Блеф или реална нуклеарна закана
Очајни лидери, соочени со очајни политички, финансиски, или воени ситуации знаеле да повлечат очајнички потези за да се извлекуваат од кризата која (обично) самите ја создале. Такви примери има многу во минатото. Обично, таквите потези многу ретко имаат донесено позитивен резултат. Најчесто само предизвикувале други да страдаат.
Оние кои ги познаваат состојбите во и околу Кремљ, предупредуваат дека рускиот претседател е сосема близу да се најде во една таква, очајничка ситуација, откако има повлечено низа погрешни потези – врзани за инвазијата врз соседна Украина и за војната во која заглави руската војска.
Верувајќи дека може да биде и воен командант, Владимир Путин тргна во покорување на Украина со ограничен воен контингент во т.н. „специјална воена операција“. Иако школуван за оперативец на КГБ и тој и неговите околу него – сите минати низ тајните советски и руски служби – не веруваа (а немаа ниту сознанија) дека „браќата“ Украинци ќе се спротивстават и тоа жестоко.
И не веруваа дека Западот ќе постигне и ќе одржува единство – не само за да се помага Украина, туку и за да се воспостават санкции какви досега никому не му се наметнати.
Соголена вистина
Контра – офанзивата на осоколените Украинци и враќањето на дел од претходно окупираната украинска територија ја соголи промашената воена тактика. Војувањето со неискусни момчиња, присобрани војници од (азиските) малцински групи од далечните сибирски пространства, или со платеници – домашни, од Сирија и од русофилскиот свет – се покажа како „сметка без крчмар“, па украинската контраофанзива, откри хаотична состојба во војската.
Сето тоа навестува дека Русија и Владимир Путин се соочуваат со неуспех. За да се пополни воениот состав, кој има забележано големи загуби и се соочува со раширено дезертерство, Путин нареди мобилизација на нови 300 илјади војници. Но, ја засили воената реторика, па сега и тој, а и тие околу него, се почесто зборуваат за употреба на руското нуклеарно оружје.
Во последното обраќање до руската јавност, се закани дека Русија ќе ја употреби целата своја расположива воена сила (што ќе рече и нуклеарното оружје) доколку се почувствува загрозена. Додавајќи притоа, дека не станува збор за блеф.
Нуклеарна војна не се добива
Не беше тоа прв пат да се заплашува светот со руското нуклеарно оружје. Почна уште на почетокот од инвазијата и никој од тогаш не зборува дека Москва блефира, туку дека (се уште) верува оти во Кремљ има доволно разум. Покренувањето на ова оружје може да предизвика судир од многу пошироки размери и да доведе до катастрофални последици, од што нема да останат неповредени ниту Русија, а ниту Путин.
Во таквата атмосфера на застрашување што ја создава Кремљ, реагираа и НАТО и САД, но и светот.
Јенс Столтенберг порача дека Русија мора да знае дека нуклеарна војна не може да се добие, но советникот за национална безбедност на САД Џејк Саливен отиде подалеку во елаборацијата, па на Москва и порача дека ќе се соочи со катастрофални последици доколку се реши да употреби нуклеарна сила.
Во интервју за американската телевизија Ен – Би – Си Саливен откри дека преку приватни канали на руската страна веќе и е пренесено дека САД одлучно ќе реагираат на една таква руска авантура и дека Москва добро знае како тоа ќе се изведе!
„Нема блеф туку уцена од Русија“
Украинскиот претседател Володмир Зеленски, пак, верува дека е „сосема можно Русија да ја оствари својата закана, затоа што Путин сака да го исплаши светот„. Според Зеленски, станува збор за нуклеарна уцена од руска страна и дека рускиот претседател не блефира, кога зборува за интервенција и со нуклеарно оружје.
А, тоа го потврдува и поранешниот премиер и во еден мандат претседател на Русија Дмитри Медведев.
Откако почна војната, неговиот шеф Путин – почна да го користи како своевиден толкувач на неговите ставови. Овојпат Медведев потврдува оти нема блефирање во заканите на Путин и дека тоа сите треба да го знаат, но и предупредува дека „Русија ќе направи се за да “нацистичка“ Украина не дојде до нуклеарно оружје“!?
Како и да е, шефот на европската дипломатија Јосеп Борел смета дека честата нуклеарна реторика која доаѓа од Кремљ – од самиот Путин и неговите – не треба да се потценува и дека сите такви закани треба да се примат сериозно.
Овој искусен шпански дипломат вели дека војната е дојдена до опасна точка, затоа што после седум месеци војување Русија е потисната и притеснета, но и понижена, а рускиот претседател на тоа одговара со нуклеарна закана.
Употреба на тактичко нуклеарно оружје
Сето тоа се случува со лидер кој веруваше во брза победа. Наместо тоа се соочува со пораз, па сега настојува да се спасува рускиот образ, но пред се, својот углед на моќник кој сака да го ревитализира пропаднатиот СССР, како „руски свет“. Затоа, потсетува на старите советски водачи кои постојано се закануваа со нуклеарниот арсенал, одржувајќи ја на тој начин поделбата во Европа и контролата врз источноевропскиот советски воено – политички блок.
Воена експерти, меѓутоа, сметаат дека Путин не сака тотална нуклеарна војна, туку дека се заканува со тактичка нуклеарна експлозија на украинска територија.
Станува збор за тактичко нуклеарно оружје со мали нуклеарни експлозиви, создадено за да се користи на фронтот, или за еден ограничен нуклеарен напад. Со него се уништуваат цели (и луѓе) на ограничено подрачје и ова оружје не предизвикува контаминација од големи размери.
Моќта на најмалата тактичка нуклеарна глава е до еден килотон ТНТ. Тоа значи како експлозија од илјада тони класичен динамит. Нуклеарниот арсенал, инаку, содржи и стратешко нуклеарно нуклеарно оружје кое е помоќно и се движи до илјада килотони и се насочува на поголеми далечини – до илјада км. За најразорна термонуклеарна експлозија досега, се смета советската од 58 мегатони. Американската фрлена во Хирошима во август 1945 година имаше јачина од 15 килотони.
Реална закана
Се смета дека Русија има околу две илјади тактички нуклеарни бомби кои може да се постават и на конвенционални боеви глави – на ракети, па дури и на гранати и може да се лансираат и од бродови и од авиони.
Но, тактичкото нуклеарно оружје, никогаш досега и никаде не е користено во некој воен судир. Ниту една од десетината нуклерни земји во светот не сакаа и не беа подготвени да ја преземат одговорноста – први да употребат нуклеарно оружје за да победат.
Проценка на воени и безбедносни експерти е дека овој пат има реална закана за употреба на нуклеарното оружје, затоа што Владимир Путин (помалку) очајнички порачува дека ќе ја брани територијата на Русија од напад.
При тоа, тој како Русија ја смета и окупираната земја во Источна и јужна Украина – од Крим, преку Донбас и Хершон до Запорожје, што по фалшивите референдуми, едноставно, ги анектира како руска територија.
Нуклеарна одбрана на Донбас
За да нема забуна, портпаролот на Кремљ, Песков побрза да дообјасни дека секој напад извршен врз Донбас, за Москва ќе значи напад врз територијата на Русија. Полуостровот Крим веќе од 2014 година Русите не го сметаат за украинска територија.
Властите во Киев и Зеленски, пак, и натаму најавуваат борба за ослободување на целата територија на земјата, инсистирајќи дека по ваквите „референдуми“ нема основа да се преговара, затоа што нема за што да се преговара.
Тоа значи дека Украина, Европа и светот се на работ од можната прва употреба на нуклеарното оружје во една војна.
Повеќето експерти, сепак, уверуваат дека во нуклеарната реторика на Путин и на Кремљ, всушност, се крие заканата до Западот, да не го снабдува Киев со ново и уште помоќно оружје (постојат и „обични” гранати и ракети наполнети со нуклеарно полнење) – за да го ослободува Истокот на Украина.
Каква би била контра – реакцијата
Стравот, меѓутоа, постои од можноста Путин да не успее да ја стабилизира состојбата во армијата (Русија се соочува со силен отпор на мобилизацијата и бегство на оние што треба да се претворат во ново топовско месо на фронтот).
Во еден таков развој на настаните, лидерот од Кремљ може да се најде во крајно очајничка ситуација и онака арогантен каков што е, да посегне по последната можност за да победи – по нуклеарното оружје.
Доколку тоа, навистина, би се случило, САД и другите од Западот најавуваат „жесток одговор“, но во основа не се знае каков одговор би добил Путин и колку далеку сојузниците се спремни да одат за да го казнат за неговата луда нуклеарна авантура.
Сигурно е само тоа дека во тој случај Путин ќе остане сосема сам – и поразен – затоа што ниту Кина, која сега го покрива, а уште помалку Индија и другите, би застанале зад нуклеарна војна за Донбас, Запорожје, Крим и Хершон. Само за да Владимир Путин го оствари замисленото – да и обезбеди на Русија врска по копнен пат до морето. Како во империјалните времиња.
(С.С.Г.)