Отказ за лажно интервју со Шумахер
Главниот уредник на германското списание „Актуел“, каде беше објавено лажно интервју со поранешниот возач на Формула-1 Михаил Шумахер, направено со помош на вештачката интелигенција (АI) – доби отказ од работа.
Во соопштението на медиумската компанија „Функе“ под чија капа се наоѓа списанието, соопшти дека појавувањето на вака направеното „интервју“ претставува крајно невкусна постапка и лажен прилог што воопшто не требало да се појави.
Со помош на вештачка интелигенција
„Вака направениот текст на било кој начин не одговара на стандардите на новинарството кое ние ( како издавачи) и нашите читатели го очекуваат од компанијата „Функе“- се вели во соопштението по сменувањето на главната уредничка на „Актуел“ Ан Хофман и отказот што и бил веднаш врачен. Таа беше главен уредник од 2009 година.
Овој новинарски скандал се покрена кога списанието се пофали дека има добиено интервју со Шумахер, прво по неговата несреќа на скијање и тешката повреда на главата во зимата во 2013 година, на француските Алпи. Минатата среда, „Актуел“ кој е познат по објавувањето вести, информации и текстови за познати личности, го објави „интервјуто“ и притоа откри дека е направено по пат на вештачка интелигенција.
Во вака направениот напис се вклучени цитати што му се припишуваат на Шумахер, а кои се однесуваат на неговиот семеен живот после несреќата, како и на неговата здравствена состојба за која подетално и натаму ништо не се знае.
Семејството најавува тужба
Веднаш по појавувањето на текстот, со остар протест има реагирано семејството на седум пати светскиот шампион во „Формула 1“ и при тоа е најавена тужба на суд. Медиумската компанија „Функе“ уште пред отказот за главната уредничка Хофман, јавно му се има извинето на семејството Шумахер.
На 29 декември 2013 година, Шумахер скијајќи со својот син, при еден пад на скијачките терени во Франција, и покрај тоа што имал кацига, тешко ја има повредено главата. Со месеци потоа беше во т.н. индуктивна кома од која беше разбуден во јуни 2014 година.
Во несреќата при скијањето има претрпено тешко оштетување на мозокот и (велат) неговиот живот и понатаму е загрозен. Од несреќата пред 9,5 години Шумахер се нема појавено во јавноста.