„Моралот“ на мексиканскиот наркокартел
Четворица Американци, со комби возило се упатиле минатата недела кон Мексико, во посета на пограничниот град Метаморс. Не за забава, коцкање, или за дрога, туку за она што се нарекува здравствен туризам – за мала естетска хирушка интервенција позната како „затегнување на стомакот“.
Нивната посета на соседната земја, меѓутоа, се претвори во трагедија, откако сите беа киднапирани, веднаш по влегувањето во градот. Двајца од Американците подоцна се најдени убиени, додека другите двајца во локалната болница, со прострелни рани, но надвор од животна опасност.
Повреда на „моралните норми“
Американските медиуми во својата прва реакција пишуваа дека четворицата од САД се жртва на погрешен идентитет.
Односно дека нивните киднапери и убијци ги имаат заменето за други лица кои ги барале и кои требало да бидат ликвидирани во постојаната оружена пресметка на наркобандите за пазарите по мексиканските градови кои ги имаат под контрола. Мексиканската полиција, пак, набрзина има заклучено дека Американците биле грабнати затоа што се нашле меѓу две сукобени банди на локалната мафија.
Вакви случаи во оваа латиноамериканска држава има секој ден, а како жртви не ретко се странците, посебно американски граѓани од јужните, погранични делови на Калифорнија или Тексас кои знаат на неколку часови да престојуваат од другата страна на границата.
Овој последен случај , меѓутоа, се разликува од другите инциденти, затоа што откри нешто за што малку се знаеше, или не се веруваше дека воопшто постои. Станува збор за „моралот на наркорателот“. Особено за тоа, дека доколку некој го прекрши, или не го почитува- следува казна- од сопствениот картел!
Испорачани на полицијата
Стана вест во САД, а брзо се рашири низ светот податокот дека припадници на максиканскиот картел Галф, со посебна напишана порака се извинуваат за киднапирањето на четворицата Американци, посебно за двајцата убиени, откривајќи дека тие ги имаат префрлено ранетите во болница.
Но, најголемото изнендување е во тоа што оваа група на картелот и ги предала на мексикнската полиција петмината виновници за киднапирањето и убиството.
Полицијата објави фотографија од местото каде биле оставени виновниците- петмина мажи, со врзани раце, кутнати на земја, со лицето на тлото, а покрај нив оставеното писмо со извинување. Писмото е упатено до жителите на градот Метаморс, каде се случил инцидентот, до американските жртви и нивните семејства, како и до една несреќна Мексиканка која е убиена во престрелката од заскитан куршум.
„Одлучивме да ги предадеме оние кои се вклучени и се виновници за случајот-се вели во оставеното писмо, притоа додавајќи дека „оние кои им се оставени на полицијата се огрешиле од сопсвените одлуки и дисциплината која морале да ја почитуваат“.
Картелите се подржуваат
Според оваа група, за која некои велат дека е отпадничка, мажите кои ги имаат предадено за судење, го прекршиле основното правило на Галф картелот , а тоа значи – да се заштитуваат животите на невините!
Така или не, медиумите од двете страни на границата се занимаваат со целиот случај, како и со „моралот“ на наркокартелот, односно прашањето што стои зад ваквата добрина.
Едни, едноставно, не веруваат во приказната што се нуди и дека целата работа е наместена. Други, сметаат дека картелот кој дејствува на границата со САД, не сака да си има работа со Американците кои и онака се спремаат за некаква своја интервенција против делувањето на наркокартелите. Трети, пак, веруват дека сето ова е изведено за домашни, мексикански потреби.
Наркокартелите постојано се во судир со мексиканската полиција , колку и да е таа корумпирана и често соработува со нив. Но, во руралните средини и во одалечените планински делови од државата, припадниците на картелите, се подржуваат, се заштитуваат и се почитуваат.
Опасен здравствен туризам
Дури и повеќе од локалната власт, па затоа некаде , токму наркокартелите ја имаат вистинската власт, а со тоа и контролата врз населението. Затоа, се смета дека им е важно луѓето да им веруваат, а тие да не бидат прикажани како брутални убијци кои грабнуваат и убиваат обични луѓе кои дошле за медицински потреби.
Медиумите во САД откриваат дека американски граѓани, најмногу имигранти кои сега живеат во Америка, а потекнуваат од Мексико или од земјите на Средна Америка, постојано одат на лекување, или по лекови во мексиканските погранични градови.
Таму сите овие услуги се и побрзи и многу поевтини отколку во САД, каде често за еден лек мора да се има и рецепт, што во соседството не се бара.
Американските власти, меѓутоа, постојано предупредуваат да не се оди во Мексико ,бидејќи се ризикува да се биде нападнат, киднапоран или ограбен. Многу често жртви на напад се и оние кои таму заминуваат со поскап автомобил- за да им се грабне возилото.