„Вагнер“ се утврдува околу Украина
Паравоената, милитантна руска група „Вагнер“, составена од платеници од Русија и од странство, објави дека во два руски окрузи, покрај границата со Украина, гради силни воени утврдувања за „одбрана на земјата од непријателот“. Исто така, соопштено е дека припадниците на оваа приватна војска која и служи на руската армија, ќе започне со воена обука на населението.
Основачот и лидер на „Вагнер“ Евгениј Пригожин (61) потврдил дека „вагнеровци“ почнуваат со својата, како што рекол, нова активност, градејќи ги првите две утврдувања кај градот Белгород и кај Курск, за кои руската воена пропаганда со месеци зборува дека се постојано изложени на „украински напади“.
Приватна воена компанија
Изјавата на Пригожин доаѓа откако пред една недела во Санкт Петербург тој отвори супер модрене „Вагнер центар“ и објави дека паравоената организација ја претвора во воена компанија во која тој станува воен менаџер.
Станува збор за позиција која овој милијардер, за кого до скоро се знаеше како за „куварот на Путин“, настојува да му ја наметне на рускиот претседател како модел што би требало да се примени и на руската војска, која во текот на осуммесечното војување против Украина ги покажа сите свои слабости.
Дали ваквиот совет ќе помине во Кремљ, или не , останува да се види понатаму, но факт е дека Пригожин кој од порано е близок до Путин, сега станува се повеќе влијателен. За него се зборува како за еден од (новите) водечките советници на претседателот врз кого има се поголемо влијание.
Тој е единствен овластен јавно да зборува и да ги критикува состојбите во војната и случувањата околу војската во Украина, како што тоа се случи по признанието на Москва за крахот на рускиот команден кадар кај Хершон, кој дозволи триесет илјадна војска да се најде во клопка.
Воена обука за населението
Притоа, наместо да се расфрла со небирани зборови и закани – пресметувајќи се со Западот во целина и посебно кон Америка, Британја, Германија и НАТО – како што прави Дмитри Медведев- газдата на „Вагнер“ не се пресметува со другата страна, туку своите критики ги насочува кон руската војска, а посебно кон министерството за одбрана.
Затоа, за разлика од „бирократизираното министерство“ Пригожин ја нуди својата воена компанија , како урнек, за воено менаџирање , па немасто тоа да го прави армијата на Русија, тој гради воени утврдувања покрај украинската граница. Во исто време, почнува и воена обука на населението во руските погранични зони, свртени кон Украина, што исто така, би требало да биде работа на министерството и на војската.
„Приватната воена компанија „Вагнер“ помага за обука на населението и за подготовка на луѓето за одбрана на земјата“- се вели во соопштението од пропагандниот центар на Пригожин .
Тој, пак, својата нова улога ја објаснува порачувајќи дека – „Кој сака мир , треба да се подготвува за војна, за да секогаш се биде подготвен да се брани Русија“. Порака позната од теориите за општонародна одбрана и заштита, која како систем е податлива за мали земји. Таа, сепак, не и одговара на земја каква е Русија, која постојано се прикажува како голема сила.
Единици за подршка на армијата
Слободата на дејствување и на однесување која се повеќе ја стекнува Пригожин, поранешен осуденик кој десет години од животот има поминато во руски затвор- најмногу за грабежи, доаѓа после големата улога што „Вагнер“ ја има добиено и успешно одиграно во Источна Украина.
Уште во 2014 година , со изведување на сепаратистичкиот бунт во Луганск и Донецк по кој овие две области прогласија отцепување од Украина, со помош на платеници, меѓу кои и од Балканот, „вагнеровци“ му помогнаа на Путин , без директното вклучување на руската војска, да се почне со растурање на територијалниот интегритет на Украина.
Од тогаш, меѓународната заедница зборува за платеничката војска на Путин која освен во Донбас дејствуваше за потребите на руската политичка стратегија на разни страни во светот. Од Сирија , каде војската на Пригожин беше најмногу ангажирана, во спасувањето на режимот на Башар ал Асад, до Либија , со замешување во тамошната граѓанска војна, па преку Мали во Африка, се до Латинска Америка, помагајќи им на проруските, деспотски режими во тој дел од светот.
Војување на украинска територија
Таквата улога „Вагнер“ ја има и во сегашната војна на украинска територија, во пресметката со Украинците на Истокот од земјата, што трае изминатите месеци ,секогаш како подршка на руската војска на фронтот.
Се тврди дека токму овие платеници ги извршуваат валканите мисии на Русија и бруталните злосторства што го вознемирија светот, користејќи ги притоа како војници и затворениците од руските затвори- главно најтешки криминалци, убијци и осуденици за разни злосторства.
Со претвопрањето на „Вагнер“ во некаква воена компанија, практично, се легализира присуството на една патавоена , платеничка војска и нејзиното вклучување во дејствувањето на регуларната руска армија- дома и во светот- како орудие на Кремљ.
Така може да се објаснат и признанието на Пригожин дека тој ја има создадено групата „Вагнер“, како и тоа дека неговата „агенција за интернет“ преку креирање на Фарма за тролови се има мешано во американските претседателски избори, но и дека може брутално, со егзекуција да се казнува предавството, одмносно прминувањето за војување од руска, на украинска страна.
Егзекуција на екс руски платеник
Овие денови на руските социјални мрежи кружи снимка од егзекуцијата – со дрвен чекан по главата- на поранешен руски платеник кој преминал да се бори за Украина. Но, по само еден месец подоцна, тој (велат бил грабнат) се нашол одново во Русија, каде „вагнеровци“ му суделе и му пресудиле за „предавство“.
Според руските медиуми, станува збор за поранешен затвореник кој пред да биде погубен, самиот се идентификувал. Претходно, во Украина , има изјавувано дека сака да се бори за Украинците, признавајќи дека е поранешен затвореник , осуден за убиство.
Неговото признание само ги потврдува сознанијата на западните тајни служби дека на страната на руската војска се борат затвореници – кои доброволно, за простување на казната, или насила- биле одведени на фронтот. Се претпоставува дека над 1500 руски затвореници биле испратени во војната против Украина , како и дека со ваквата операција управувала токму групата „Вагнер“ – со согласност и знаење на Кремљ.
Снимките од егзекуцијата се прокоментрани со одобрување од милитантните хушкачи на војната во руските медиуми. Самиот Евгениј Пригожин,пак, не сокрива дека се согласува и со пресудата и со начинот на казнувањето на „предавникот“. „Кучето умира како куче“ – рекол газдата на „Вагнер“ за ликвидацијата на неговиот поранешен платеник.
(М.Р.)