Семејството Мекан го изгуби спорот со Португалците
Родителите на исчезнатото англиско девојче Медлин Мекан ја изгубија и последната правна можност за заштита на нивниот углед во случајот против поранешниот португалски полициски инспектор Гонсало Амарал и неговите (неосновани) тврдења против нив, но и против правосудството на Португалија, откако Европскиот суд за човекови права ја отфрли нивната жалба.
Во почетокот на мај 2007 година, од хотелска соба во одморалиштето Праја да Луш, во португалскиот туристички центар Алгарве, исчезна тогаш тригодишната Медлин. Исчезна додека спиела заедно со своите помлади брат и сестра – близнаци – кои родителите Кејт и Гери Мекан од Лестер во Англија, ги оставиле трите деца сами, додека биле на вечера во еден ресторан, во соседството на хотелот.
Исчезнување без трага
Кога родителите се вратиле во апартманот ги затекнале близнаците како и натаму спијат, но ќерката Медлин ја немало. Веднаш ја алармирале полицијата, пријавувајќи дека девојчето е грабнато.
Шеф на истрагата беше локаниот инспектор Амарал кој откако не успеа да дојде до било каква трага за тоа што се случило со малечката Англичанка, почна да ги сомничи родителите, предизвикувајќи гнев во британската јавност која со големо внимание ја следеше истрагата. Кога не успеа да прикаже било каква основа за своето сомничење, под притисок на британската полиција која се вклучи во потрагата, Португалците го тргнаа Амарал од случајот.
Тој, меѓутоа, продолжи во португалските медиуми да ги обвинува родителите дека се виновни за смрта на нивното дете и полека успеа да ја сврти јавноста во Португалија против мајката и таткото на девојчето, иако до тогаш целата тамошна јавност беше на нивна страна.
Обвинувањата на полицаецот Амарал
Полицаецот, набргу, ја напушти полицијата и напиша книга во која уште поостро ги обвини Кејт и Гери Мекан дека се виновни, твредјќи дека им дале на децата препарат за спиење, но дека за Медлин погрешиле, давајќи поголема доза, поради што детето починало.
Во паниката, според Амарал, родителите и обајцата лекари по професија, го закопале телото на своето дете и објавиле тревога – дека нивната ќерка е киднапирана.
Уследи тужба од семејството Мекан против пораншниот полицаец кој беше осуден од локалниот суд со парична казна за клевета, со 450 илјади евра. Родителите објавија дека парите ќе ги употребат за трошоците за приватната истрага што тие и натаму ја водат, трагајќи по Мекан која доколку е жива би имала 15,5 години.
Но, адвокатите на екс полицаецот се жалеа до португалскиот Врховен суд, кој го запре извршувањето на исплатата, односно ја укина казната. Тогаш Меканови поднесоа жалба до Европскиот суд во Стразбур тврдејќи дека судот во Португалија не го почитувал нивното право на приватност и на приватен живот, како и презумцијата за невиност.
Нема основа за жалбата
Но, Европскиот суд (на изненадување) застана во одбрана на Амарал и на португалското правосудство.
Според пресудата, нема основа за жалбата затоа што родителите веќе биле јавни личности во случајот на нивната ќерка, за кој се пишувало и во португалскиот и во британскиот и европскиот печат, уште пред да се појави книгата на Амарал. Во време кога штетата на приватноста на Кејт и Гери Мекан веќе била направена. Уште повеќе што обајцата (во еден момент) беа и формално осомничени од португалските власти, иако никогаш не беа и обвинети.
Освен тоа, Судот во Стразбур смета дека португалскиот Врховен суд при поништувањето на пресудата на основниот суд, на никаков начин не иницирал, ниту посочил дека воопшто има вина на родителите на Медлин Мекан, за да може да се зборува за повреда на нивната приватност.
Ни после деценија ипол од исчезнувањето, нема траги дали таа е воопшто жива, ниту сознанија за тоа што навистина се случило во мај 2007 година во Праја да Луш.
(Д.Л.)