Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Аргентина пак бара преговори за Фокландите

Аргентина пак бара преговори за Фокландите

Владата во Буенос Ајрес  бара од Британија одново  да се преговара за  статусот и за суверенитетот на Фокландските острови . Британската влада, меѓутоа,  го отфрли барањето , инсистирајќи , како и многу пати досега, дека островите во Јужниот Атлантик се британска прекуморска територија.

Веднаш по тоа, Аргентинците демонстративно  се повлекоа од пактот Фарадори-Данкан. Тоа значи дека повеќе нема  им се дозволува  на авионите кои летаат од бразилскиот град Сао Паоло, за Стенли, административен центар на Фокландите, да слетуваат во аргентинскиот град Кордоба.

Пактот беше уреден во 2016 година и тогаш беше означен како начин за да се релаксираат односите меѓу Буенос Ајрес и Лондон кои подолго време се во криза, која пред скоро 41 година предизвика и војна меѓу двете земји.

Повлекување од Пактот Фарадори-Данкан

Одлуката за повлекување од она што пред шест години е договорено, ја има соопштено шефот на аргентинската дипломатија Сантјаго Кафиеро по неговата средба и разговорот со британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли , во Њу Делхи, на маргините на конференцијата на министрите за надворешни работи на групата Г-20.

Аргентина, сега одново, после низа години, сака да се преговара за Фокландите, па затоа на британската страна и предлага состанок во Њујорк, под закрилата на ОН.

„Фокландските острови се британска територија. За нивниот статус, право на одлучување имаат  само жителите на островите. А, тие пред неколку години ( со огромно мнозинство) одлучија да останат британска прекуморска територија“- има изјавено шефот на Форин Офисот Клеверли.

Пактот од кој се повлече Аргентина, откако по брза постапка указот за тоа го има потпишано претседателот на државата, го регулираше и правото на истражувањето  нафта и гас во реонот на Фокландите, како и бродскиот транспорт и рибарењето околу островите. Сегашната левичарска влада во Буенос Ајрес смета дека претходната десно-центристичка гарнитура „била премногу попустлива“ кон Британија.

Војна во 1982 година

Одлуката на Аргентинците доаѓа во време кога британскиот заменик министер за надворешни работи , задолжен за Америка, беше во Буенос Ајрес, каде како што самиот во Лондон има изјавено, со своите  домаќини имал продуктивни разговори.

Во посебна изјава , подоцна, тој има речено дека напуштањето на пактот е “разочарувачки потег“ , затоа што пактот „ им има донесено утеха на семејствата на загинатите од војната во пролета 1982 година, како и дека полза од пактот имале и Аргенитина и Британија и Фокландите.

Во војната која започна во април таа година и траеше се до средината на јуни, загинаа околу илјада лица. Над седумстотини аргентински војници беа убиени , во жестоката  војна што се разви по инвазијата врз островите  што ја нареди тогашнатра воена хунта во Аргентина.  Загинаа и безмалку триста Британци, како и тројца цивили, жени кои настрадале при налетот на аргентиската авијација.

По двомесечните судири, беше  потпишано примирје, а во Буенос Ајрес,  поразот на аргентиската војска, од британските сили кои мораа да допловат од Британија, одалечена 15 илјади км. беше означен како понижувачки, па предизвика бранување во Аргентина кое предизвикаа соборување на хунтата.

Нафтата ги бранува духовите

Во 2013 година, на Фокландите се организираше референдум за иднината на островите, на кои над 95 отсто од жителите ( меѓу нив безмалку половината се Аргентинци кои таму се имаат преселено) се определија за останување под британска контрола, како самоуправна и автономна прекуморска територија.

Фокландите сочинуваат околу 200 острови. Архипелагот е одалечен 490 км. од аргентинскиот брег и 1200 од Антарктикот.

Уште од 17 век кога се откриени, иако речиси ненаселени,  островите се повод  за бројни спорови. Прво, меѓу Холанѓаните и Британците за тоа кој ги има откриено, а потоа за тоа кој да ги поседува- Франција, Шпанија ( која тогаш управувала со аргентинската територија) или Британија.

Од 1833 година, Фокландите се британски. Аргентина уште веднаш по стекнувањето на независноста почнува да претендира  дека островите што таму се нарекуваат Малвини,  се нејзини. Никогаш досега, меѓутоа,  Фокландските острови не биле дел од државната територија на Аргентина.

Она за што Аргентинците  сега се заинтересирани и што веројатно е повод за актуелната криза е откритието од пред повеќе од 20 години дека околу островите, на океанското дно, има големи резерви нафта и гас.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе