Стинг: Демократијата е во опасност
Познатиот британски музичар Стинг кој изминатиот викенд беше во Полска и одржа концерт во Варшава, во текот на својот настап – во еден момент – го прекинал концертот за да и се обрати на публиката, зборувајќи за тоа дека демократијата е под голема закана.
Според Стинг, демократијата е нападната низ целиот свет. Тој во исто време ги осуди руската инвазија врз Украина и војната што Русите ја водат за што има речено дека претставуваат апсурд што се заснова врз лаги и измислици.
Овации од Полјаците
Веднаш потоа, британскиот музичар го повикал популарниот полски актер Мачеј Штур, на сцената, да ја преведе пораката за заканата на која е изложена демократијата и опасноста таа да биде загубена доколку луѓето не се борат за да ја одбранат.
„Алтернативата на демократијата е затворот – затворањето на умот. Алтернативата на демократијата е насилството, угнетувањето, апсењето и молчењето “ – рекол Стинг на својот концерт во Варшава.
Ваквата порака тој ја има упатено во земја каква е Полска која се граничи со Украина – врз која од пред пет месеци е извршена брутална агресија. Полската територија, пак, сега е претворена во засолниште и место каде привремено се сместуваат милиони Украинци, најмногу од било која друга земја во Европа и во светот.
Осудувајќи ја руската инвазија, Стинг рекол дека војната што се води во Украина – „се темели на лаги, а тие лаги сите нас ќе не изедат“.
За демократијата вреди да се бори
Обраќањето на Британецот, среде концертот на главниот стадион во Варшава, публиката го има поздравено со овации. Посебно силно биле поздравени неговите зборови дека „демократијата е нешто што не е до крај уредено и знае и да е фрустрирачко, но дека за неа, сепак, вреди да се бори“.
После обраќањето, Стинг го продолжил својот настап со нумерата „Fragile” во која меѓудругото се вели дека – „ништо не се добива од насилството и ништо и никогаш не можело да се добие“.
Ова не е прв пат Стинг да ја брани демократијата и да го осудува насилството, а пред се, да ја осудува сегашната војна која Русија и ја наметна на Украина. Тој заедно со Мадона, Иги Поп и Пинк Флојд беше меѓу првите големи поп ѕвезди кои ја осудија инвазијата, уште на почетокот од март.