Времено или трајно повлекување
Хершон е град во јужна Украина , што руската војска го освои уште во првите недели по инвазијата започната на 24 февруари. Во тоа време, Русите лесно минаа низ украинскиот југ , до веќе од март 2014 година, освоениот и анектиран Крим.
Целото тоа подрачје, на Украина и беше потребно на Русија за да обезбеди копнено поврзување со полуостровот каде е лоцирана новната главна поморска база и каде е стационирана руската црноморска флота.
Градот Хершон беше лесно заземен, речиси без поголем отпор и тој беше и остана единствениот административен центар што руската војска успеа да го освои и да го задржи, под своја контрола, во изминатите осум месеци војување.
Присилно иселување на цивилите
До пред инвазијата во него живееја 380 илјади жители, а сега, велат, делува празен, посебно откако кон крајот на минатитиот месец, окупаторската војска не покрена операција за иселување на речиси 70 илјади негови жители, со речни бродови , на другата страна од реката Дњепар.
Целата таа масовна операција, за која на неколку пати зборуваше и рускиот претседател, се оправдуваше со „грижата за цивилното население“ пред, како што се зборуваше – претстојната голема битка со украинските сили .
Особено што украинската војска со месеци ги гранатираше главните локации за можен премин преку реката која на некои места е мошне широка и наликува на езеро.
Тоа пак, им создаваше проблеми на руската војска која се потешко наоѓаше начин и места преку кои би можело безбедно да го одржува снадувањето со оружје, муниција и со сите други потребни материјали за единиците, распоредени на западната страна од Дњепар.
Нова сталинградска битка
Големата битка која ја предвидуваа и украинските и западните медиуми, во Москва, пропагандната машинерија на Кремљ почна да ја квалификува како „Сталинградска битка“ на украинско тло. Споредувајќи ја со онаа од 1942 годиа, од времето на Втората светска војна, кога советската армија, за прв пат успешно им се спротивстави на нацистичките сили, по што, користејќи ја руската зима, покрена силна контра-офанзива.
Но, кога се очекуваше жестоката битка за започне, од Москва стигна соопштение дека министерот за одбрана , Сергеј Шојгу, му наредил на генералот Сергеј Суровкин да започне со повлекување на Русите кои се стационирани на левата страна од реката кон Хершон.
Руската држвана телевизија го пренесувала директно читањето на соопштението на Шојгу и наредбата до Суровкин, при што било речено дека ваквата одлука е донесена за да се зачуваат здравјето и животите на руските војници, а и поради заканата што постоела за цивилното население.
„Вака не се војува и победува“
Наредбата за повлекување од зоната на Хершон, на овој начин, излегува дека е донесена од „хуманитарни причини“ . Но, таа всушност , е издадена затоа што тоа го налага воената ситуација на теренот, која е крајно неповолна за руската страна . Едноставно, генералот Суровкин сега мора, со најмалку можни жртви, да ги извлекуава своите војници кои, практично, се наоѓаат во клопка- заобиколени од сите страни од Украинците.
Како е дојдено до тоа и како можеле руските команданти да не забележат дека влегуваат во поставена клопка, е работа која ќе мора брзо да се објаснува во Москва, во министерството за одбрана за кое се вели дека се месеци на ред прави погрешни проценки и грешки на теренот.
Евгениј Пригожин, остриот критичар на состојбите , пропусти и недопустливи грешки на минисерството за одбрана- основач и водач на руската паравоена единица „Вагнер“ – вклучена силно во агресијата и војната во Украина – веднаш по соопштувањето на наредбата на Шојгу, се огласи со нова критика.
„На ваков начин не се војува и не може да се победи. Но, сега најмалку е потребно да се создава параноја, туку треба да се направи детална анализа за тоа како сето ова се има случено, за да не се дозволи тоа одново да се повтори“- има изјавено Пригожин.
Удар врз престижот на Путин
Овој руски милијардер ,познат по прекарот „куварот на Путин“ преку дејствувањето и тајните операции на „Вагнер“ , за потребите на Русија и руската политика, има изградено авторитет во Кремљ , што забрзано расте. На тој начин, газдата на „вагнеровци“ сега важи за еден најблиските советници на рускиот претседател, кој може и отворено да зборува и да ја критикува воената ситуација на фронтот во Украина.
Во посебна изјава за про-кремљовската агенција „Спутник“ Пригожин е нешто поумерен во елаборацијата на одлуката за повлекување од Хершон , предупредувајќи дека сега не треба да се создава паника .
Наместо тоа, потребно е брзо да се помогне во отстранувањето на направените пропусти и грешки и да се види кој е виновен, како и да се разбере – која е суштината на проблемите (на украинскиот фронт).
Како и да е, повлекувањето е пречекано и со изненадување и со реакции за тоа што, навистина, се случува во и околу Кремљ. Воени експерти оценуваат дека – како и да се гледа- одлуката за повлекување од Хершон претставува удар врз престижот на Владимир Путин и нов пораз и за него и за руската армија, која продолжува да ја покажува својата неподготвеност за агресија од ваков обем.
Суровкин знаел што го чека
Некои оценуваат дека во случајов, станува збор и за понижување за водството во Кремљ, бидејќи сето тоа доаѓа само нешто повеќе од еден месец, по парадната инаугурација во Москва на „ново приклучените руски земји“ кон територијата на Русија , приграбени од Украина после, со ништо не испровоцираната војна- со окупација на украинска земја и нејзина анексија.
Четири области од Истокот на Украина, на 30 септември, беа церемонијално промовирани за руски- Луганск и Донецк, како и Запорожје и Хершон, чиј главен град сега се напушта, затоа што руските генерали признаваат дека ги имаат загубено сите приоди за безбедно снабдување на војската.
Ако Путин беше главната ѕвезда на парадата во Кремљ, кога се прогласуваше за свое нешто што откраднато со војна, на решението за повлекување од Хершон, тој се нема ниту појавено, а ниту се има огласено. Руските медиуми пишуваат дека тој ден имал состанок за натамошно унапредување на руското јавно здравје.
Оние кои го познаваат велат дека сите овие години како што е на власт, тој одбегнува да се врзува за нешто што не носи политички и лидерски поени.
„Вагнеровецот“ Пригожин, сега тврди дека генералот Суровкин „знаел дека ова ќе му се случи“ (!?) .
Можна дестабилизација во Русија
Но, затоа, никој друг не знае што навистина се случува , а особено не се знае- дали станува збор за привремено, или за трајно повлекување на Русите од тој дел на Украина. Во Киев велат дека можеби станува збор и за прегрупирање и дека заканата од една нова „сталинградска битка“ не е помината.
На Запад, на пример, британскиот министер за одбрана Бен Валас има изјавено дека „ова е докза дека Русија полека ја губи војната“.
Украинската страна, меѓутоа, е повнимателна, предупредувајќи дека може да уследи и руска одмазада за поразот на фронтот. Посебно предупредувајќи на тоа дека „Русите имаат ставено експлозив“ во подножјето на браната Нова Коховка, , што засега, не е потврдено.
Освен тоа , се укажува на изјавата на самиот Пригожин дека тој и неговиот „Вагнер“ остануваат во Хершон, а во Киев се потсетува на веќе сторените злосторства во и околу градот. Украинците не веруваат дека имало иселување , туку дека станува збор за депортација и дека Хершон е остевен без струја и вода.
Но, она на што Киев предупредува се можните случувања во Русија, во блиска иднииа- повлекувањето да предизвика губење верба во Путин, а тоа да доведе до дестабилизација во Русија,
(Спектатор)