Еко-катастрофа на украинскиот јужен фронт
Намерното пробивање и уништување на браната на хидроцентралата Каховка , на југот од Украина, веќе има добиено катастрофални размери со поплавувањето на голема површина населена територија во областа Хершон .
Многу е веројатно дека извршената диверзија ќе остави тешки последици врз целиот агро- сектор во ова традиционално земјоделско подрачје по течението на реката Дњепар, а тоа (веројатно) на неколку години да предизвика застој во одгледувањето на житните и индустриските култури. Но, сигурно е дека сето тоа ќе предизвика и еколошка катастрофа во поширокиот регион.
Некои веќе ја нарекуваат новиот Чернобил, како мачно дополнување на и онака намаченото украинско население кое 16 месеци се соочува со инвазијата на руската војска и со војната која Русија и ја наметна на соседна Украина- без Москва да биде на било каков начин испровоцирана.
Настрадани многу руски војници
Во воените услови во кои подолго време се наоѓа Херсонската област, што Владимир Путин си ја припои за себе, прогласувајќи ја за територија на Русија, иако нема целосно контрола врз неа, како жртви на надојдените води на реката, ослободени од акумулацијата, настрадаа многу руски војници, неможејќи на брзина да се повлечат.
Затоа, пак, сега забрзано се префрлаат на нови позиции, повлекувајќи се меѓу пет и 15 км. Тоа , според украинската воена команда, ги има преполовено руските гранатирања на во овој регион.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски кој во четвртокот беше во посета на поплавените подрачја , подоцна , на Телеграм има напишано дека разговарал со луѓето од поплавената зона за тоа како да им се помогне и кои делови целосно да се евакуираат.
Засега, само се знае дека 600 квадратни километри од регионот се поплавени- најголемиот дел во руската окупациона зона од левата страна на Дњепар.
Најмалку две илјади лица го имаат напуштено ова подрачје, бегајќи во другите делови од Украина , а се зборува и за десетици загинати или исчезнати цивили.
Меѓусебни обвинувања
Во меѓувреме, Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за уништувањето на браната на ХЕЦ Каховка, што Украинците го означуваат како терористички напад од страна на Русија, извршен во вторникот во 02,30 часот по полноќ.
Од руската страна се тврди дека Украинците ја разурнале браната. Наводно, за да предизвикувајќи поплава -„ го покријат срамот за брзиот неуспех на нивната контра-офанзива.“ Како што сега стојат работите на теренот, но и на фронтот, повеќе изгледа дека Русија стои зад диверзијата.
Според некои воени експерти, со предизвикување големи поплави, уште на самиот старт се пореметува долго најавуваната украинска пролетна контра-офанзива. Повеќе од два месеци неа ја навестуваат дури и воинствените, пропутиновски воени блогери кои бараат- не Киев, туку Москва да тргне во контра офанзива и на тој начин да ги прегазела и Украинците и власта во Киев.
Русија не прифаќа одговорност
Но, без разлика што повеќето експерти се со едно вакво мислење, другите, поучени од минатогодишната експлозија на гасоводот „Северен ток“ во Балтичко море, за што се уште точно не се знае кој ја има предизвикано, некои експерти настојуваат да утврдат кој има полза од уништената брана на ХЕЦ Каховка.
Особено што Москва како за случајот со гасоводот , така и сега тврди дека таа не е виновна.
Во случајот со Каховка, пак, таа има барем две објаснувања кои може да и дадат за право, бидејќи им нанесуваат штета на руските интереси.
Поплавувањето на просторот низводно, по течението на Дњепар ја присилува руската страна да ја евакуира својата војска ( и цивилите) подалеку, односно на истокот, од реката.
Второто објаснување е дека уништувањето на браната може да влијае врз водоснабдувањето на Крим- територија што Русија ја окупира, а потоа и анектира во март 2014 година. Од тогаш за Москва полуостровот стана исклучително важна територија, за која со Киев жестоко се спорат, бидејќи двете страни ја сметаат само за своја.
Невозможна мисија
Но, пробивањето на браната се случува во време на војна во Украина и во периодот кога се очекуваше украинската офанзива, за која некои воени експерти велат дека е почната, иако Украинците за тоа не даваат никаква потврда.
А, тоа значи дека за да успее офанзивата, потребно е да се прекине контролата што ја има Русија врз делот од територијата што ја има запоседнато во текот на минатата година, преку која Крим се поврзува со Донбас , на украинскиот Исток.
Доколку Украина може да најде начин да ја пробие таа руска одбранбена линија, јужно од Запорожје, па ја подели на два дела, тогаш би можела да го изолира Крим и да си обезбеди за себе голема стратешка победа.
Русите , секако, го знаат тоа , па не сакаат да доживеат ново понижување , откако се вовлекоа во војна на која не и се гледа крајот, наместо планираната „ воена интервенција“ во траење од пет до десет денови. Затоа, во изминатите месеци имаат изградено силно утврдување на таа линија.
Во секој случај само со една цел- за да го спречат напредувањето на Украинците кон Азовско море.
Пореметување на плановите
Таквата состојба на теренот ја знаат Украинците, па затоа е тешко да се поверува дека би тргнале, онака безобзирно, со својата војска на западната страна од таа одбранбена линија. Без разлика што – сосема разбирливо- Киев ги чува во строга тајност своите планови за офанзивата, држјќи ја на тој начин Русија во неизвесност.
Како и да е, пробивањето и уништувањето на браната Каховка, максимално ја компликува ваквата опција за укринската контра-офанзива.
Дњепар е широка река и без надојдените води на акумулацијата , па префрлањето цела една оклопна бригада преку реката, изложена во исто време, на силен руски артилериски и ракетен оган е и исклучително тешко и многу опасно за изведување.
Особено што по пробивањето на браната, левиот, источен брег – наспроти градот Хершон, практично, е недостапен за украинските оклопни единици.
Сличност со 1941 година
Освен ова објаснување, во прилог на уверувањето дека Русите ја имаат уништено браната – за да ја попречат офанзивата на противникот – оди и еден историски податок од 1941 година.
Тогаш советската војска има уништено брана на истата река Дњепар, за да го запре напредувањето на нацистичката војска која незапирливо се движела кон Москва и кон Сталинград.
Повеќе илјади лица- советски граѓани, настрадале во таа- велат самоубиствена – операција изведена по налог на Јосиф Сталин, во големите поплави што биле притоа предизвикани.
Сличноста со сегашната операција изведена врз браната на ХЕЦ Каховка, наведува на „руско масло“ во изведената диверзија, уште повеќе што претходно Русите ја повлекоа црноморската флота од Крим.
Во секој случај, без разлика кој го има изведено уништувањето, воени експерти за британскиот Би-Би-Си проценуваат дека сега е целосно пореметена ситуцијата на теренот. Тоа ги присилува и Русија и Украина да мора да се прилагодат на новите услови.