Бомбаш од Локерби е во притвор во САД
Шкотските и американските власти потврдија дека Либиец, за кој се тврди дека ја има направено бомбата со која пред 34 години беше соборен американски патнички авион над малото место Локерби, во Шкотска, се наоѓа во притвор во САД.
Станува збор за либискиот државјанин Абу Агилмасуд, поранешен оперативец на либиската тајна служба. За него се верува дека имал клучна улога во терористичкиот напад врз „Боингот 747“ на тогаш најголемата американска авионска компанија „Пан Американ“ во која беа убиени 270 лица- патници и екипажот на леталото, како и жители во Локерби врз чии куќи паднаа остатоци од уништениот авион.
Соборувањето на авионот на 21 декември 1988 година се смета за најголем и најсмртоносен терористички напад на британска почва.
Најголем терористички напад
Во врска со овој напад во кој најголемиот број од патниците беа Американци, кои патуваа дома од Европа, за божикните празници, во 2001 година , беше создаден посебен суд за еден од терористите кој беше пронајден во Триполи, а кого тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи го предаде за да му се суди.
После договорот на САД, Шкотска и Британија, со посредство на ОН, на неутрален терен, во една воена база во Холандија, шкотски суд му судеше на Абдел Басет ал Меграхи, разузнавач на Либија, за учество во терористичкиот напад. Тој беше обвинет дека го внел куферт со експлозивната направа, што бил ставен во просторот за багаж во „Боингот“.
Либиецот, како и другите од терористичката група, беа означени како „Бомбашот од Локерби“ според местото во Шкотска кое настрада од падот на авионот.
Шкотското превосудство и тогаш, а и сега е надлежно за случајот, затоа што Шкотска има целосна самостојност во правосудниот сектор, во однос на Британија, па затоа Ал Меграхи го судеа и го осудија на доживотен затвор шкотски судии и затоа тој затворската казна ја издржуваше во затвор во Шкотска.
Судење на Ал Меграхи
Гадафи во меѓувреме се согласи да им исплати отштета на семејствата на сите жртви- патници во соборениот авион од по 10 милиони долари за секој загинат (вкупно околу три милијарди долари), за да обезбеди враќање на Либија во меѓународната заедница која дотогаш беше под строги меѓународни санкции- како држава спонзор на меѓународниот тероризам.
Абдел Басет, меѓутоа и на судењето и подоцна постојано тврдеше дека е невин и дека ,едноставно, е жртвуван.
Во 2009 година, шкотските власти одлучија да го пуштат од затвор Ал Меграхи- не аболицирајќи го, туку ослободувајќи го од хумани причини- откако заболе од рак.Замина во Лобија каде беше пречекан како херој, а три години подоцна почина. До крајот на животот тврдеше дека тој не е „бомбашот од Локерби“.
Во случајот на сега притворениот Либиец кој е првиот што е во затвор за овој терористички напад, се тврди дека тој е најважниот од либиската група терористи , за која шкотските и американските истражни органи и натаму трагаат, настојувајќи да откријат кои се сите виновници за соборувањето на авионот.
Во тој наад беа убиени 273 патници, шестчленови на екипажот како и 11 жители на Локерби, меѓу кои и едно цело четиричлено семејство. Жртвите беа државјани на 21 земја, но најмногу- 190 Американци и 43 Британци.
Уапсениот Агилмасуд ја направил бомбата
Уапсениот, засега, се нема изјаснето за случајот, но се знае дека против него се подготвуваат неколку тешки обвинувања. Сепак, според медиумите во САД, Агилмасуд нема да биде осудена на смрт, туку на доживотен затвор.
Тој веќе призна дека ја направил бомбата и дека го поставил тајмерот за таа да експодира во текот на летањето на авионот. Освен тоа потврдил дека бил вклучен и во други две операции на тајната служба, за што има речено дека бил пофален од Гадафи.
Останува нејасно како овој поранешен либиски разузнавач, сега обвинет терорист, се нашол во затвор во Америка. Единствено што засега е познато е тоа е дека Абу Агилмасуд, пред крајот на ноември бил киднапиран од една од либиските вооружени милиции во Триполи.
(Д.Л.)