Странски саботери за пуч во Кишињев
Група од 12 српски државјани , се задржани и затворени на аеродромот во Кишињев, главниот град на Молдавија, откако имиграциските власти и полицијата не им дозволија влез на молдавска територија.
Во изјавата што тие ја имаат испратено преку социјалните мрежи до Белград, тврдат дека не знаат која е причината за таквиот третман на молдавските власти. Според нивното објаснување, тие се навивачи на белградски „Партизан“ кој треба да игра важен фудбалски натпревар во рамките на европските купови против локалниот клуб „Шериф“ во градот Тираспол.
Алармантно предупредување
Станува збор за град кој е административен центар на отцепената молдавска енклава Придњестровје (Транснистрија) која е целосно под руска контрола повеќе од 30 години, па најверојатно тука настанале и проблемите на српските државјани со локалните власти. Како сега стојат работите, доколку не се најде решение, групата белграѓани ќе остане во бегалскиот прифатен центар во аеродромската зграда до петок, до после натпреварот што е закажан за еден ден пред тоа.
Инцидентот на аеродромот во Кишињев , меѓутоа, добива друга димензија кога ќе се стави во рамките на најновите случувања во оваа источноевропска држава, поранешна република на СССР, кои немаат никаква врска со спортот и фудбалот.
Задржувањето на групата Срби се случува само неколку часови по алармантното предупредување на молдавската претседателка Маја Санду дека Русија подготвува пуч во Молдавија и тоа со помош на – како што има речено во јавното обраќање-„ странски саботери и платеници со воено искуство – државјани на странски земји – од Русија и Белорусија, како и од Србија и Црна Гора“.
Русија подготвува заговор
„Москва планира со нив , камуфлирани како цивили – кои како туристи да влезат во Молдавија и потоа да испровоцираат бунт- пуч , заедно со т.н. домашна опозиција. Целта е да се нападнат државните институции- Парламентот, пред се и притоа да се земат заложници“- има речено претседателката Санду .
Таа притоа рекла дека со пучот, планиран и подготвен за извршување од страна на Русија, треба да се собори сегашната , про-ЕУ влада во Кишињев и да се создаде нова власт која ќе се стави под контролата на Москва.
Обраќањето на Санду доаѓа по (не)очекуваната оставка на досегашната премиерка Наталија Гаврилица и по именувањето на нејзин наследник- Дорин Речеан кој како и претходничката важи за силно проевропски и про-ЕУ определен политичар.
Заговорот треба да се изведе преку протести на (наводно) незадоволни граѓани, што треба да биде само покритие за активирање на платеничката група за дејствување прптив уставниот поредок во Молдавија.
Транснистрија како Донбас
Земјата е сместена меѓу Романија и Украина и минатото лето стана кандидат за членство во ЕУ.
Има 2,6 милиони население и сега некако се справува со напливот бегалци од украинската територија кои бегаат од војната во соседството која ја наметна Москва за да ја собори власта во Киев и за да ги присвои украинските области Донбас и Крим. Но, во истовреме веќе три децени е соочена со сепаратизмот во енклавата Транснистрија.
Тоа мало парче земја сместено покрај течението на реката Дњепар, за Русија е недопирлива „руска земја“ , откако локалното население уште во 1992 година се отцепи од Молдавија и прогласи независност која – досега- никој ја нема признаено, па дури ни Москва. Но во енклавата од тогаш е сместен контингент руски војници кој брои меѓу 1500 и 2500 луѓе.
Во изминатите децении, Молдавија живее во некаков „замрзнат судир“ што руската страна го одржува намерно за да ја има под контрола земјата која е целосно зависна од рускиот гас и ид руските енергетски суровини со кои Москва настојува да ја држи како свој сателит, во потчинета состојба.
Лавров и се заканува на Молдавија
Таквата ситуација се влоши по руската инвазија врз Украина, од кога Молдавија е изложена на постојана закана од Москва за да и се случи украиснаката судбина.
Токму властите во Киев и ја имаат предупредено владата во Кишењев на спремањето пуч против молдавската проевропска влада.
Конечно, пред да стигне предупредувањето од украинската тајна служба, военохушкачкиот руски шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, силно лојален на рускиот претседател, изјави дека токму Молдавија е следната цел на путиновите империјални планови.
Што се однесува до молдавската опозиција, таа е главно комунистички и социјалистички идеолошки определена, но целосно врзана и лојална на Русија, ставена во служба на руските државни интереси. Претходник на претседателката Санду, до 2020 година беше Игор Додон кој заговараше врски на Молдавија само со Москва.
Драматичното обраќање на сегашната претседателка за рускиот план за изведување пуч во Кишењев ја открива (одново) политиката на Кремљ за дестабилизација на југоистокот на Европа, на екс советските републики и на Западен Балкан.
Обиди за пуч во Подгорица и Скопје
Во октомври 2016 во Црна Гора беше спречен обид за пуч- со руска помош, со оперативци на руската тајна служба ГРУ и во соработка со проруските ( и просрпски сили) во земјата.
Во април 2017 година, во Скопје, беше извршен обид да се спречи смената на власта во Македонија, според исто вакво рускои сценарио, со помош на странски разузнавачки сили и во соработка со македонската националистичка, вмровска опозиција.
Намерата на Москва во македонскиот случај беше да не се создаде проевропска и прозападна влада, наместо дотогашната на вмровскиот премиер кој побегна во Будимпешта за да не оди во затвор- за криминал кој им ја предаде Македонија на руските империјални интереси.
Рускиот план , со упад на вмровската толпа во зградата на Парламент и со физички напад врз тогашните опозициски лидери, тогаш не успеа. Но, Москва продолжува да дејствува за дестабилизација и за пад на актуелната , вистински проевропска влада во Скопје.
(С.Г.)