Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Руски шпиони во Љубљана

Руски шпиони во Љубљана

Во екот на војната што Москва и ја наметна на Украина, по инвазијата од пред 13 месеци, во една од малите земји на ЕУ, во Словенија, беше откриено  руско „шпионско гнездо“ , од „илегални“ шпиони на путинова Русија, инфилтрирани и удобно сместени во словенечкото општество.

Брачна двојка со две деца , жители на еден мирен кварт во Љубљана, се прикажувале дека се иселеници од Аргентина кои не сакале повеќе да живеат во Јужна Америка, па решиле да се преселат во Европа, одбирајќи ја мирната Словенија и нејзиниот дремлив главен град.

Арија Мајер и Лудвиг Гиш , со двете деца, се доселиле во Љубљана во 2017 година, веднаш почнувајќи некакви мали бизниси- по системот на самовработување- жената со онлајн галерија, а мажот со својата ИТ фирма.

Лажни иселеници од Аргентина

Но, сето тоа се покажа дека било само најобична фасада за обичниот свет, која наеднаш се урна кога и обајцата беа уапсени со обвинување за шпионирање за Русија. Уште се  покажа дека апсењето на  ова „мирно семејство“ на „иселеници“ од Аргентина е најголемата шпионска операција во Словенија во поново време.

Апсењето (велат) поминнало мирно, без никакво спротивставување на шпионите , кои се однесувале како да  очекувале тоа да се случи.

При деталниот претрес на куќата во која живееле е пронајдено големо количество кеш пари, а нивното однесување и откриената готовина , потврдиле дека „Арија“ и „Лудвиг“ се елитни руски разузнавачи , составен дел на т.н. руска шпионска „илегала“ – пишувааат европските медиуми.

Лондонски „Гардијан“ , пак, открива дека  известувањето за да се тргне во операција за апсење на прикриените Руси,  словенечките безбедносни власти ја добиле од големите странски тајни служби кои очигледно ги имале и пред тоа на нишан лажните  „Аргентинци“ .

Апсењето било извршено уште пред крајот на минатата 2022 година, додека веста за тоа беше пуштена во јавност повеќе од еден месец подоцна, на крајот од јануари, но и тогаш со крајно штури информации и без премногу детализирање.

„Илегалци“ на тајната служба СВР

Дури сега, словенечката влада, преку министерството за надворешни  работи потврди дека уапсените „Аргентинци“ не се тоа за што се прикажувале . Станува збор за Руси – „илегални“ шпиони , вработени во руската тајна служба и илегалнно уфрлени во Словенија.

Затоа и се означуваат како „илегалци“. Другите,  во некоја странска земја,  влегуваат заедно со дипломатскиот персонал, затскриени зад дипломатскиот пасош што го поседуваат,  регистрирани кај земјата-домаќин како конзуларен, или технички персонал  во дипломатските мисии на Русија.

„Илегалците“ се шпиони кои се уфрлаат во некоја земја од својата разузнавачка централа во Москва.

Станува збор за оперативци кои со години се обучуваат лажно да се претставуваат дека се странци. Сите мора да зборуваат течно некој од главните светски јазици, а потоа се испраќаат на „терен“ , во држава што нивната централа ќе ја одбере, за да прибираат  разузнавачки материјали, интересни за Москва.

Многумина од нив, кога одат како брачна двојка, имаат со себе и деца, за да делуваат како семејство, како двојката во Љубљана . Децата, притоа, не го  знаат вистинскиот идентитет на своите родители.

Словенија како идеална цел

Според таа техника се инфилтрирани во Словенија и уапсените Руси. Обајцата  поседувале лажен идентитет ( мажот според аргентинскиот пасош, наводно , бил роден 1984 година во Намибија) и работеле за надворешната руска тајна служба СВР.

Тие се првот таков случај после повеќе од десет години, од 2010 година, кога вакви „илегалци“ беа откриени во САД, како живеат како мирни Американци, во предградијата на големите градови, во кои обично  живее т.н. средна американска класа.

Безбедносни експерти објаснуваат дека Словенија не е случајно одбрана за цел за создавање  „шпионско гнездо“. Руската страна знае дека земјата има послаба контра-шпионажа во споредба со другите и поголемите земји, потоа сосема е блиску до Балканот и до Средна Европа, а како земја од Шенген зоната овозможува слобода на движење и патување во сите земји од ЕУ, како и во целиот шенген простор.

Уапсените „Арија и Лудвиг“ на тој начин имале обезбедено речиси идеални услови за шпионска работа , затоа што од Љубљана имале отворен простор за дејствување, без никакви гранични запирања , контроли и проверки на нивниот идентитет.

Назад во „Студената вијна“

Сега,  истрагата има тешка работа да ги открие и да ги поврзе  сите канали и врски преку кои дејствувале , доставувајќи им информации на своите шефови во централата на СВР. Експертите на кои се повикуваат медиумите низ Европа, објаснуваат дека детално се следат нивните патувања, како и контактите со разни луѓе кои ги правеле и ги обезбедиле , потоа постовите на социјалните мрежи и нивната (велат) разгранета комуникација преку електронската пошта.

На тој начин се настојува да се утврди и што бил интерес на двојката и да се дознаат  областите во кои се уфрлале како шпиони. Откриените „многу пари“ во нивната љубљанска куќа, меѓутоа,  се доказ дека со нив имаат потплатувано и „купувано“ неформални руски агенти, таму каде делувале , како и помали, или покрупни доушници и информатори.

Важно е дека целата оваа афера се појавува во времето кога Русија, освен што покрена инвазија врз една независна и нејзе соседна држава, влезе  во војна  со Европа, со ЕУ и Америка, според стратегијата на Владимир Путин да покрене нова „Студена војна“ со реториката од тоа време и  одново да подигне „Железна завеса“ .

Време на зголемена будност

Таа му е потребне за да создада некаква политичко-воена творевина која еднаш се третира како „реставриран“ СССР , што  Путин се уште го оплакува, жалејќи го времето кога Советскиот Сојуз беше „другата„ светска сила, наспроти САД, а лидерите на таа комунистичка држава беа третирани како светски лидери кои под контрола ја имаа и цела Источна Европа. Друг пат,пак,  таа творба треба да биде некаква  Евроазија , како контра на ЕУ и на нејзината технолошка-економско-финански моќ која Русија ја нема и ќе ја нема по војната, како таа и да заврши.

Војната во Украина и санкциите, како и протераните неколку стотици руски лажни дипломати од дипломатските мисии на  Западот и Истокот, од земјите на ЕУ и НАТО, го има покренато руското разузнавање да се сврти, или да се врати на „илегалните“ шпиони  и на класичното разузнавање, како од времето на поделена Европа и на „Студената војна“.

Во оваа голема игра на големите разузнавачки играчи, примерот од Љубљана тера на размислување , но и на многу поголема будност, посебно во малите земји, како Словенија , на пример.

„Незабекежливи фини луѓе“

Не само од специјалните служби кои ги имаат и „малите“ играчи во шпионската војна, туку и обичниот свет, медиумите и т.н. интелектуална елита која словенечкото искуство покажува дека лесно се купува и се продава. Покривајќи се со обвинувањето ( без основа) дека – медиумите шират „лажна антируска кампања“.

Некои од овој дел на општествата во многу земји наивно веруваат во сликата што „илегалците“ на руската тајна служба ја продаваат. Нивните соседи во Љубљана и сега тврдат дека – не им се верува оти тие мирни, незабележливи луѓе , со фини деца- може да шпионираат.

Иако  други признаваат дека им бил сомнителен шпанскиот јазик на кој „Арија и Лудвиг“ зборувале меѓусебе и пред децата, како и тоа што често имале посетители во својата куќа.

Како и да е, хистерија, сепак,  не е потребна.

Меѓутоа,  сосема е сигурно дека Русија во периодот што е пред нас, ќе ги интензивира шпионирањето, дестабилизацијата во малите и средните земји, мешањето во нивната политика, посебно пред и по избори, како  што  ќе го интензивира и хакирањето кон ЕУ, кон Европа и кон Балканот. Тоа и самата Москва не го сокрива.

Примерот од Атина

Онака како што Русите  се однесуваат и по аферата во Словенија. Прво, итно реагирајќи со повлекувањето на една таква „ брачна двојка“ од Атина во Грција, која по системот на копија, е истоветна со онаа , откриена и уапсена во Љубљана.

Двојката исчезнала од Грција , во секој случај, по налог на централата, уште пред да се разгласи случајот од Словенија. Уште и на вработените во фирмата, за замајување, во Атина , од странство им порачале дека може „слободно да ја преземат фирмата“.

Владата во Словенија има вложено протест кај рускиот амбасадор во Љубљана, но Русите, од Москва , по разни канали веќе му нудат дил на Западот- за размена на уапсените во Словенија, за лица осомничени за шпионирање кои се во руски затвори.

(Спектатор)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе