Русија : Пораз на Денот на победата
„Денот на победата (над нацизмот во Втората светска војна) е победа на нашите претци . Ние (сега) немаме заслужено ниту едно мало делче од таа победа“- има речено Евгениј Пригожин, водач на паравоената и платеничка војска „Вагнер“ , токму на 9 мај, додека Владимир Путин во Москва учествуваше на парадата на руската армија.
Вагнеровецот уште откри дека војниците кои наместо што парадираат треба да војуваат за својата земја, побегнале од фронтот кај Бахмут во југоисточна Украина, оставајќи ја без одбрана позицијата што дотогаш ја држеле, во должина од 2,5 километри.
Станува збор за позиција која никако не смеело да се напушти и да и се препушти на противничката страна, во оваа фаза од војувањето, кога Бахмут се претвори во главното боиште во војната на Русија против Украина, а градот се означува како „машина за мелење месо“ поради бруталните борби и големиот број загинати.
Бегство на руска единица од Бахмут
Пригожин веќе подолго време води вербална војна со руската воена хиерархија , посебно со министертвото за одбрана во Москва.
„Во вторникот ( на 9 мај) една единица на руската војска побегна и ја напушти својата позиција “- изјави водачот на „Вагнер“ во снимена порака ставена на руската социјална мрежа Телеграм.
Во една таква ситуација, според Пригожин , на земјата не и треба парада, кога војниците од истата таа војска- „бегаат од фронтот како зајачиња“- со што Денот на победата, како што во Русија уште од советско време, се прославува крајот на Втората светска војна, лидерот на вагнеровците го претвори во понижувачки пораз на армијата.
Особено што во својот говор на парадата, Путин има зборувано за тоа дека Русија и сега, во оваа војна која продолжува да ја квалификува како „специјална воена операција“- земјата и нејзината војска ќе победат, оправдувајќи ја инвазијата како – „одбрана на Русија“. Како да на 24 февруари минатата година, украинските војници и авиони ја нападнаа и окупираа руската територија.
Закана со повлекување на „Вагнер“
Наместо тоа, Пригожин во своето обраќање прашува- зашто државата не успева да ја одбрани земјата.
Притоа, тој се повеќе станува критичен кон состојбите со војската, зборувајќи работи за кои секој друг ќе беше веднаш уапсен и осуден. Ако ништо друго – за навреда на државата и за омаловажување на армиските сили- што Путин по инвазијата и во текот војувањето на украинска територија- ги претвори во тешки кривични дела.
Ваквата борбена порака на човекот за кого велат дека е близок , или дури и дека е пријател со рускиот претседател, овој пат испратена на празник, дојде на само еден ден пред истекувањето на ултимативниот рок што Пригожин го постави.
Пред неколку денови тој се закани дека доколку министерството за одбрана, веднаш, не му испорача на „Вагнер“ муниција, на фронтот кај Бахмут, веднаш по парада, на 10 мај, ќе ги повлече сите свои единици.
Јавни критики за Шојгу
Тогаш, јавно и силно ги критикуваше министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов за тоа дека намерно не им праќаат муниција на вагнеровите „доброволци“ , поради што тие масовно гинат во рововите, иако магацините на армијата се полни .
Ниту Шојгу, а ниту Герасимов не реагираа на острите критики, но министерот за одбрана, како што офиицијално беше јавено во Москва- веднаш по тоа го има посетено фронтот на Истокот од Украина . Пригожин , пак, изјави дека – му било категорично ветено дека муницијата ќе пристигне, но од главниот град, некои му имаат порачано дека „напуштањето на фронтот може да се оквалификува како предавство, за што може и да се одговара“.
„Вагнер“ во секој случај, остана и по 10 мај на позициите кај Бахмут- чекајќи ја ветената муниција- и најавувајќи дека ќе остане со своите луѓе уште„неколку денови“ , за да ја брани Русија. Во својата критична реакција, тој уште го брани Путин од „матната група“ во врвот на војската, обвинувајќи ја дека „сака да го измами“ претседателот.
Самоувереност или наместена игра
Ваквиот коментар на Пригожин кој (веќе сосема е сигурно) само тој може јавно да го изговори, предизвикува различни коментари и во Русија, а посебно во странство, на Западот.
Безбедносни и политички експерти истражуваат што навистина се случува во Москва- без разлика дали Пригожин зборува на своја рака – сигурен во себе и својата моќ и решен да се пресметува со воениот врв.
Или пак сето тоа претставува само игра, договорена со Путин. Водачот на вагнеровци да го зборува она што претседателот го мисли за воениот врв и за состојбата во војската, а не сака и не може јавно да го каже.
Вака излегува дека на Пригожин му е оставено да зборува и да се заканува, омаловажувајќи ги генералите дека се неспособни и на тој начин да им ги „поткаструва крилјата„ во руската јавност- за да не се обидуваат да ја искористат војната и (евентуалнот) неуспех, за преземање некакви пучистички операции.
Предупредување до „мрачните сили“
„Ако сето ова го правите (кон Вагнер и со бегството од фронтот), за да се измами Путин, тогаш или тој ќе ви ги сече главите , или рускиот народ ќе ви суди за поразот на војската“- вели Евгениј Пригожин во последната порака упатена до „неидентификуваните противници“- откако истече неговиот ултиматум за повлекување од Бахмут.
Во најновата порака тој ги обвинува ваквите сили дека рускиот претседател го девалвираат нарекувајќи го – “дедото“, иако Путин со своите 71 година уште од порано е навистина дедо од една од ќерките. Но, и водачот на „Вагнер“ му замера што се однесува како „дедо“ , затоа што не гледа што му се случува во земјата , па продолжува да се прикажува како среќен и расположен и покрај тешката ситуација на фронтот.
Во меѓувреме , украинската страна се огласи со тврдење дека протерале руска воена бригада кај Бахмут и за тоа му праќаат благодарност на Евгениј Пригожин- за дадената информација околу бегството на руските војници од линијата на фронтот. Потврдувајќи на тој начин дека бегството навистина се случило.
(С.Г.)