Дезинформации за „перење мозоци“
Една година и половина од руската инвазија врз Украина и покренатата војна за освојување на нејзината територија, Европа се соочува со феноменот на пропагандата, со пласирање лажни вести и дезинформации, каква досега не е забележана.
Имало и порано слични состојби, посебно во времето на Студената војна. Но, дури војната ја покажа убиствената моќ на ширењето лаги, измислени ситуации и на дисквалификации на луѓе и држави , што на теренот- кај она што се нарекува јавност-стана погубно, колку и оружјето на украинскиоте фронтови.
Обемот на руските дезинформации во овие 15 месеци војување, не може прецизно да се измери, но експерти оценуваат дека станува збор за остра битка- во кое главната цел е да се уверат руската и странската јавност дека во оваа војна Русија не е освојувач и уште помалку окупатор, туку дека е жртва.
Односно, дека НАТО и се заканува на Русија, со цел да ја окупира нејзината територија , па дека затоа руската страна ја започнала инвазијата- за да го попречи тој (наводен) „пеколен план“.
Русите и натаму подржуваат војна
Ланите вести од фронтот и околу него , затоа, станаа составен дел на воените операции, посебно во неделите пред најавуваната украинска контраофанзива. Една таква ситуација беше руската пропаганда приказна за нападот со дронови врз Москва, па уште во близина на Кремљ.
На таа линија треба да се гледа најновото истражување на рускиот Левада центар, кој (инаку) од Кремљ е означен како „странски агент“. Од истражувањето за мислењето на Русите за инвазијата и за војната се открива дека мнозинството од руската јавност и натаму ја подржува политиката на Владимир Путим кон соседна Украина.
Дури 43 отсто и дава подршка на војната, 33 отсто рекле дека „секако ја подржуваат војната“ , а 10 отсто од т.н. „Патриоти Z” сметаат дека Русија треба да фрли атомска бомба врз украинската територија- за да се предадат и да капитулираат Украинците.
Не е мал бројот на оние кои не се согласуваат со војната, но стравот , општествената положба, како и руската традиција- да се биде на страната на руските војници и кога таа војна е неправедна- влијае само 20 отсто тоа да го признаат во една јавна анкета.
Криење на бројот на загинатите
Сепак. на прашањето- дали да се продолжи со војната, или да се преговара- 48 отсто се изјасниле за првата опција, додека другите биле за почнување преговри. На прашањето, пак, за тоа да се оцени досегашниот тек на војната, само 12 отсто рекле дека таа е успешна за Русија, а 49 отсто се определиле за „делимично успешна“ Други 28 отсто сметаат дека војната досега е неуспешна, или релативно неуспешна.
Ваквото изјаснување се оценува дека е последица на упорното и долготрајно „перење мозоци“ во руската јавност.
Меѓутоа, домашни и странски експерти укажуваат и на три други моменти- социјалната интервенција на државата, потоа запирање на планот за нова мобилизација, после бегството од над 150 илјади руски граѓани во странство, како и сокривањето на бројката на загинатите војници.
За жртвите на фронтот никој не зборува, а власта такви бројки не објавува. Но, според квалификувана проценка (домашна и странска) бројот на загинатите, за 15 месеци војување е многу поголем од трагичниот биланс за десете години советско војување во Авганистан, во осумдесетите години на 20 век.
Приказни за руската благосостојба
Затоа , пропагандата продолжува да ја шири приказната за добрите перформанси на руската економија, за ненарушената благосостојба , како и за тоа дека „Западот ништо не и може на Русија“ .
Притоа, продолжувајќи со уверувањето за наградата што на крајот ќе се добие- повторното создавање на територијата „Новорусијск“ – како во црските времиња , кога била создадена „Новарусија“ , на просторот што досега го има окупирано и анектирано путинова Русија- заедно со Одеса.
На ваквата истражувачка работа на Левадија центарот, се надоврзува извештајот на “Fix Foundation” – европска агенција за надворешни работи кои се однесуваат на манипулацијата со странските информации.
Агенцијата посочува дека Русија со години ги има насочено сите свои ресурси за дискредитација на Украина, откако таа почна да покажува интерес за излегување од руското вазалство, но и кон земјите кои Москва ги третира како непријатели.
Украина главна цел
Тоа го прави преку своите медиуми, но и преку купување и инфилтрирање во странски медиуми, за да и служат на руската кауза- со пласирање дезинформации и неточни и лажни вести.
При тоа, како цели против кои е насочена руската пропаганда се земаат земји, организации и поединци. Украина и Володомир Зеленски , владата во Киев и украинската војска се главна цел на сите дезинформации и дисквалификации од страна на Москва.
Но, не се штеди пропагандна муниција ниту за сојузницитете на нападнатата држава- за ЕУ, за која Путин од пред десет години има определено дека Унијата, а не НАТО е главната закана за Русија. која Алијансата, исто така е цел на валканата пропаганда само затоа што за НАТО, како некаква закана за Русија, се зборува уште од времето на комунистичкиот СССР.
Според Fix Foundation регистрирани се пет главни наративи на кои се гради кремљовската антиукраинска и антизападна пропаганда, со помоѓ на фабрикувани и лажни вести.
Киев „извршил агресија“врз Русија!
Првиот наратив е дека Западот е агресорот кон Русија, односно дека само Западот е виновен за непријателството меѓу Русија и Украина, па според тоа е виновен и за инвазијата и за војната. Намерта била- да се профитира од војната во која Москва-божем – „морала да се брани“.
Вториот е дека – и Украина е агресор кон Русија- што е веројатно најголемиот доказ дека руската пропаганда верува оти и се обраќа на маса со „испрани мозоци“. Поинаку и не може да се објасни приказната за наводната, украинска „агресија“ .Од ова треба да произлезе дека на 24 февруари 2922 година, украинската војска извршила „агресија“ врз Русија, освојувајќи ја нејзината територија, а не дека Русите 15 месеци ја парчосуваат Украина.
Ваквото смешно измислување, сепак, има друга цел. На домашната јавност која верува во она што Кремљ ќе и пласира, треба да и се внесе во меморијата дека Украина ја има испровоцирано инвазијата и војната, а дека сега има намера да употреби против Русија и нуклеарно оружје.
Ваквиот невистинит наратив е започнат уште од 2014 година, по првата руска агресија врз украинската територија, од кога Кремљ и Москва почнаа да ја квалификуваат власта во Киев- како режим.
Лицемерието на кремљовската пропаганда
Третиот пропаганден наратив е дека санкциите на Западот кон Москва се без ефект и дека ЕУ, Западот и оние кои се негова страна, сега живеат, безмалку во беда и немаштина без рускиот гас и нафта , дека наводно го изгубиле својот поранешен лагоден живот, за разлика од Русите кои продолжуваат во својата благосостојба.
Четвртиот наратив тргнува од тоа дека – Западот бил лицемерен , а дека западните земји се корумпирани , колонијалистички и шират русофобија- за да може да ја казнуваат Русија која била натерана да војува, што ќе рече и да грабне туѓа, украинска територија, прогласувајќи ја за своја, руска земја.
Пропагандистите во прокремљовските медиуми, меѓутоа, не објаснуваат како и зошто сите синови и ќерки на руските врвни политичари, вклучувајќу ги и ќерките на Владимир Путин живееја на Западот (до санкциите) – во скап и лагоден живот, во богатство несразмерно на стандардот што го нуди Русија. Некои од нив јавно давајќи изјави дека не сакаат назад дома, наместо да одат да живеат на Истокот- во Кина, или Монголија на пример, или во Казахстан и Узбекистан, за да не се соочат со западниот „колонијализам“.
Конечно, петиот пропаганден наратив е насочен за да се прикаже Украина како националистичка и терористичка држава.
Пробив во Европа
Ваквата дисквалификација на соседната држава, е покрената уште пред десет години, кога беше тргнат од власт прорускиот човек во Киев, Виктор Јанукович, откако го блокираше договорот за економска соработка на Украина со ЕУ, што инаку го прифатија и тогашната ( проруска) влада и Парламентот. Ниту се споменуваше тогаш влез во ЕУ, а уште помалку се зборуваше за НАТО.
Кога Москва не успеа да ги одбрани своите позиции во Киев, започна кампања за тоа дека киевската револуција за достоинство е под влијание на „националисти и нацисти“.
За домашната јавност и за русофилите низ Европа, а посебно за оние на Западен Балкан, тоа беше доволно да се поверува дека тоа е така. Податокот – верификуван и од ОБСЕ за изборите во 2о19 година- дека украинската ултра десница има освоено едвај 2 отсто од гласовите- останува без ефект.
Руската пропаганда, низ лажаните вести, измислените стории и големата маса дезинформации, сепак, успеа да се пробие на европскиот континент и да најде публика и подржувачи на измислената приказна за украинската вина. Излегува дека Украина требаше да се предаде после три денови од инвазијата, да капитулира и да се врати во руското царство на Владимир Путин.
(С.С.Г.)