Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Путин: Обид на Вагнер за државен удар во Русија

Путин: Обид на Вагнер за државен удар во Русија

Тензиите меѓу паравоената, платеничка група Вагнер и Кремљ прераснаа во саботата, рано наутро, во отворен воен конфликт, откако вагнеровите сили навлегоа во градот Ростов на Дон и  го имаат под своја контрола, после повлекувањето од Украина.

Водачот на групата, Евгениј Пригожен потврди дека го има запоседнато седиштето на воената команда на руската војска во градот, од каде, инаку, се надгледува воената ситуација на украинската територија.

Тој, меѓутоа, во првата порака за руската јавност има речено дека – „Не станува збор за вооружен бунт, ниту за воен удар, тука за марш ( на вагнеровци) за правда и правдина“.

Најголем предизвик досега

Точно на 15-от месец од започнувањето на руската инвазија врз Украина, Русија објави дека почнува специјална воена операција, овој пат,  на својата територија, во областа Вороњеж која се граничи со Украина и е одалечена 600 км од Москва, по обвинувањето дека Пригожин и Вагнер се обидуваат да извршат државен удар.

Целата ситуација доби на драматичност , кога во раните утрински часови во саботата на јавноста и се обрати претседателот Владимир Путин. Aкцијата на вагнеровци ја има опишано како обид за пуч и како „нож во грбот на Русија од страна на Вагнер“. Притоа, го обвини Пригожин за предавство на Русија, поради неговите, како што има речено. преголеми амбиции.

Обрќањето во живо, од Кремљ, дојде после тешко поминатата ноќ, што се означува како исклучителен предизвик  и како ситуација без преседан за режимот , во досегашното  23 годишно лагодно владеење на  Путин. Особено што според него,  овој пат станува збор за – смртна закана за Русија.

Освојување на Ростов на Дон

Пригожин, пак, од Ростов се огласи со порака дека градот и неговите сили сега се под негова команда, а дека Вагнер го има под своја команда и локалниот аеродром. Сведоци имаат изјавено дека во градот и низ улиците се движат тенкови, но засега нема сознанија за  пресметка меѓу спротивставените страни.

„Нека биде јасно, ние сме спремни да уништиме секој што ќе се обиде да ни се спротивстави и ќе застане на нашиот пат“- има предупредено Пригожин.

Ваквата самоуверена изјава доаѓа откако медиумите во Русија објавија дека во градот Ростов, во околните места и во целата област Вороњеж е прогласена вонредна состојба, иако за тоа не се даваат никакви други детали.

Но, се јавува дека под таков безбедносен режим била ставена и Москва. Посебно кога се раширија информации за тоа дека другиот дел од силите на Вагнер се имаат упатено – северно од областа  Вороњеж – па, од тоа се извлекува заклучокот дека се упатуваат кон главниот град.

Пригожин контра Путин

Засега меѓутоа, нема информации за судири, иако од армиските редови се слушна дека брзо ќе ја доведат ситуацијата во ред и дека ќе им се запре патот на „вагнеровци“. Се верува дека и двете страни „тренираат строгост и одлучност“, а дека  Вагнер делува како да не  покажува намбиции за движење понатаму. Она што се очекува е интервенција од руската  Национална гарда и на специјалните сили.

Прашање е само колкава е вистинската сила на Вагнер и дали Пригожин, навистина, може да го собори Владимир Путин, со целата авторитарна моќ и со подршката ( за која се верува) дека се уште ја има во Русија. Нејасно е и тоа како „вагнеровци“ воопшто успеале да навлезат и да освојат еден град каков што е Ростов на Дон и уште да ја стават под своја контрола воената команда.

Она што се знае за Вагнер  е дека располага со 25 илјади луѓе под оружје, што е бројка која не треба да се потцени. Но, останува дилемата – на кого тоа смета како за свој  сојузник Пригожин кога зборува за влегување во Москва и за некаква конечна пресметка.

Обид за пуч и пред 30 години

Како и да е, во очекување на руската контра-реакција, најавена од Путин, ова е најголемиот предизвик- политички и безбедносен- за Русија по многу години.

Последен пат, обид за државен удар имаше во 1991 година, кога конзервативните сили и старата комунистичка олигархија се обидоа да го соборат првиот и последен претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов- несогласувајќи се со неговата либерална политика –  со гласноста и со перестројката во економијата.

Од таа, се покажа, неуспешна операција  се офајди само Борис Елцин кој не го бранеше толку Горбачов, колку што настојуваше да се истакне себе си, како единствениот кој може да ја предводи државата.

Успеа да го задуши пучот, но многу брзо по тоа ( со лидерите на Украина и Белорусија) се договори за распад на СССР и за тоа сите екс советски републики, како независни држави, да тргнат сами по својот пат. Тој стана претседател на Русија.

(С.Г.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе