на Лох Нес
Организаторите на потрагата изјавуваат дека ваков потфат немало уште од 1972 година, кога тогашната Канцеларија за специјални истраги го има истражувано овој феномен. Комисијата, инаку, е создадена во шеесетите години на 20 век за да се дојде до можни докази за постоењето на „големото и страшно чудовиште“ за кое се верува дека живее во водите на езерото.
Комисијата и сите потраги, меѓутоа, престанаа во 1977 година, откако не се најдени никакви докази за постоењето на „Неси“, како што Шкотланѓаните го нарекуваат нагалено чудовиштето, според името на езерото.
„Сето тоа, сега, е оживеано со една цел- да се одбележат сите необични однесувања на природата и на самото езеро, но и на феноменот што тешко може да се објасни“- имаат изјавено организаторите на најновата потрага.
Тие признаваат дека Лох Нес умее да се поигра со очите и со свеста на луѓето кои сакаат да веруваат во се и во сешто- па во секој бран на езерските води го гледаат нешто необично , сакајќи да веруваат дека зад тоа се крие некаков подводен ѕвер.
Митот е роден во 1933 година
Но, изгледа дека некои работи не може да им се објаснат на луѓето, па тие сакаат и натаму да веруваат во постоењето на „ чудовишта“.
А, митот за Лох Нес (велат) постои многу одамна, уште од шестиот век.
Сепак, приказната каква што ја познава и денешниот свет е созадена пред 90 години, во април 1933. Тогаш управничката на малиот хотел покрај брегот на езерото , изјавила дека видела во езерските води како плива некакво суштество, налик на кит.
Локалниот шкотски весник “Инвернес Куриер“ објавил текст за тоа, а уредникот суштеството го означил како чудовиште. Илустратотот на весникот го прикажал со издолжен, тенок врат и митот за Лох Нес и за страшната „Неси“ бил роден. Останал до денешно време, како мистерија која многумина во изминатите децении се обидувале да ја објаснат, но останал повеќе како туристичка атракција.
Езерото (Лох на шкотски) се протега во должина од 36 км, со длабочина од 240 метри. Според својот волумен Лох Нес е најголемото во Велика Британија.