Чај за двајца во Кремљ
Водачот на паравоената војска „Вагнер“ Евгениј Пригожин изминатите денови бил во Кремљ и пиел чај со рускиот претседател Владимир Путин- открива британската ТВ станица Скај Њуз, повикувајќи се на разузнавачки сознанија.
Веста која медиумите ја пренесуваат како „шокантен податок“ – имајќи ги во предвид случувањата од 23 и 24 јуни кои за момент ја потресоа Русија, поради бунтот на вагнеровци и на нивниот водач- на некој начин ја има потврдено и директорот на британската тајна служба МИ6 Ричард Мур. Тој има речено дека „станува збор за интересен развој на настаните“, затоа што пред три недели Путин го прогласи Пригожин за „предаввник“ кој дејствува против руските интереси.
„Овие работи се вистинска мистерија дури и за мене“- рекол Мур, објаснувајќи притоа дека – „за време на појадокот Пригожин беше предавник, на пладне, за време на ручекот веќе беше помилуван, а сега е повикан на чај кај шефот на државата„.
Пуч или претстава
Бунтот, што уследи после цела серија јавни критики и дисквалификации на воениот врв на Русија, од страна на Пригожин, а пред се на министерството за одбрана и на министерот (Сергеј Шојгу) и на началникот на генерал-штабот (Валери Герасимов), беше и остана нејасно што навистина се случуваше.
Трупите на „Вагнер “ без борба освоија еден за Русија и за војната во Украина витален град- (Ростов на Дон) по што на 24 јуни тргнаа кон Москва. Тргнаа кон главниот руски град – за да се „пресметаат со неспособните генерали кои сакаат да го уништат „Вагнер“.
На тој пат ( практично) никој не ги запре, а никој ниту ги напаѓаше за да се одбрани Москва, освен што беа правени препреки на патот по кој се движеа вагнеровци. Но, на 200 км пред главниот руски град, тие наеднш застанаа и тргнаа назад. Објаснувањето за јавноста беше дека – паравоените сили не сакале да војуваат против руските војници.
Обвинети па помилувани
Вагнеровци беа прво обвинети, па веднаш потоа помилувани, Наместо да се вратат во Ростов и Воронеж, а од таму назад во Источна Украина, на првата фронтовска линија, каде беа со месеци пред тоа, беа дислоцирани во Белорусија (веста се обелодени откако сателитските снимки открија изграден воен логор на белоруска територија). Пригожин, пак, беше испратен во Минск, во егзил, кај најлојалниот сојузник на Путин, белорускиот претседател.
Се разбра дека „не стои“ и првичното обвинување од Москва, на кое побрзаа да се „залепат“ некои западнобалкански лидери- дека бунтот, всушност, е „западно масло“. Американците открија дека целото време, додека се случуваше бунтот, биле во контакт со руските тајни служби , уверувајќи ги дека САД и Западот немаат ништо со случувањата во Русија.
Пригожин, во меѓувреме, не остана долго во Минск и со својот авион истиот ден се има вратено во Москва. Брзо се разбра дека тој со 35 команданти на „Вагнер“ бил на средба со Путин , на разговор за она што се случи и за тоа што и како понатаму.
Чистка во армијата ?
Шојгу и Герасимов ( засега) и натаму се на своите позиции во владата и војската, но го снема само генералот Сергеј Суровкин кој ( само три месеци) беше на челото на воената команда на фронтот во Источна Украина.
Тој е осомничен дека го подржал Пригожин и дека заедно со уште десетина други генерали , застанал зад бунтот на „Вагнер“ – што доколку е така- излегува дека навистина имало обид за воен удар во Русија.
Во една ваква ситуација, кога ништо не се знае што е со Суровкин, познат во руската јавност како „генералот Армагедон“ , ниту дали навистина има чистка во врвот на армијата, не се знае ниту што навистина се случува со Пригожин и каде тој се наоѓа.
Затоа и веста за „чајанката“ во Кремљ, на која тој и Путин разговааат пиејќи „руски чај“- делува „шокирачки“ и е за неверување, без разлика што се уште нема „пресуда“ за тоа што се случуваше во Русија , пред крајот на јуни.
„Пригожин во животна опасност“
Останува, затоа, дилемата – дали вагнеровци се имаат преценето и дека запреле во походот кон Москва кога разбрале дека ја немаат генералската подршка за правење воен бунт . Или пак дека Путин го искористи својот некогашен близок човек, со кога го има создадено „Вагнер“ за прорускиот бунт во Донбас, во 2014 година и за воените интервенции во странство, за да ги предупреди Шојгу, Герасимов и тие околу нив , да не дигаат глава и да немаат политички амбиции.
Доколку оваа верзија е точна , излегува дека во воено-политичкиот врв на Русија има силни бранувања и борба за позиционирање за пост-путиновиовото време, што може да уследи по војната во Украина. Тоа, меѓутоа, не го прави Пригожин некаков клучен играч , а уште помалку го прави да се чувствува мирен и безбеден. Од било која страна тој сега е изложен на заканата да го снема.
Минатата недела, на пример, и американскиот претседател Џо Бајден има речено дека водачот на „Вагнер“ можеби е во животна опасност за она што го направи. „Јас би бил многу внимателен (на неговото место) за тоа што јадам. Многу би внимавал на јадењата кои се нудат“- рекол Бајден.
(С.Г.)