Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Размена на затвореници меѓу САД и Русија?

lufimorgan/Depositphotos.com

Размена на затвореници меѓу САД и Русија?

Официјален Вашингтон одлучи да и понуди на Русија размена на затвореници – нудејќи го затворениот руски трговец со оружје Виктор Бут – осуден во САД на 25 години затвор, за ослободувањето на американската кошаркарка Бритни Гринер и на поранешниот маринец Пол Вилан.

Поддршка за еден ваков план е добиена и од претседателот Џо Бајден, откако роднините на двајцата Американци кои се во руски затвор, подолго време бараат властите на САД да се заложат во Москва за нивно ослободување, сугерирајќи дури и размена на затвореници, иако министерството за правда во Вашингтон – според тамошните медиуми – „не е воодушевено со една ваква идеја“.

Лавров нема време

Во меѓувреме, Стејт департментот му има понудено на руското МИД и средба и разговори за ова прашање, без разлика што односите меѓу двете земји (практично) се целосно прекинати, поради руската инвазија врз Украина и војната која трае повеќе од 150 денови.

Москва, од своја страна, се однесува незаинтересирано и арогантно, како што тоа го прави по агресијата врз украинската територија. Прво тврдеше дека нема американска понуда за едно вакво прашање, а потоа воинствениот Сергеј Лавров, преку својата исто таква портпаролка, порача дека “средба може да има кога министерот ќе најде време за тоа – сега бил многу зафатен“.

Додека зад сцена, сепак, течат договарањата, кошаркарката Гринер која, инаку настапува за еден руски клуб, се појави на сослушување пред судот во Русија.

Во февруари таа е уапсена на аеродромот во Москва, за поседување дрога (марихуана) кај себе. На првото сослушување има признаено дека е виновна што имала дрога, но се бранела дека тоа е само за нејзина потреба и дека таа не пренесувала, ниту дистрибуирала опојни средства во Русија.

Вилан, пак, е веќе осуден за (наводно) шпионирање, уште во 2018 година, на затворска казна од 16 години, во судење кое Американците го опишуваат како – најблаго речено – нефер и нечесно.

„Трговец со смртта“

Она што повеќе ја интересира јавноста во Америка (и низ светот) е тоа – кој е Русинот што американската страна го нуди за размена и за што е осуден на толку висока затворска казна.

Виктор Бут е поранешен офицер на советската армија кој е обвинет за правење заговори, за планирање убиства на Американци, за илегална трговија со оружје – противвоздушни проектили – како и за материјална поддршка и префрлање пари за една терористичка организација.

Тој тврди дека е невин, а Кремљ долго време, пред сегашната понуда од САД, бараше Бут да биде ослободен, за да може да се врати во Русија.

Уапсен е во 2008 година, откако пред тоа неговото име се наоѓаше на низа меѓународни потерници, опишан како „озлогласен трговец со смртта“.

Апсењето во кое била вклучена и американската полиција која се бори против трговијата со дрога, било извршено во Тајланд. Таму тој се криел (живеел), прикажувајќи се како припадник на забранетата, ултра – левичарска организација ФАРК од Колумбија, која беше прогласена како терористичко движење.

Поручник на советската армија

Во 2010 година, беше екстрадиран во Америка, а на судењето во Њујорк, обвинителот го има прикажано како Непријател број еден, меѓудругото и затоа што беше откриено дека вооружувал неколку терористички организации и групи во разни делови од светот. Обвинет е за префрлање оружје во текот на крвавите судирања во Либерија, во Африка, а потоа и во Сиера Леоне и во Авганистан.

Уште во 2004 година, американските власти му ги имаат запленето имотот на територијата на САД, а подоцна ги имаат блокирано сите негови банкарски трансакции.

За него се знае дека е роден во Таџикистан, поранешна советска република, сега независна држава. Во биографијата стои дека дипломирал на рускиот воен институт, за изучување странски јазици, па сега се тврди дека зборува дури девет јазици што му овозможувало лесно да се движи низ светот.

Има чин поручник на советската армија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе