Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Убиен блогер кој потикнуваше убивање во Украина

Убиен блогер кој потикнуваше убивање во Украина

Во експлозија во едно кафуле во центарот на Сенкт Петербург, во Русија, беше убиен познатиот руски воен блогер Владимир Татарски. Други 25 лица се повредени, јавуваат руските медиуми, повикувајќи се официјалното соопштение на полицијата.

Засега нема сознание кој може да стои зад убиството на човекот кој преку својот блог, инаку популарен во Русија, заговараше уште повеќе убивање од руска страна во војната во Украина.

Пакет-бомба

Според првите извештаи кои се појавија на социјалните мрежи, убиениот чие вистинско име е Максим Фомин, присуствувал во кафулето на една јавна трибина посветена на путиновата војна, во која тој требало да биде еден од говорниците.

Непосредно пред експлозијата примил  мал пакет, во кој имало  кутија каде била сместена статуа со која Татарски (Фомин) си играл, додека зборувал. Неполни три минути потоа, се случила експлозијата. Бомбата , или експлозивната направа, била сместена токму во статуата.

Како и многу други блогери и новинари од медиумите под строга контрола на Кремљ и Татарски бил на фронтот, во Источна Украина и се облекувал во воена униформа, со ознаките на руската паравоена платеничка организација „Вагнер“.

Во Русија беше познат по својата жестока подршка на инвазијата и на војната што Путин и ја наметна на Украина, одземајќи делови од нејзината државна територија.

Кафулето на Пригожин

Во јавноста останува запаметен по изјавата- „Ние (Русите) ќе  поразиме било кого и  секој оној  што ќе ни се спротивстави. Ќе ги убиваме сите кои ќе ни застанат на патот, ако тоа биде потребно и доколку го сакаме тоа“- има речено овој потикнувач на војната и на убивањето на Украинците, на денот кога во Москва помпезно се славеше илегалната анексија на четирите украински области што се окупирни од Русија.

Кафулето каде беше убиен Татарски (Фомин),  порано било сопственост на Евгениј Пригожин , основачот на „Вагнер“. Во својот блог со половина милион следбенци, убиениот ја има величано војната, но често има критикувано некои  аспекти на руската воена кампања.

Сето тоа го прави близок до Пригожин кој во изминатите месеци често ја критикуваше тактиката на војската на фронтот, ги исмеваше неуспесите на командантите во нивните операции  против украинскиот отпор и јавно го критикуваше министерството за одбрана во Москва што не им даваат муниција на „вагнеровци“ кои се покажа дека се главната воена сила во битката кај Бахмут.

Украинец од Донецк

Организаторите на трибината, извесна група која се нарекува „Руски информативен фронт“ го означи нападот како тероризам, додека руското министерство за надворешни работи (МИД) за  убиениот блогер и воен хушкач изјави дека бил  – „бранител на вистината“.

Независни аналитичари проценуваат дека , на крајот, Москва одново  ќе го обвини Киев за убиството, но повеќето се согласуваат дека извршителите се некои други. Во првата реакција на еден од советниците на украинскиот претседател се вели дека станува збор за „домашен , внатрешен тероризам“ во Русија, забележувајќи притоа дека – „скорпиите се јадат една со друга“.

Убиениот Владимир Татарски е родум од Донецката област, во Источна Украина. Во 2014 година им се приклучил на проруските сепаратисти кои потикнати и помагани од Москва, покренаа вооружен бунт против  легалната власт во Киев, за отцепување на украинскиот Исток и за негово приклучување кон Русија.

Сега е познато дека токму тогаш е создадена и групата „Вагнер“ составена од платеници која била главната сила што војувала против украинската војска.

Убиството на Дарја Дугина

Во август минатата година, во еден сличен, ваков напад, беше убиена Дарја Дугина, ќерка на рускиот филозоф на војната, тврд националист и човек близок на рускиот претседател, Александар Дугин. И тој, како и блогерот Татарски заговараа многу пожестоки руски напади врз украинските сили и казнување на „нелојалните“ Украинци.

Дугина беше убиена од бомба поставена под возилото со кое  требаше да патува. Се уште се верува дека бомбата, сепак,  била наменета за таткото Дугин кој после една трибина – за величање на војната против Украина – во последен момент се откажал од патувањето, оставајќи ја сама својата ќерка.

Дарја Дугина, исто така, беше во кругот од новинари, блогери и пишувачи на пропагандистички текстови, во служба на Кремљ,   кои постојано  повикуваат на безмилосна војна со Украина, за убивање и казнување на Украинците, како и за поробување на целата  земја од страна на Русија. Во тој круг се става  и главната уредничка на воено-пропагандната телевизија „Раша Тудеј“.

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе