Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Српски свет“ и источно од Дрина

„Српски свет“ и источно од Дрина

На почетокот од август ,  Загреб и Белград ја одбележуваа операцијата „Олуја“ од 1995 година- Хрватска како операција за потврда на независноста, а српската страна како операција за етничко чистење и за протерување на  српското население од хрватската територија, на  собир  во Бања Лука,   српскиот претседател порача дека „Србија никогаш повеќе нема да им врти грб на Србите, западно од Дрина“.

Тоа значи на оние кои сега живеат на територијата на две независни држави- БиХ и Хрватска.

Во атмосферата на недоверба, на старите меѓунационални караници, без помирување со Хрватска, а со БиХ и без меѓудржавен договор за границата, во Загреб и во Сараево пораката на Александар Вучиќ беше примена и како закана, но  и како уште една промоција на т.н. „српски свет„ на кој се гледа  како на нова верзија на милошиќевото време.

Во путиновски стил

Пред крајот на август,пак, во екот на  билдањето на националистичката еуфорија во Белград-  за домашни потреби- тримесечната “шарена револуција“ , одбегнувањето да се нормализираат односите со Косово и покрај договорите од Брисел и Охрид и продолженото угодувањето на путинова Русија, предизвика отворање уште еден фронт  за „српскиот свет“. Овој пат , на другата страна- источно од реката Дрина – провоцирајќи ја , пред се,  Црна Гора, но и  Македонија.

Малата Црна Гора продолжува да живее во долгата политичка криза, која не се затвори ниту со претседателските, а ниту со предвремените парламентарни избори во јуни, од кога трае пазарењето за тоа како да се компонира влада .  Во таквите услови дури и новиот, велат просрпски,  црногорски претседател, предупреди на мешање од надвор ( од Белгард) при креирањето нова влада во земјата.

Според една поранешна изјава на Вучиќ , Србија (наводно) ја очекува тешка политичка есен, поради притисок од ЕУ/САД врз него за договор со Приштина и за санкции кон Русија, па веројатно и затоа-како одговор на се позачестените барања во Европа,  да се престане со попуштањето кон  Вучиќ,  и тој, п0 примерот на Путин   сега се  заканува со продлабочување на западнобалканската криза и отворање нови жаришта.

Против  Отворен Балкан

Со продлабочување на проблемите во веќе нестабилната Црна Гора, но и во Северна Македонија. Во македонскиот случај – со дестабилизација на меѓунационалните односи – барајќи и наоѓајќи сојузници во националистичата  вмровска опозиција која и самата дејствува на тој план- за да дојде на власт по секоја цена.

Изговор за нападот врз овие две држави, сосетки на Србија,  е најден  во Косово, каде тамошниот премиер – по принципот на врзани садови- се обидува да го копира вучиќевото однесување кое на Албин Курти му треба за пред неговите националистички  косовски гласачи.

„Не им се закануваме на Црна Гора и Северна Македонија, но веројатно не очекуваат да им бидеме благодарни што го имаат признаено независно Косово“- има речено Вучиќ .

Друга работа е зашто му беше потребно тоа предупредување, после се што се постигна- иницијативата  Отворен Балкан во која е и Албанија , која прва ја има признаено косовската независност,  како и после извонредните соседски односи меѓу Белград и Скопје ( од таму беа посочувани за пример), како и после српскиот притисок во иницијативата , која успешно се развива, да се приклучи и Црна Гора.

Обвинување по 15 години

Особено што брзо се виде дека станува збор за кампања, налик на онаа кон Хрватска. Тоа се покажа  откако се огласи и  министерот за одбрана Милош Вучевиќ кој само  ја продолжи истата приказна- обвинувајќи ги двете соседни земји  дека погрешиле.

За разлика од претседателот, министерот отиде понатаму, па ги обвини дека „ се имаат огрешено кон Србија ( за Косово) и дека може ( поради тоа) да ги задеси „украинската судбина“.

„Имате погрешено и тоа ќе ви се одмазди , како што и се враќа на Украина, затоа што го промовиравте Косово како независна држава“- има речено министерот за прорежимскиот тв канал Пинк. Инаку, станува збор за политичар познат во српската јавност по тоа што  минатото лето даваше изјави дека е – „непатриотски и антисрпски да се летува во Хрватска“.

Во секој случај, излегува дека Скопје и Подгорица се виновни  „виновни“ што ја прифатиле новата балканска политичка реалност и заедно со другите во ЕУ и во регионот, уште во 2008 година ја имаат признаено независнста на новата држава.

„Ни НАТО не ве спасува“

И тоа во времето на деспотијата во Македонија од страна на бегалецот, криминален поранешен премиер, кого токму српската тајна служба  го има безбедно  спроведено низ Србија, за да избега од Македонија, од затворот каде требаше да оди, во Унгарија на Виктор Орбан. Шеф на тајната служба на Србија во тоа време беше сегашниот српски министер за внатрешни работи.

Вучевиќ заканите кон Црна Гора и Македонија ги упатил “загрижен“ што Косово ќе се претворило во некаков „Пиемонт“ , преку кој ќе се создадела „голема Албанија“,  со делови од овие две држави, кои немало да ги спаси ниту членството во НАТО.

Човекот веројатно смета дека Србија треба да биде обединителка и да ги спасува сите каде има српска етничка заедница , иако при правењето на приказната за „големата албанска држава“ не ја споменува и Албанија. Веројатно затоа што  „српскиот свет“ не е во ред да се споменува и во врска со оваа држава со која, сега Србија, за прв пат во послеедните 80 години,  има навистина добри односи.

Делење на Косово

Сите овие елаборации на српскиот министер за одбрана  само се ехо на своевремено грубата реакција на Ивица Дачиќ, кон Скопје и Подгорица,  кога  тие се спривставија на неговиот план (подржан и од Хашим Тачи) да се раземни територија меѓу Белград и Приштина, за да се нормализираат односите  и за да се тргне српската блокада.

Со тој план, Србија требаше  ги земе кај себе трите српски општини на северот од Косово, а Приштина да добие неколку селски општини во Прешевска долина, но без Бујановац,  што веќе  сега е со мнозинско албанско население и секако- според шемата на Вучевиќ – би се нашле во „големата албанска држава“.

Дачиќ ( и тогаш шеф на дипломатијата), налутено им порача на Скопје и Подгорица – “ Кои сте бре вие да ни зборувате што е добро, а што не е, кога сте го признале Косово без да не прашате“.

Во кампањата од Белград, кон Македонија, брзо се вклучија елементи од милошиќевата српска социјалистичка партија кои се јавуваат како „загржени души за македонската судбина“.

Провокација и заканување

Се огласија и вмровските структури во Белград ( во името на некакво македонско здружение), кои наместо да се грижат за положбата и правата на етничките Македонци во Србија, се огласија со антиалбанска тирада, критикувајќи ја власта во Скопје. На тој начин. сликата за оркестрираната политичка кампања – без причина и без повод- на тој начин се комплетира.

Целата работа,  која во секој случај само ја поткошува довербата во регионот и го одалечува  од Европа, се верува дека е со намера да се отвори пат за уште посилно мешање во  Црна Гора, каде Белград тврди дека 30 отсто од населението се етнички Срби. Српската страна обвинува дека мандатарот за нов црногорски премиер, на локалните српски партии им давал само „периферни функции“.

Намерата ( велат во Подгорица) е во владината  коалиција да има место за просрпскиот и проруски Демократски Фронт- за да Белград може да се меша на црногорската  политика- како што тоа го прави и на северот од Косово. На „македонскиот народ, ако требало (Белград)  ќе му се извинел“ за зборовите на министерот за одбрана. И би требало да има извинување за државата, но провокацијата и заканувањето, сепак, остануваат.

(О.У.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе