„Оживеан“ фараонот Тутанкамон
Еден меѓународен научен тим успеа да го „оживее“ фараонот Тутанкамон, еден од најпознатите во историјата на стариот Египет. Со помош на дигитален модел наушници од Австралија, Бразил и Италија успеале да извршат реконструкција на лицето на фараонот, користејќи го за тоа неговиот мумифициран череп.
Она што притоа откриле било младешкото лице на фараонот кој умрел како тинејџер, пред повеќе од три илјади години. Еден од експерите изјавил за британски медиуми дека „оживеале“ нежно лице на млад човек од она време.
„Наликува како да станува збор за млад ученик-средношколец , а не како политичар и одговорен лидер кој предводел една држава„- има речено бразилскиот експерт Сисеро Моралеш.
„Детето- фараон“
Тутанкамон кој во денешниот современ свет и меѓу историчарите е познат како „детето- фараон“ е откриен со многу злато и драгоцености, во уметнички обликуван саркофаг, во египетската „Долина на кралевите„- северно од денешниот египетски град Луксор, од британскиот археолог Хауард Картер, во 1922 година.
Она што експертскиот тим сега го има направено тие го опишуваат како- детективска работа, правејќи 30 модели на череп, на кои потоа додавале усни, позиција на очите, висината на ушите и на носот, користејќи при тоа бројни информации кои ги имале за младиот фараон и за неговиот живот и неговото однесување.
Не е прв пат научниците да се обидуваат да го реконструираат лицето на овој фараон и тоа еднаш било направено во 2005 година. Сегашниот тим признава дека има многу сличности меѓу таа реконструкција и оваа денешната, особено што и двете се вклопуваат во историските опишувања за тоа каков бил и како (можел) да изгледа Тутанкамон.
Откривањето на неговото мумифицирано тело во речиси неоштетениот гроб, пред 101 година, се смета за едно од најзначајните археолошки откритија на сите времиња. Ова откритие им има помогнато на археолозите кои ги испитуваат античките артефакти да утврдат и да разберат што се случувало во стариот Египет.
Мистерија стара 3000 години
Тутанкамон кого во истријата го знаат и како Тут, бил фараон- апсолутен владетел на Египет од тие времиња. Како и сите фараони, пред и по него, и тој собирал даноци, спроведувал закони и ја предводел египетската војска во војните.
Познато е дека владеел како момче- тинејџер . На престолот бил поставен како деветгодишно дете ( околу 1322 година пред нашата ера). Меѓутоа, владеел кусо време и умрел (или некои велат бил убиен) кога имал само 18 години. Повеќето научници веруваат дека , сепак, починал откако се заразил со маларија.
Со векови потоа, неговиот гроб останал сокриен и сочуван. Кога е откриен, малиот простор бил преполн со богатство. Картер и неговите луѓе откриле над 5400 разни скапоцени предмети, меѓу кои и познатата посмртна маска направена од злато.