Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Лавров: Целта е да се тргне Зеленски од власт

dmytro.larin/Depositphotos.com

Лавров: Целта е да се тргне Зеленски од власт

После 150 денови војна и безмилосно уништување на Украина и на нејзините градови и после кој знае колку цивилни жртви, Москва – конечно – призна дека крајната цел на војната е пад и тргање од власт на украинскиот претседател Володмир Зеленски и на неговата влада.

Ова го потврди еден од најблиските и најлојалните луѓе на Владимир Путин, неговиот воинствен шеф на дипломатијата Сергеј Лавров.

„Ние сме одлучни во тоа да им ПОМОГНЕМЕ на Украинците ДА СЕ ОСЛОБОДАТ од товарот на апсолутно неприфатливиот режим (на Зеленски)“.

Министерот кој дипломатијата ја има заменето со силата на оружјето и на војната, во исто време ги обвини Киев и неговите сојузници од Западот дека (наводно) – „шират пропаганда чија цел е Украина да стане вечен непријател на Русија“.

Москва ветува „братска помош“

За целите на руската агресија врз украинската територија, Лавров зборувал на Самитот на Арапската лига во Каиро, каде Русија настојува да најде пријатели, поддржувачи и сојузници во услови на сегашната меѓународна изолација во која се наоѓа Москва.

„Русија и народот на Украина би сакале да продолжат да живеат заедно, па затоа ние (Москва) ќе помагаме Украинците да се ослободат“ од – како што рекол рускиот министер – „режимот (во Киев) кој е ненароден и анти – историски“.

Изјавата дадена на еден меѓународен форум, во земја далеку од линијата на фронтот во Украина, за тоа дека Русија ќе помогне да се собори од власта еден легално избран претседател на земја која е независна, суверена и членка на ОН, е сосема различна од претходните вакви изјави – за целите на инвазијата – што ги даваа највисоките руски претставници.

Лажни аргументи на министерот

Во времето пред инвазијата и на почетокот од агресијата, Кремљ и официјална Москва тврдеа дека со (наводната) „воена интервенција“ само се брани Русија и се заштитува руското население и оние кои зборуваат руски, од „геноцидот“ на украинските „националисти и нацисти“, како и тоа дека Русија нема намера да го собори и да го тргне од функцијата Володмир Зеленски.

Лавров во Каиро уште зборувал дека Москва нудела преговори и постигнување спогодба со Украина, но тогаш Киев се определил воено да се победи Русија, повторувајќи ги одново веќе познатите обвинувања кон Западот дека го „охрабрува Зеленски да не прифаќа преговори, се додека не се порази Русија“.

Не се знае како на сето ова реагирале арапските претставници, но шефот на руското МИД уште еднаш се прави дека е заборавен, затоа што токму Москва не прифаќаше преговори и нивно продолжување, кога изгледаше дека има некаков напредок (со турското посредување). Тогаш од Кремљ порачаа дека „сега веќе не е време за преговори“ кои изгледаа како руски диктат.

Што со украинскиот претседател

Требаше да се прифати статус – кво, односно да има „мирно решение“ со кое Украина ќе прифатеше територијални отстапки кон Русија – за Крим и за целиот Донбас. Тоа е времето кога Зеленски се откажа од членството во НАТО, вети неутралност на Украина и понуди десетгодишен мораториум за статусот на Крим, на што руската страна реагираше студено – инсистирајќи на некаква мировна спогодба, со останување на руската војска на украинска територија.

Нешто налик на ситуацијата со Грузија во 2008 година, кога тогашната грузиска власт прифати – под руска принуда – мировна спогодба и прекин на војувањата, по која Грузијците ја загубија и Осетија, откако пред тоа ги имаа загубено Абхазија и половината од грузиското црноморие.

По ваквите закани, изречени од Лавров, прашање кое го поставуваат европските безбедносни експерти е – каква ќе биде натамошната судбина на украинскиот претседател. Односно, како Русите ќе помагаат (и кому во Украина) за да се тргне од власт Зеленски.

Казнување на Украинците

Претпоставка е дека тоа се оние сили на кои Москва единствено им верува, оние од времето кога оваа екс советска република беше руски вазал – со проруски политичар на претседателската функција.

Но, прашањето е зошто тогаш требаше војната, со големите жртви кај цивилното население и огромното разурнување на Украина – ако целта бил претседателот Зеленски.

Елиминацијата можеше да се изведе со пуч уреден од Москва, според старата кгбеовска рецептура, по што тој ќе исчезнеше некаде во Русија, во најдобар случај, а во Киев ќе се поставеше на функција „руски човек“ – како оној Виктор Јанукович, што беше тргнат со втората „шарена револуција“ во Украина, а тој побегна во Москва.

Но, на Путин му требаше војна за да ја распарчи украинската територија. Прво, за да го обезбеди патот на Русија до Крим и за да обезбеди сигурносна заднина за полуостровот што рускиот претседател го смета за своја територија.

Против ЕУ и украинската државност

Меѓутоа,, му требаше војна и за да се казни и понижи Украина и за да казнат Украинците, што им свртија грб на Русите. Останувајќи лојални на својата држава и определени таа да тргна по нов пат, ослободени од „братската прегратка“ на Русија.

Германскиот претседател Штајмајер, во оваа ситуација, има и свое толкување за путиновата војна.

За него, војната е насочена и против ЕУ/Европа таква каква што е, уредена сосема различно од една недемократска и авторитарна Русија. Затоа Штајмајер вели дека „Европа не смее да дозволи да биде поделена од војната што ја покрена Русија и да го разори големото дело на Обединета Европа.

Според германскиот претседател, војната не се однесува само на украинската територија, туку е насочена и кон урнисување на темелните европски вредности. Особено што во оваа војна на европско тло, Русија ја оспорува украинската државност и постоењето на Украина како независна држава.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе