Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Преку Охрид до признавање на Косово од Србија“

„Преку Охрид до признавање на Косово од Србија“

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар , зборувајќи пред одборот за надворешна политика во Конграсот на САД, одново ја истакна определбата на сегашната администрација во Вашингтон дека Америка е силно посветена на конечното стабилизирање на регионот, на смирувањето на тензиите кои и понатаму го потресуваат, како и за континуираната интеграција во ЕУ.

Интеграцијата на која (во последно време) позасилено работи и Брисел, според американските гледања е во интерес и на самата Унија, како геостратешки партнер на САД. Но интегрирањето на регионот во ЕУ е неопходно и за зацврснување на демократијата и за владеењето на правото. Преку тоа  земјите од Западен Балкан  стануваат и побезбедни и попросперитетни, што  овозможува  регионот да стане безбедносен  и трговски партнер на САД.

Запрена демократија и национализам

Меѓутоа, и покрај определениот напредок и придвижувањето на регионот- и Америка и Европа согледуваат дека во земјите од Западен Балкан се уште има пречки врз процесите кои треба да го донесат регионот во Европа, каде и географски и политички припаѓа, ослободен од баластот на минатото и на проблемите и ситуациите кои се создаваат .

Тоа е, пред се, запрениот напредок во демократијата и во борбата со корупцијата, но и од се уште силно присутната  националистичка политика,  потоа од зависноста од руската енергија, како и од штетното влијание од надвор- од Русија и од Кина.

Покрај нездравата состојба во БиХ која , главно, ја предизвикува сепаратизмот на Милорад Додик  и неговото дејствување за отцепување на српската енклава Република Српска,  потикнувана од политиката на Москва за дестабилизација на Западен Балкан и намерата да се создаде поголема криза во регионот, сега е присутна и долгата политичка криза во Црна Гора, која со месеци е без влада.

„Ранлива членка“ на НАТО

И после претседателските и вонредните парламентарни избори, оваа малечка поранешна ЈУ република не може да обезбеди политичка стабилност.

За САД , Црна Гора е „ранлива членка“ на НАТО , иако дава силна подршка на борбата со корупцијата. ЕУ, пак, за прв пат ја остави Црна Гора надвор од последниот финански пакет од 2,1 милијарди евра за позабрзан развој на регионот.

Србија од друга страна, е во длабока политичка криза, која во Белград се оценува како најголема после соборувањето на режимот на Милошевиќ. Соочена со нејзината „шарена револуција“ и со се поотворениот судир на проевропска и прозападна Србија , наспроти онаа- конзервативната, националистичка, антизападна и силно проруска.

Во таква атмосфера целосно се запрени преговорите меѓу Белград и Приштина, а впечаток е дека како на српската страна тоа и да одговара за  да  може да ги одолговлекува разговорите за нормализација до недоглед.  Особено што сега во Приштина има премиер и влада на Косово кои како повеќе да се интересираат за нивниот политички рејтинг кај тамошните гласачи, отколку за реализација на она што е договорено и  ветено дека ќе се реализира.

Брисел и Охрид

На конгресмените , Ескобар сепак им има порачано дека САД ( како и ЕУ)  настојуваат да го ревитализираат тој процес.

Според него- „Охрид  ја отвора вратата за да Белград го признае Косово, а Приштина да ја формира Заедницата на српски општини (ЗСО) и од тоа нема да има отстапки, затоа што станува збор за договорени и дури за прецизирани работи.

Американскиот дипломат во својата елаборација пред Конгресот,  потсетил дека во февруари и во март беше направен пресврт во преговорачкиот процес- со спогодбата за патот за нормализација на српско/косовските односи ( во Брисел), а потоа се направи и анекс  за имплементација на договореното ( во Охрид), со кој е направена рамка ,според која двете земји треба да ги исполнат своите обврски.

Косово, според овие спогодби,  треба да ја создаде ЗСО ( прв пат договорена во 2013 година) за четирите општини  со мнозинско српско население , на северот од Косово, за да се зајакнат општините со обезбедување на некои од јавните услуги- во образованието и здравството и во локалниот економски развој.

Далеку од нормализација

Одборот за надворешна политика на американскиот Конгрес, од своја страна,  оценува дека состојбите на теренот се далеку од нормализацијата, а дека сегашниот пристап на САД не успева да ги натера и едната и другата страна да ги намалат тензиите во односите кои се пренесуваат и на регионот.

Овој одбор , на пример, кој го предводи републикански конгресмен и забележува на администрацијата на Бајден што нема реагирано многу поостро на ситуациите кои ги создава Белград , посебно врзани за настаните со демонстрациите на северот од Косово и тогаш прикажаното насилство.

Ескобар, пак, го брани американскиот пристап и притисокот врз две страни, уверувајќи дека не треба да се разурне она пто е договорено.

Тој потсетува дека Белград и Приштина веќе се имаат сложено – меѓусебно да ги признаваат документите кои ги издаваат двете земји, но и за почитување на нивните национални симболи. Посебно е важно што српската страна се има согласено дека нема и понатаму да лобира против приемот на Косово во меѓународните организации.

Засилено европско интегрирање

Но, откако се постигна тоа и се мислеше дека работите полека тргнуваат до крајната цел- нормализација на односите, избувнаа серија провокации ( од двете страни) како и ескалација на веќе создадеите тензии, што експлодираше со неприфатливото насилство кон војниците на КФОР.

Сега и европските дипломати (Мирослав Лајчак) а и Американската страна работат зад сцената за враќање на преговорите и за остварарување на она што се бара и од двете страни. За почеток – повторување на локалните избори во српските општини  на северот од Косово, но со учество и на српските гласачи. Тие на априлските избори, по налог на Белград, ги бојкотираа првите избори.

Од Приштина и Белград – и Ескобар, а и ЕУ- пред се, бараат враќање кон она што е договорено во Брисел и во Охрид.

Во вакви услови , кога станува збор за ситуацијата околу Косово, но и за целиот регион,  за Ескобар е многу важно да се засили и забрза трансатланската и европската интеграција на Западен Балкан.

Русија и Кина закана за регионот

За американскиот дипломат тоа е важно за борбата со штетното, малигно влијание од Русија, но и од Кина, но и за пресметката со локалните, регионални корумпирани  актери кои се обидуваат да го дестабилизираат регионот.

Русија со својата политика , во секој случај, останува главната закана за безбедноста на Западен Балкан. Меѓу другото и со ширењето на отровната кампања со лажните вести и со дезинформациите.

Како за состојбата во и околу Украина и наметнатата војна од страна на Москва, така и за внатрешните состојби во сите  земји од регионот  Посебно кога станува збор за меѓунационалните и за религиозните теми од кои преку локалните медиуми се создаваат политички проблеми, особено со создавањето недоверба кон властите.

Кина , пак, дејствува посуптилно од Русија, но и таа работи на линијата да се поткопува довербата кон Западот ( за што дава пари во медиуми во регионот, меѓу кои е и Македонија). Целта е  да ги покрива досегашните и да ги брани идните корумпирани и корозивни инвестиции кои од државите создаваат заробеници на Кина.

(С.Г.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе