Грузијците против „Путиновиот закон“
Неколку денови по ред, Грузија и главниот град Тбилиси го потресуваа масовни протести на демократската и прозападна опозиција, на кои им се приклучија сите кои ја подржуваат отиентацијата за свртувањето на оваа поранешна советска република кон Западот и кон ЕУ.
Повод за демонстрациите на кои полицијата брутално одговори, употребувајќи солзавец, шок-бомби и водени топови, беше предлог-законот за странски агенти.
За него незадоволната грузиска демократска јавност смета дека е само обична копија на истиот таков руски закон, со чија помош Владимир Путин во Русија ги ограничува демократските и либералните сили и целосно го има задушено дејствувањето на разните невладини организации.
Против слободата на медиумите
Грузијците се спротивставуваат на донесувањето на „Путиновиот закон“ затоа што знаат за случувањата во Русија, каде режимот брутално се пресметува со граѓанските организации и нивните активисти, од кои многумина се или во затвор, или беа принудени да емигрираат во странство.
Затоа во Тбилиси противниците на законот тврдат дека тој ја загрозува слободата на медиумите, пред се, но и општите демократски права и слободи во Грузија, инсистирајќи дека показател за тоа (веќе сега) е бруталноста на грузиската полиција.
Европа остана згрозена од сцената снимена во Тбилиси кога една млада жена- демонстрант, која во рацете носи само знаме на ЕУ, е изложена на силните млазеви од водените топови за да биде соборена и казнета за тоа што е дел од протестот и тие стануваат се посилни, додека на помош не и притекнуваат повеќе демонстранти, недозволувајќи таа да биде тргната од улицата.
„Ваков закон не и треба на Грузија“
Според грузиската верзија на „Путиновиот закон“ се предвидува сите медиуми, како и НВО кои со повеќе од 20 отсто се финансираат од странски фондови , ќе мора да се регистрираат како „агенти со странско влијание“ за што (освен забраната за работа) се ризикува драстична парична казна.
Против законот се огласи и претседателката на државата Саломе Зурабашвили која најави дека ќе стави вето на законот, кога ќе дојде време да стане правосилен.
Прозападно и проевропски определната претседателка, за разлика од определбите на владеачката коалиција, изјави дека „еден ваков закон не и потребен на Грузија“. Проблем, меѓутоа, е тоа што шефот на државата има ограничена политичка моќ , па Парламентот може да го надгласа ветото на претседателот.
Колку за потсетување- Русија во 2012 година донесе ваков закон со кои почна да се казнува секаква врска на руските НВО организации доколку примаат средстава за својата работа од странски фондови.
Неколку години подоцна, во своето настојување да ја зацврсти и онака неограничената моќ која ја има Путин, рускиот претседател со указ и со подршка на Думата ( Парламентот) го доработи законот, за да стане уште посуров и недемократски.
Законот повлечен од процедура?
Токму овој закон , Путин и власта го користат за пресметка со неистомислениците. Па, како „странски агенти“ сега се квалификуваат и групата „Пуси Рајот“ , но весникот и главниот уредник кои лани добија Нобелова награда за мир, или веќе уапсениот за низа подметнати обвинувања, Алексеј Навални.
Во меѓувреме, Грузијците успеаја да ја добијат битката со власта, која соопшти дека го повлекува законот од започнатата процедура за усвојување. Опозицискиот и демократскиот блок кој ги предводеше протестите, сепак, не и верува сосема на власта која не ја сокрива својата антизападна определба.
Особено што нејзини пртставници имаат изјавено дека „законот не е лош“, како и дека „треба само да се доработи“ и одново да се стави на усвојување, затоа што (наводно) ја штити државата од финанските махинации кои се правеле со парите од донацијата.
Станува збор за оправдувања што пред десет години ги даваа Путин и Кремљ кога тргнаа во пресметка со демократијата во Русија.
Москва : „Ова е шарена револуција“
На случувањата во Грузија реагираше и официјална Москва која ги осуди немирите, со вообичаената фраза уште од советско време за – „мешање на Западот и на Америка“. Воинствениот Сергеј Лавров отиде подалеку , па настаните во Тбилиси ги изедначи со протестите на Мајдан во Киев, пред првата руска агресијаи означувајќи ги како „уште една шарена револуција“.
Портпаролот Дмитри Песков, пак, демантирајќи било каква руска вемешаност , изјави дека Русија е „загрижена поради кризата во Грузија, затоа што сака да има мир на нејзините граници со соседите“.
Ова би било смешно од портпаролот на Кремљ, да не е трагично цинично и арогантно, затоа што доаѓа во време кога Русија води војна во соседна Украина, за да ја распарчи, за да ја анектира нејзина територија и за да ја натера на капитулација, измачувајќи го народот- во соседството.