Лавицата од Берлин стана дива свиња
Полицијата во Берлин соопшти дека ја прекинала потрагата по една „одбегната лавица“ што траеше со денови, во јужните делови на германскиот главен град, откако се покажа дека „страшното диво животно“ не е лавица, туку дека (најверојатно) е дива свиња.
„Сметаме дека нема никаква опасност за луѓето и затоа ја прекинува потрагата„- изјавил пред локалните медиуми началникот на полиоцијата во малото место Клајманшав , во околината на Берлин, каде неколку денови владееше опсадна состојба, по пријавите дека е видена и снимена лавица, за која се тврдеше дека побегнала.
Прекината потрага
Полицијата, пак, сега објаснува дека според сите расположиви информации и сознанија било заклучено дека не се работи за никаква лавица, затоа што никој и од никаде нема пријавено бегство или исчезнување на едно вакво диво животно.
Се верува дека станува збор за дива свиња кои во голем број ги има во пошироката околина на Берлин, а се среќаваат и во некои од поодалечените предградија.Полицијата уште тврди дека во изминатите денови, исполнети со потрага, не се најдени докази за присуство и за движење на лавица во околината на Берлин.
Претходно неколкумина познати германски зоолози и експерти за голем дивеч имаат изјавено дека не веруваат во приказните за опасна лавица во околината на главниот град и дека целата атмосфера која е создадена ( со помош на медиумите) е претерана и дека е без основа.
„Најскапото сафари“
Во новонастанатата ситуација , некои ја исмеваат полицијата, а таа мора да објаснува и да ја оправдува големата потрага по „страшниот крволочен ѕвер „ но и да ги оправдува и големите средства потрошени за потрагата. Трагајќи по лавицата која стана дива свиња, полицијата има користено дронови и хеликоптери, но и оклопни возила.
Полицајците велат дека така морало да се дејствува за да се заштитат луѓето. Полицискиот синдикат, меѓутоа, остро ја критикува ваквата предиемзионирана и претерана потрага, оценувајќи дека залудно се фрлени големи пари.
„Ова е досега најскапото сафари што го има доживеано Германија“- рекол цинично лидерот на синдикатите во изјава за весникот „Билд“.