Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Светски куп во пустина за 200 милијарди

Светски куп во пустина за 200 милијарди

Во малечкиот Катар, во регионот на секогаш политички и безбедносно лесно запаливиот Блиски Исток, на 20 ноември почмува Светското првенство во фудбал. За прв пат во една арапска земја и прво кое се одржува пред почетокот на календарската зима , а не на почетокот од летото, како што е тоа вообичаено.

Ваквиот преседан се прави затоа што така беше одлучено пред 12 години.

Тогаш светската фудбалска организација (ФИФА)  ја донесе можеби  најконтроверзната одлука во својата историја- да организира Светски куп во најпопуларниот спорт во светот, во земја која е сместена во пустина,  има само 2,8 милиони жители и во која не се игра фудбал, па затоа таму немаше ниту еден фудбалски стадион.

Најскапо првенство досега

Сега има седум, а за секој од нив , се вели, дека се вистински архитектонски ремек дела. Освен тоа , изграден е и еден цел, помал град за сместување на спортистите и претечките луѓе, за специјалните гости и за навивачите – за кои се уште , до крај,  не се знае под какви услови ќе се најдат , соочени со строгите муслимански правила за однесување кои важат во Катар. Но, изградена е и комплетно нова инфраструктура, во и околу главниот град Доха,  на досега празниот пустински простор.

Сето тоа придонесува овој (инаку насекаде досега) голем фудбалски спектакл, да биде уверливо најскапиот во историјата на овие првенства.

Едноставно, од првиот Светски куп во Монтевидео во 1930 година, до последното првенство, одржано во 2018 , во Русија , немало ниту толку луксузно, а ниту толку скапо Светско првенство. Првите проценки се дека „Катар-2022“ ќе чини повеќе отколку сите досегашни  21 светски  првенства- заедно!

Градежни и финансиски експерти проценуваат дека цената ќе изнесува над 200 милијарди долари. Колку за споредба, последните две првенства- во Брасил 2014 и во Русија во 2018 година, секое чинеше по околу 15 милијарди.

Проценките надминати за три пати

Европски медиуми потсетуваат дека уште во 2010 година , кога беше одлучено Катар да биде домаќин, се проценуваше дека тоа ќе ги чини Катарци 65 милијарди . Сега се смета дека првенството ќе чини и повеќе од три пати од првичната пресметка, но никој не знае колкава ќе биде завршната сметка, на крајот од првенството.

Сепак, кога се зборува за трошоците, за луксузот и за екстраваганцијата која сега остава настанот уште пред да почне, не треба да се заборави дека владата во Доха уште пред да се добие организацијата, имаше вложено свои милијарди во инфраструктура која не е врзана само за фудбалот. Пред се, нов систем на подземната железница, нов меѓународен аеродром , над 100 хотели, цела низа нови патишта и бројни забавни паркови. Сите како дел од планот за новата визија за Катар до 2030 година.

Некои затоа сметаат дека Катар само го користи Светското првенство за да ја развие својата веќе истрошена и застарена инфраструктура. За тоа, секако, се потребни огромни пари што многу мал број земји можат да си дозволат да ги потрошат, во период од десет години.

За Катар, тоа е видливо, парите не се проблем , па земјата тоа може да го издржи без да предизвика финансиска криза и без заканата од можно банкротство.

Политички, а не комерцијални цели

Проценка на експерти, меѓутоа, е дека политичката елита на оваа богата со нафта и гас земја од почетокот на идејата да се игра фудбал во пустина,  нема  комерцијална цел – за да се заработи од првенството, туку дека целта е само политичка.

Силно да се подигне рејтингот на Катар на меѓународната сцена и посебно во регионот, каде се судрува со веќе афирмираните играчи, какви се Дубаи и Абу Даби, како и исто така малечкиот Бахреин и преку тоа да се наметне како играч во меѓународните односи.

Според тоа, ова првенство ништо нема да измени во катарското општество. Не се очекува некаков напредок на општествен план , или во сферата на човековите права и односи, како и во разбивањето на некои од длабоко конзервативните и религиозни норми.

И после четирите недели играње фудбал во трката за светската титула, оценките  се дека малечката полуостровска држава во Персискиот залив, на општествен план ќе остане непроменета.

Демонтирање на стадионите

Впечаток е дека за тоа што ќе биде со фудбалот во Катар, повеќе се интересираат странците отколку Катарци. Ним, ќе им останат сите оние прекрасни објекти кои се изградени за главниот спортски настан во светот, во следните триесетина денови.

Изградените седум стадиони чинат 6,5 милијарди долари. Не се очекува дека ќе се игра фудбал во  оваа  земја. Велат нема кој да го игра,  иако големите спортски оптимисти ниту тоа не го исклучуваат. Но се зборува дека по Светскиот куп предвидено е да останат три од стадионите. Другите би требало да се демонтираат , или да се да се пренаменат за сосема други цели.

Но, по првенството, со се она што сега е направено, Доха и Катар секогаш може да бидат силен претендент и кандидат за организирање на големи фудбалски  претстави. Посебно за бројните европски купови , во време кога таму може да се игра фудбал, а во Европа тое нема да биде можно, од временски причини.

 

 

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе