Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Европа, сега !

Европа, сега !

Во Словенија, веднаш по нејзиното осамостојување, под слоганот – „Европа,сега“-оваа поранешна ЈУ република тргна по патот кон Европа и во мај 2004 година стана членка на ЕУ.

Од есеноска и Црна Гора (независна држава од 2006 година) создаде движење, водено од овој слоган и за кусо време ги доби локалните избори во Подгорица, а што е позначајно, на претседателските избори – кандидатот на ова движење успеа да го порази вечниот Мило Ѓукановиќ кој 33 години беше во власта. Во Брисел сега велат дека најмалечката екс ЈУ република е пред сите други  од Западен Балкан  и покрај долгиот застој  што го има во тој процес.

Македонија, пак, 30 години нема вакво движење, а нема ни партија со силно изразена проевропска определеност.

Откажување од стратегијата

Иако токму македонските граѓани уште набргу по излегувањето од поранешната заедничка држава, речиси плебисцитарно се опредлија за  европскиот курс- за членство во (тогаш се уште) ЕЕЗ и НАТО. Тоа стана и стратегија на државата, во времето кога  Црна Гора беше дел од милошиќевата „мини Југославија“, а Хрватска беше заглавена во граѓанска војна.

Не само што не се градеше пат за остварувањето на стратегијата на државата, туку се играа политикански игри  во кои се продаваше лажен патриотизам и се билдаше национализам ,  обвинувајќи ја Европа дека – „не ја сака Македонија“. Не трудејќи се да се исполнат задачите кои ЕУ ги имаше поставено пред сите од Истокот на Европа.

Тоа траеше  се до доаѓањето на Зоран Заев на чело на социјалдемократите, кога се создаде и влада која вистински застана на курсот кон Европа. За почеток – разрешувајќи ги пречките на тој пат, а пред се, работејќи на средување на односите со соседите, со елиминација на некои состојби од минатото.

Градење поделби и омраза

Во Словенија, пак, веднаш се тргне по европскиот курс, со измирување со соседите и со работа на исполнување на задачите дадени од ЕУ. На тој курс,  тамошните партии веднаш изградија консензус, па сите  – како оние од левицата и од десницата, така и оние со граѓанска и  со националистичка идеологија- создадоа единство на патот кон Европа. Колку и да мораше да се прифатат некои  „тешки“  европски барања.

Во Македонија , меѓутоа, се влечеа некакви „линии“ преку кои (наводно)  нема минување. Во исто време, тие кои поставуваа пречки на патот  кон ЕУ, создавајќи лажна слика за „загрозеност на македонството“ –  не одродуваа. Правејќи не еднаш „Бугари“, друг пат „антички народ“, а трет пат некакви Хунзи, манипулирајќи во истовреме со минатато.

И, згора на се,  дозволија и потикнуваа масовно одродување на Македонците во Бугари, само за да се добие бугарски пасош , што   стана и пасош на ЕУ, бидејќи и Бугарија не претрка на патот кон Европа.

Наместо единство, како што се постигна во Словенија, во македонскиот случај се градеше и се изгради длабока поделба на македонското етничко ткиво. На „патриоти“ , како што самите  се нарекуваат антиевропејците и националистите и на „предавници“  како што се клеветат оние кои и сакаат европска иднина на Македонија и влез на голема врата- во Европа.

„Пукање во сопственото колено“

Домашната националистичка десница и сега дејствува на истиот начин, служејќи им на  туѓи интереси, додека сеирџиите во македонското општество  чекаат каде да се определат. Оправдувајќи го ваквото однесување со лажниот изговор дека – „на луѓето им се здосадило од чекањето да не примеле во Европа“.

Така се  дојде до тоа Македонија  постојано да го губи чекорот на европскиот пат. Можеше да се тргне заедно  со Словенија – ако имаше вистински патриоти и политичари со храброст и спремност да се борат за вистинските интереси на државата. Можеше да се продолжи со Хрватска, бидејќи  требаше заедно со неа да се најде во НАТО и во ЕУ.

Но, на Самитот на Алијансата во Букурешт , тогашниот премиер и тогашниот претседател си „пукаа во сопствените колена“. Се откажаа од државната кауза- наместо да се покаже спремност за компромис (што инаку претходно беше ветен). Европа тогаш дигна раце од нас. Уште повеќе што ЕУ влета во големата банкарска криза која го загрози еврото.

Набргу стана јасно  дека сето тоа било само парада на двајцата „мангупи“ .

Скопје и  власта во БЈРМ почнаа да се врти кон Истокот . Кон Москва, продавајќи му ја државата на Владимир Путин. За да може  да се остане на власт во путиновски стил- деспотски, со создавање „нова класа“ на „патриоти“, вмровци и нивни полтрони и на режим на клептократија кој вистински ја зароби државата, која од таквиот режим се уште не може сосема да се ослободи.

Хрватска немаше  време за чекање

Европејството и европската кауза се постиснаа и се деградираа , при што на услуга на анти- ЕУ силите, се најдоа не мал број платеници во новинарската фела. Служејќи им на своите газди кои шетаат меѓу партиите- како и продавајќи се за странски , десничарски пари –  тие го уништуваат европеизмот, сопирајќи ја владата на секој чекор. Продавајќи и на јавноста дефитизам и наводен хаос, кој десничарските, антиевропски сили ќе требало да го расчистат.

Сето тоа во времето кога Хрватска, која едно време зборуваше дека „учи од македонскиот пат кон Европа“ , веќе десет години е членка на ЕУ. Од оваа година и во еврозоната и во Шенген, забрзано  надминувајќи ја Бугарија која од 2007 година е во Унијата . Во текот на своите десет европски години , Загреб има примено   над 23 милијарди евра од европските развојни фондови.

Поучени од словенечкиот пример, хрватските политичари се зафатија со „Европа, сега“ – и поенергично и побрзо од очекувањата- обезбедија меѓупартиски консензус за ЕУ- па сложно, без блокади на опозицијата и без пречки во Парламентот брзо ги носеа реформските закони, исполнувајќи ги условите  за прием во ЕУ.

Со голема брзина Хрватска  се одалечуваше од Македонија со која дотогаш одеа заедно. Немаше Загреб време да  чека да помине македонскито инаетења, фрустрациите на разни промашени лица, залутани во политиката, кои се сокриваат зад национализмот, неспремни за договор со соседите , но затоа подготвени за земање поткуп.

Загреб не гледа во минатото

Словенија и Хрватска, од своја страна, исто така, имаа проблеми со соседите. Дури имаа и меѓусебни проблеми кои се решаваат со арбитража- околу граничната линија на двете земји на Јадранско море.

Го имаат и понатаму Виктор Орбан и неговите нескриени територијални претензии кон повеќе од половина хрватска територија, се до Риека, што нациналистот од Будимпешта го прогласува за унгарска земја. Но, сепак,  не влегуваат во расправија за историјата која била таква каква што била, оставајќи траги и врз националното потекло.

Едноставно, не ја прават македонската грешка, прикажувајќи се како  жртва на минатото и на тоа што историјата оставила зад себе, туку работат на иднината и на засилување на европскиот развој.

Во Загреб работат на европеизацијата на својата држава, притоа, знаејќи дека се уште работите не се како што треба. И натаму се соочуваат  со корупцијата и со остатоците од национализмот, но и со силната домашна опозиција. Таа,  сепак, со ништо не го загрозува и не го попречува сега веќе европското место на Хрватска во Унијата.

Македонската опозиција против ЕУ

Македонската десничарска и националистичка опозиција, дејствува сосема спротивно. Подучувана и водена од странство таа ги блокира и европскиот пат на земјата и нејзината европеизација.

Заговара и потикнува национализам и меѓунационални тензии. Сугерира поништување на постигнатите договори кои го отвораат европскиот пат, дејствуваат против правање компромси со соседити, но и со самата ЕУ, Ги блокираат реформи на државата , попречуваат значајни инвестициони проекти и заговараат –  да се одбере некоја друга опција наместо европската!?

Една техничка промена во Уставот- со внесувањето и на Бугарите, Хрватите и Црногорците во уставната преамбула- според  принципот по кој пред тоа се внесени и Бошњаците и сите другите кои живеат во Северна Македонија, се претвора во божем „судбинско прашање“ за македонската нација.

Се продава лажна приказна дека на тој начин  ќе сме биле „бугаризирани“. И тоа го прават и оние  кои доброволно, за обичен пасош,  се имаат откажано од својот вистински, македонски идентитет. Притоа, никој не се прашува зашто тогаш не сме  „србизирани“ , на пример, со тоа што и српската етничка заедница во Македонја е веќе од порано внесена во нашиот Устав.

Без демократска јавност

И, сето тоа е така, затоа што во Македонија не постои граѓанска јавност.

Не постои ниту вистинска демократска јавност која би му се спротивставила на национализмот и десничарењето. Нема вистинска деполитизирана интелектуална елита која би била  покренувач и двигател на европската идеја и на европеизацијата.

Не постојат ниту медиуми кои работат врз европскиот наратив и кои заговарат европеизам, наместо што и натаму ја нудат балканизација, во нејзиниот грд изглед. Наместо тоа , постои јавност  која во 11 годишната режимска власт стана националистички обоена и заглавена во  митовите од минатото, а не свртена кон иднината.

Затоа во Македонија  е итно потребно едно – „Европа, сега“.

За да земјата и целото општество се вратат на патотот за кој македонските граѓани , во огромен процент, се имаат определено пред триесетина години.  Уште повеќе што -„Европа, сега“ – не значи откажување од идеитетот и од националната посебност, туку претставува можност сето тоа да се потврди на големиот простор на Европа.

(Спектатор)

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе