Пилот починал за време на летот
Пилот на чилеанската авионска компанија ЛАТАМ починал за време на летот, откако имал срцев удар.
Веста за смрта на пилотот со долго летачко искуство, кој 25 години работел за компанијата, била потврдена и од управата на овој авио превозник. Во нивното соопштение се вели дека смрта била потврдена откако авионот примудно слетал на аеродромот во Панама.
Авионот „Боинг 787-9 Дримлајнер“ полетал од Мајами на Флорида во САД, за Сантјаго во Чиле. Во леталото имало 271 паници и членови на екипажот.
Инцидентот се случил на 14 август кога била подигната тревога, откако главниот пилот отишол во тоалетата и не се вратил.
Членови од посадата го откриле како без свест лежи на подот и веднаш се обиделе да му помогнат и да го освестат. Успеале само за кратко во тоа, но сепак се одлучиле да бараат дозвола за принудно слетување на некои од аеродромите кои им биле на трасата, за да се обезбеди лекарска помош за пилотот.
Во авионот имало уште двајца други пилоти, па леталото и патниците во него, во ниту еден момент не се нашле во опасност. Бил определен за слетување аеродромот во Панама, затоа што до Сантјаго имало уште три часа летање.
Резервната пилотска екипа слетала безбедно на панамскиот аеродром, каде чекала бројна лекарска екипа, за да му помогне на пилотот, но таа можела само да констатира смрт. Несреќниот летечки ветеран на чилеанската компанија починал од застој на срцето уште во авионот- соопштиле лекарите.