„Јанша шпионирал српски опозиционери“
Словенечките власти, во времето кога премиер беше десничарот Јанез Јанша , во договор со властите во Белград, покренале нелегална истрага на сметките на српски опозиционери- открива словвенечкиот портал „Нецензурирано“ .
Главна цел на ваквото „шпионирање“ биле лидерот на српската опозициска партија на Слободата и правдата (ССП) Драган Ѓилас, како и српскиот бизнисмен и косопственик на медиумската компанија Јунајтед Медија, Драган Шолак чии медиуми се силно на страната на опозицијата во Србија.
Договор Љубљана-Белград
Според словенечкиот портал, чие пишување предизвика бранување во проевропската и прозападна српска опозиција, поранешниот премиер на Словенија и српскиот претседател се имаат договорено , пред изборите во двете земји- одржани во април 2022 година- меѓусебно да си помагаат во нивната пресметка со своите политички противници. Договорот бил- тајно да се прегледуваат и контролираат финанасиите на опозиционерите во двете земји.
Таа работа, во Словенија му била доверена на тамошното Биро за спречување перење пари, па оваа служба , уште во ноември 2021 година, покренала истражна постапка против двајцата српски опозиционери , откако тоа го има побарано официјален Белград.
Порталот открива дека властите на Србија, барале од владата на Јанша покренување една ваква тајна постапка, во исто време кога српските власти таква постапка имаат отворено за против словенечкиот бизнисмен и политичар Роберт Голоб. Тој во тоа време ја има раководено компанијата ГБИ, а во исто време важеше и за најсилен кандидат за победник на словенечките парламентарни избори.
Дискредитирање на Роберт Голоб
Благодарејќи на српската истрага, биле присобрани некакви податоци за Голоб кои се имаат појавено во словенечката јавност на само три денови пред априлските избори- во медиумите што ги имаат под своја контрола Јанша и неговатата националистичка и десничарска партија.
После појавувањето на написите во „Нецензурирано“ , српските власти целосно молчат за овие откритија, но во Љубљана, директорот на Бирото за спречување перење пари, кој бил поставен од владата на Јанша веќе има признаено дека против Ѓилас и Шолак бил покрената истражна постапка.
Неговото признание, всушност, ја открива вистинската заднина на (тајно) водената истрага, како и тоа дека таа била нелегална и спротивна на совенечките прописи.
За да се покрене ваква постапка , властите морале да имаат основани сомнежи за постоење некакво кривично дело- дека се перат , или се испрани пари, или дека се финансира терористичка активност. Но, во случајов и за обајцата српски опозиционери, Словенците немале такви сознанија. Ниту, пак, имале основа за сомнежи за постоење на вакви кривични дела.
Пресметка со проевропејството
Затоа се верува дека во случајот станува збор само за намерата да се компромитираат српските опозиционери, за да им се напакости, а во исто време да им се угоди на властите во Белград , кои политички и идеолошки се сосема блиска до позициите на Јанша. Сето тоа, за да потоа српската страна може од Љубљана да побара иста таква услуга- за да може да му се наштети на Роберт Голоб, пред словенечките избори.
Белградските медиуми сега пишуваат дека поранешниот словенечки премиер и актуелниот српски претседател, едноставно, ги поврзале (истите) методи за пресметка со политичките противници, па дека затоа и се спогодиле да направат „Пакт Јанша-Вучиќ“.
Колку за потсетување, демократските и либерални словенечки медиуми , во тоа време, беа под силен удар на авторитарната власт на Јанша, со единствена цел- за да ги стави под своја контрола медиумите кои ги критикуваат неговите методи и неговата идеологија.
Таа, во секој случај, беше спротивно на одредбите на ЕУ каде Словенија членува од 2004 година, но затоа таквата политика е сосема во склад со десничарењето, национализмот и спротивставувањето на либералната демократија, како што тоа го прави и го спроведува во Унгарија еден Виктор Орбан.
„Братска дружба со Орбан“
Братската дружба на Јанша и Орбан, на пример, спречи компанијата Јунајтед Медија со седиште во Луксембург, да купи еден популарен словенечки медиум , иако компанијата имаше најдобра понуда. Медиумот и беше продаден на компанија чиј сопственик е мошне близок пријател на Орбан кој и онака има контролата врз низа словенечки медиуми- сите антиевропски, десничарски и националистички.
Сето ова потсетува на валканата игра и на мешањето на Јанша, како посредник на Орбан, во македонскиот медиумски простор , преку директно финансирање (преку Словенија, а со сомнителни пари од Истокот) на националистичките, вмровски, отворено антиевропски и антизападни портали и интернет весници кои роварат во државата.
Таа операција продолжува и сега ( со странски пари и со странско замешателство) за да се дејствува против европското позиционирање на Македонија, против влагувањето во ЕУ, преку обидите за соборување на актуелната, проевропска влада во Скопје.