„Пермакриза“ – збор на годината во Британија
Уредништвото на угледниот британски речник „Колинс“ соопшти дека за збор на годината за 2022, е определен зборот „permacrisis” . односно „пермакриза“ , или во послободен превод од англиски јазик – долготрајна криза.
Во објаснувањето на лондонската редакција се вели дека во овој збор се содржани сите состојби низ кои има поминато Британија, но и Европа и светот во последниве години и посебно во оваа.
Од британскиот Брегзит, глобалната пандемија со коронавирусот, климатските катастрофи во разни делови од светот, па преку политичката нестабилност и глобалната несигурност , до чувството за надоаѓање на пропаст , што е прилично мрачно чувство , но кое уредништвото на „Колинс“ го има земено во предвид при дефинирањето на зборот „пермакриза“.
Дефиниција за долгата нестабилност
Лондонскиот весник „Гардијан“ кој се занимава со новиот збор на годината и настојува да го анализира, смета дека овој збор е дефиниција за продолжениот период на нестабилност и несигурност, што ги одразува состојбите во изминатите неколку години. Односно, дека „пермакриза“ успева во само еден збор да покаже колку оваа 2022 година беше грозна, непријатна и многу тешка за голем број луѓе.
Зборот е определен за прв, на листа од десет зборови кои се врзуваат за годината која полека заминува. Од овие десет, шест зборови се внесуваат во речникот за оваа година.
Меѓудругите, тука е и зборот „парти-гејт“ со кој се објаснува скандалот во Британија, врзан за собирањето и забавите на низа угледни луѓе во Даунинг стрит 10 во Лондон- меѓу кои биле и сега веќе поранешниот премиер , министри и бројни советници во владата и во кабинетот на премиерот, во текот на корона пандемијата.
Зборот се толкува како спротивставување на определените правила за јавна здравствена заштита , што е во изразит контраст со чувството на изолација и на изгубеност на мнозинството луѓе.
„Парти-гејт“ и „спортско перење“
На листата се наоѓа и зборот „Киев“ откако името на главниот град на Украина почна да се прифаќа како симбол на ставот на оваа земја против руската агресија и војната.
Зборот „Warm bank” , пак, се опишува како локација- јавна библиотека или место каде има богослужба- коja ги отвора своите врати во текот на зимските месеци , за да им пружи топлина на луѓето кои се соочуваат со проблемот со греењето во своите домови, поради прескапите цени на енергијата.
Нов израз -„каролско време“ (Carolean) – е определен за да се определи новото , постелизабетанско време, по смрта на кралицата Елизабета Втора и стапувањето на престолот на новиот крал Чарлс Трети.
Но, во речникот е внесен и зборот „спортско перење“ (sportswashing) за кого во „Колинс“ велат дека претставува израз за земји кои користат спортски активности и настани, за да го зголемат својот углед , или за да го одвратат вниманието ( на меѓународната јавност) од неприфатливата политика.
База од 18 милијарди зборови
Организаторот на претстојното светско првенство во фудбал- Катар- е обвинет за користење на „спортско перење“ по бројните сомнежи и обвинувања за лош третман и однос на тамошните власти кон странските работници и мигранти, но и за хомофобијата и за ограничувањето на слободата на изразување.
Речникот „Колинс“ има своја база на податоци за 18 милијарди зборови која ја користи за да ја изработи годишната листа од нови и значајни зборови.
Во последните три години, се одбраа зборови кои исто така одговараа на моментот. Во 2019 година тоа беше зборот – „климатски протести“. За збор на годината во следната 2020 беше зборот „пандемија“, а минатата година- победи зборот „локдаун“.