Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Русија изврши „аншлус“ на истокот од Украина

Русија изврши „аншлус“ на истокот од Украина

Владимир Путин  изврши анексија врз 15 отсто од територијата на соседна Украина,  која претходно неговата војска ја окупира , па без разлика кој што мисли во денешна, путинова Русија и меѓу новосоздадени русофили, носени од нивниот антиамериканизам и антизападнатата определба,  оваа постапка претставува најголема ескалација во војната на украинска територија и најгрубо досега кршење на меѓународното право и на повелбата на ОН.

Одлуката на Путин, со изведената театрална промоција во Кремљ  на приклучувањето на  четирите , грабнати украински области кон Русија, со песни и игри, со паради  и слетови, да се прослави „руската победа“ и сето тоа да се означи како „историски ден“, не може со ништо  досега да се спореди во современа Европа . Но,  затоа може да се спореди со минатото- со она од времето на нацистичка Германија.

Застрашувачка споредба

Во средината на триесетите години на 20 век, фирерот Адолф Хитлер тргна во „исправање на неправдите “ од Версајскиот мировен договор, па ја запоседна пограничната Рурска област, означувјќи ја како „историски дел на Германија“ и на  тогашниот Трет Рајх, за да потоа продолжи со АНШЛУСОТ  врз Австрија, или со припојувањето на оваа независна држава кон германската територија.

Изговор му беше дека и  во Рурско-сарската област живеат Германци кои (наводно)  биле онеправдани , понижувани и сведени на тоа да бидат граѓани од втор ред, а дека во Австрија и онака народот се Германци и зборуваат германски , па дека затоа  е сосема природно земјата да стане дел од новата, нацистичка Германија.

Така зборуваше и правеше Фирерот и неговата националистичка и насилничка политика, на кројот ( по серијата попуштања на тогашниот Запад и на неутралноста на САД) предизвикаа  окупација на Чехословачка , а потоа и напад на Полска, што предизвика почеток на Вторатат светска војна.

Споредбата со денешното време и со постапките и однесувањата на путинова Русија, колку и да делуваат застрашувачки, а за оние врзани со срцето за Истокот и неодмерено, сепак, се сосема наместо.

Измислени изговори

Застрашувачки делуваат затоа што  моќникот од Кремљ  се заканува со употреба и на нуклеарно оружје за да ги одбранел Русија и Русите, мислеjќи тука и на анектираните укрански области.

Но, од друга страна,  на споредбата со фрустираниот Германец кој го запали светот пред 80 години, упатуваат „аргументите“ на Путин за мотивите за инвазијата, за војната во Украина, за „потребата од ослободување“ , за анексијата и за божемното право на Русите на украинскиот Исток- на самоопределување.

Нема да се прави потсетување до Владимир Владимирович кој изврши „ сурова чистка“ во Чеченија, на пример, на почетокот од неговото владеење, не дозволувајќи им  на тамошните сепаратисти да се отцепат и одземајќи им го правото на самоопределување.

Меѓутоа, колку за потсетување, уште со покренување на бунтот во Донбас, во април 2014 година (веднаш по анексијата на Крим) – Кремљ и Москва зборуваат за „насилство врз Русите и оние кои зборуваат руски јазик од страна на властите во Киев“, за одродување на луѓето и за нивното барање да се вратат кон „мајка Русија“.

Сурово казнување на Украинците

Бараа оправдување за сурово казнување на Украина и на Украинците кои застанаа зад двете „шарени револуции“ во Киев и го најдоа кога проевропските сили го соборија од власт прорускиот претседател Виктор Јанукович кој побегна- нормално- во Москва. Гневот на проевропејците Јанукович го предизвика откако ( на барање на Кремљ) одби да го потпише указот за веќе усвоениот ( во украинскиот  Парламент) договор за економска соработка на Украина и ЕУ.

Руската казна уследи веднаш потоа. Во март 2014 прво беше заземен, а потоа и окупиран, па брзо анектиран Крим со нелегален референдум. Во Луганск и Донецк пак, Москва покрена бунт по кој сепаратистите веднаш се „отцепија“ и прогласија “независност“ .

Осум годни подоцна, Путин се определи за воена инвазија, откако неколку месеци го лажеше светот дека „Западот измислува интервенција“ а дека стационираните 120 илјади руски војници, на границата со Украина, само вежбаат „ на својата територија“ .

Негација на украинската посебност

Сега веќе покрај приказните за „грижата за Русите“ на украинскиот Исток, на Кремљ му требаше некоја нова приказна . За тоа дека божем НАТО ја загрозува безбедноста на Русија , доколку Украина стане членка на Алијансата, па дека со Киев владеат „националисти “ и уште дека власта предводена од Волдмир Зеленски е „нацистичка“, иако тој самиот е од еврејско потекло.

Приказната за загрозената од НАТО стана патетична, откако за неа се расприкажаа и некои европски медиуми и аналитичари, иако таа приказна беше целосна измислица и лага на руската пропаганда за домашни потреби и за изговор за агресија. Како да се заборави дека од пред неколку децении Норвешка е во Алијансата , а се граничи со Русија, во НАТО деценија ипол се трите балтички земји, а во НАТО се и САД и Канада од другата страна на светот, па Путин никогаш нема споменато дека е загризен и дека треба да освојува туѓи територии.

На сето ова уследи и грубиот руски национализам на Путин кој во еден свој настап, пред инвазијата, ги дисквалификува Украина како држава и Украинците како посебен народ.

Според него, Украина е создадена од Русија и е руска територија, а дека Украинците и нивниот јазик , како и нивната култура и историја- едноставно не постојат, бидејќи се дел од рускиот јазик, култура и историја.

Политичар кому не треба да се верува

На тој начин, беше спакувана приказна со која на оние кои веруваат во нив, требаше да им се даде оправдување за инвазијата, а посебно за анексијата во  стилот на нацистичкиот „аншлус“ . Сето тоа,   само ги соголи до крај и Путин и целата неговата заложба да му се продава на светот,а  посебно на малите и фрустрирани народи и на нивните поткупени политичари, за некаков светски лидер.

Затоа  што, прво ја понижи Русија, бидејќи во современиот свет нема место за анексии, ниту за окупации. ОН  се создадени во 1945 година за да нема веќе окупирање  на други земји, аншлуси и грабнување  туѓи територии. А, потоа, затоа што во залезот на својата доживотна власт, покрена војна од чисто  империјалистички побуди- за запоседнување нови простори- како во империјалните години на 19 век.

Конечно, затоа, што се покажа како политичар кому не може да му се верува и за кого никаков договор, нема никаква важност.

Пропаѓање на договорите од Минск

Вистината за имеријалните цели на путинова Русија, како идна матица за обновениот СССР , тој и Кремљ ја демонстрираа со анексијата на Крим, а потоа и со игрите околу договорите потпишани во Минск на Путин и Петро Порошенко, на кои како своевидени гаранти беа Ангела Меркел и Франсоа Оланд.

Договорот „Минск 1“ беше  мировен договор, за да престанат непријателставата меѓу украинската војска и бунтовничкирте сили кои воено, материјално и политички ги подржуваше Москва. Се создада линија за прекин на огнот , која  остана во сила се додека Путин, пред инвазијата ги призна отцепените територии за „независни држави“  и објави дека Минскиот договор веќе не важи.

Договорот „Минск 2“  се однесуваше на политички решенија што требаше да обезбедат траен мир. Властите во Киев  да направат уставни реформи, за определување поинаков статус за Истокот на Украина. Но,  претходно, сепаратистите требаше да го одложат оружјето и сите странски сили (доминантни беа Русите) да се повлечат од Донбас.

Москва тоа никогаш не го исполни, па беше јасно дека на крајот се ќе заврши според кримското сценарио. Така и се случи – со уште еден „аншлус“ –  овој пат после крвави војувања , извршени злосторства и намерно уништување на Украина на целата нејзина територија.

(И,Т.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе