Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Светско првенство со 6500 жртви

Светско првенство со 6500 жртви

Светското првенство фудбал кое почнува во недела, на 20 ноември, за прв пат во есен и во арапска и муслиманска земја- ќе остане запаметено како првото и  единственото до сега, но веројатно и од сега,  кое се одржува во земја, мала каква што е Катар,  во која нема фудбал како спорт и каде до скоро немаше ниту еден фудбалски стадион.

Оваа мала земја, сместена на исто така мал полуостров, е позната само како голем производител и извозник на гас и нафта и затоа е многу богата.

Толку е богата што може да си дозволи да потроши  (велат над 200 милијарди долари) за организацијата на Светскиот куп и за сите градежно-инфраструктурни објекти потребни за првенството. Станува збор за износ кој не би можеле да го поднесат и многу поголеми светски економии , вклучувајќи ги и најголемите.

Превисока цена

Оние што веќе се наоѓаат во Катар и ги опишуваат постигнувањата на Катарци,  во изминатте десет години интензивно градење  и преуредување на државичката, признаваат дека она што е направено во пустината околу главниот град Доха е досега невидено за едно светско првенство во фудбал. Тоа што е планирано и  изградено  е толку грандиозно, што практично, го фрла во сенка и фудбалот и светското првенство.

Затоа, се повеќе се верува дека она што е направено нема за цел да се организира  успешно светско првенство, или за да  домаќините  може да се фалат дека токму тие го организирале најдоброто светско првенство досега, туку за да му се покаже на регионот во Блискиот Исток, на соседството и на  арапскиот свет, како и на целата меѓународна јавност, големината и финансиската способност на малечкиот Катар.

Така или не, првенството ќе се одржува во сенката на ПРЕВИСОКАТА ЦЕНА  во човечки животи што ФИФА, како организатор и Катар како домаќин ја имаат платено за фудбалскиот спектакл уште пред да започне.

Повеќе илјади починати  работници

Тоа посебно се однесува на домаќините кои и не можат да сокријат дека во она што е изградено и направено во Доха и во Катар, за да сега луѓето  се воодушевуваат-  е наплатено со најмалку 6500 жртви. Толкав е бројот на починатите гастарбејтери-  на оние за кои се знае- дојденци за работа од низа азиски земји, кои биле вклучени во забрзаната изградба на објектите и инфраструктурата за Светскиот куп во фудбал.

Има од порано обвинувања дека биле вистински измачувани од домаќините и терани да работат и по 12 часови, на екстремно високи температури.

Без никаква заштита , живеејќи уште и во мизерни услови во бараки и импровизирани контејнери , недостојни за живеење на луѓе, оставени без ладење и без соодветен одмор, каков е задолжителен за работа во реони со температури, што се искачуваат и до 50 степени Целзиусови.

Уште во 2016 година, Амнести Интернешенел ( за прв пат) го обвини Катар дека користи градежни работници ( од странство, но и домашни) на присилна работа, без прекин и без паузи, за да го изгради во најкус рок главниот меѓународен стадион „Калифа“ .

Обвинување од Амнести Интернешенел

Таквите обвинувања се редеа и во следните години, кога луѓето почнаа да се жалат на суровите услови и на нечовечкото однесување на катарските  работодавачите. На тој начин е дојдено  до трагичниот  податокот дека во десетгодишното градење на нов Катар, за Светскиот куп на ФИФА, загинале, или починале од болести предизвикани од мизерните услови за работа, неколку илјади лица.

Лондонски „Гардијан“ има објавено дека како жртви на фудбалот , уште и пред да се заигра, се регистрирани 6500 лица, доаѓајќи до бројката преку имигрантските служби на земјите од каде гастарбајтерите заминеле , а не се вратиле и исчезнале без трага.

Главно станува збор за државјани на Индија и Пакистан, како и на Непал, Бангладеш  и Шри Ланка.Сите тие дошле на работа во Катар, за изградба на објектите за првенството во фудбал, откако претходно им биле ветувани високи плати , добра заработувачка и пристојни услови за работа.

По бурните критики на светските медиуми, како и протестите на владите на сите овие азиски земји, кои и натаму бараат објаснување од катарските власти, Катар има ветено подобрување на условите за работа и зголемување нз заштитата од горештините.

Сурови услови за работа

Веќе тогаш се знаеше дека луѓето умираат од срцеви заболувања, од болести на белите дробови и многу често од нелекувани физички повреди, од силна исцрпеност, но меѓународните организации и натаму го обвинуваа Катар дека нема битно подобрување на условите за работа.

Оценката беше дека луѓето сурово се измачуваат за „мали пари“ за скратување на роковите на градење и за намалување на трошоците.

Амнести Интернешенел има заклучено дека Светското првенство ќе се одржува во  земја, каде работаната сила била сурово измачувана, а  каде не се почитуваат ниту елементарните човекови  права на луѓето кои таму постојано живеат, на луѓето кои можат да се нарекуваат Катарци.

Многу критики има истрпено и ФИФА која, главно, молчеше на сите овие приговори и забелешки. Погодена и од се уште не тргнатите сомнежи дека Светкиот куп- Катар 2022 – е купен со пари, односно со примање мито  и купување на гласови на функционери на Светската фудбалска организаци.

„Купено првенство за пари“

Одлуката да се игра фудбал во пустина, која никој освен ФИФА не ја подржуваше, предизвика и скандал во 2010 година, кога беше донесена.

Се отвори истрага, па некои функционери беа сменети, а некои ( од Латинска Америка и Карибите) завршија и во затвор, за корупција и местење на гласањето. Долгогодишниот директор Сеп Блатер мораше да си замине осрамотен и осомничен  дека и тој бил „дел од кругот кој за пари се определил за Катар“, па на тоа место дојде нов- исто така Швајцарец- Џани Инфантино.

Тој ветуваше средување на состојбите во куќата на Светскиот фудбал во Цирих, но одлуката за Катар не беше сменета.

На  еден ден пред почетокот на првенството, Инфантино уште одржа и една контроверзна прес конференција- монолог- во кој настапи како да е човек на власта во Катар, а не како претседател на најмасовната спортска органзација во светот- која преку фудбалот,  треба да ги брани – и основните демократски и човечки вредности и права.

Инфантино го брани Катар

Но, во Доха првиот човек на ФИФА ги бранеше Катар и тамошната власт, барајќи светот да им се извинува на Катарци за „неправдите превени во изминатите три илјади години“ (!?) ,  гневен што Европа и светот, како и медиумите , ги осудуваат  состојбите со човековите права во оваа земја.

За мизеријата на странските работници и за повеќето илјади мртви , пак, ги обвини сите другите, а не Катарци. Порачувајќи и на Европа дека „требало да ги прими кај себе, на работа“ азиските  гастарбајтери , за да не морало тие да одат во Катар.

Давајќи   вакво небулозно објаснување кое може да се подведе и под хипокризија, зашто доаѓа од државјанин на земја која е максимално затворена кон странска работна сила.

Во меѓувреме, неговиот претходник Сеп Блатер призна дека одлуката за Катар била грешка на ФИФА. За возврат, домаќинот на ова првенство, брзо го потврди тоа. Во последен момент, Катарци го раскина договорот за точење и пиење пиво во текот на првенството. А, пивото е нешто без што немало досега светско првенство.

Инфантино и за тоа има објаснување- ќе можело да се издржи и да не се пие на стадионите, а кој сака да пие може тоа да го направи- во „Оазите за пиво“.

(Спектатор)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе