Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Затвор за чкртање по Колосеумот во Рим

Затвор за чкртање по Колосеумот во Рим

Во Италија е покрената потрага по  туристот кој е снимен додека го шкрта своето име и името на својата девојка, на ѕидот на Колосеумот во Рим. Во Италија тоа е сериозен престап за кој следува мошне висока казна- парично до 15 илјади долари, или до пет години затвор.

Тревогата е покрената откако на една од социјалните мрежи се појави фотос на кој насмеан млад човек шкрта, со некаков остар предмет, порака на Колосеумот. Пораката е едноставна- „Иван и Хејли- 23“, но италијанското министерство за култура има побарано од полицијата – да го пронајде младиот турист и да го казни.

Сето тоа се случува во време кога жителите на Рим и локалните власти се жалат на однесувањето на „ордите“ од туристи кои годинава го имаат преплавено италијанскиот главен град.

Недостоинствено однесување

Министерот за култура Џенаро Санџулијани остро ја има осудено постапката на младиот Иван.За  министерот ова е огрдување на две илјади години стариот амфитеатар.

„Станува збор за едно недостоинствено однесување и за чин на нечовечност“- рекол министерот Санџулијани , изразувајќи надеж дека „виновникот ќе биде откриен и казнет според италијанските закони“.

Според медиумите, овој инцидент е четвртиот по ред забележан во оваа година, со испишување графити или со гребаници по ѕидовите на Колосеумот што неколку години се реновираше и за што се потрошени големи пари.

Реагираше и министерството за туризам со изјава дека овие работи мора да се санкционираат, за да секој може да ја сфати тежината на постапката, оценувајќи дека ваквите инциденти претставуваат непочитување на италијанската култура.

Рекорден број туристи

„Едноставно, не може да им се дозволи на оние кои доаѓаат во Италија како гости и туристи, да се однесуваат на еден ваков начин“- има речено италијанската министерка за туризам Даниела Сантанче.

Во 2014 година, еден руски турист бил казнет со 20 илјади евра и условна затворска казна од четири години, затоа што на еден од ѕидовите на Колосеумот има гравирано голема буква „К“. Во следната, 2015 година, двајца Американци, исто така, остро се казнети за врежување на своите имиња на стариот споменик од античко време. За Иван , пак, се знае дека потекнува од Балканот- роден е во Бугарија, но сега таму не живее.

Италија оваа година се предвидува  да забележи рекорден број туристи, со што ќе се надмине претходниот рекорд од 2019 година, пред избувнувањето на корона-пандемијата.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе