Бајден против Врховниот суд на САД
Американскиот претседател Џо Бајден донесе посебна претседателска извршна уредба за заштита на абортусот, за пристапот кон прекинувањето на бременоста и кон контрацепцијата.
Со оваа уредба би требало барем делумно да се амортизира контроверзната одлука на Врховниот суд на САД, од јуни, за менување на половина век стариот закон за правото на жените на абортус.
При потпишувањето на уредбата, Бајден одново ја осуди одлуката на судот и порача дека – додека тој е претседател абортусот во Америка нема да биде забранет.
Наплив на конзервативизам
„Најбрз пат со кој жените ќе го остварат своето (човечко) право за прекинување на бременоста, е со донесување закон во Конгресот. Не можеме да му дозволиме на Врховниот суд неконтролирано ограничување на слободите” – има речено претседателот на САД.
Бајден е под силен притисок на либерална и демократска Америка да му се спротивстави на судот и на конзервативизмот што тој го форсира во последно време (претходно дозволи носење оружје и надвор од живеалиштето).
Токму конзервативните судии во Врховнсиот суд (и за двете пресуди) одлучија Америка да се соочи со враќање од повече од половина век. Посебно за последната одлука околу абортусот укинувајќи една историска пресуда за случајот што во САД е познат ако „Рое против Вејд“ по кој уште пред половина век беше легализиран абортусот.
Ограничена моќ на уредбата
Меѓутоа, моќта на американскиот претседател е ограничена, затоа што сојузните држави (каде се републиканските конзервативци на власт) можат да донесат свои закони со кои ќе го ограничат правото на абортус и на пристап до контрацепцијата. Бајден сега ќе му нареди на министерството за здравство да ја заштити и да го прошири пристапот до „лекови за абортус“ кои инаку ги има одобрено Федералната управа за храна и за лекови.
Но, експерти објаснуваат дека малку е веројатно дека ваквите лекови ќе бидат достапни, доколку не се на лекарски рецепт. Освен тоа, претседателската уредба нема да се однесува за оние сојузни држави кои веќе имаат донесено свои прописи со кои се ограничува пристапот до тие медикаменти.
Претседателската уредба му дава на министерството за здравство овластување да им обезбеди на жените пристап до итна медицинска помош, за услуга при планирањето на семејството и на контрацепцијата.
Белата куќа ќе обезбедува и бесплатни адвокати за правни совети на жените кои сакаат да абортираат, како и лекари и здравствени установи кои извршуваат прекин на бременоста.
Протести на либерална Америка
Тоа значи и право за заштита на патувањето од една сојузна држава во друга, или во странство за една ваква постапка. Бајден притоа го има споменато, како што рекол – трагичниот случај со едно десетгодишно девојче врз кое морало да се изврши абортус (!?) откако било силувано. За тоа морало да патува во друга сојузна држава во САД.
Ваквиот шокантен случај предизвикува бројни протести низ САД на приврзениците на абортусот, што се означува и како едно од човековите права и слободи, што Врховниот суд го укина, откако шестмина конзервативни судии ги надгласаа тројцата либерални членови кои биле против. Сега за правото на абортус не одлучува федерален закон, туку законите на секоја сојузна држава посебно.
Судиите во Врховниот суд немаат ограничен мандат и се на функција се додека може да ја обавуваат работата, или додека самите не се повлечат. Доминација на конзервативците ја направи Доналд Трамп додека беше претседател кој за судии преложи тројца ултра – конзервативни правници – судии кои сега се мнозинство при одлучувањето.
(В.А.)