Турција стана Туркие
Обединетите нации соопштија дека државата Турција го променила своето име и сега (официјално) се нарекува Туркие.
Нема некое силно и разбирливо објаснување зашто е направен овој чекор, а посебно не е јасно зашто тоа се случи токму сега, кога во турското соседство беснее војната во Украина, освен што се потсетува дека претседателот Реџеп Таип Ердоган, во декември минатата година, има речено дека новото име на државата е “најдобриот начин вистински да се прикажат културата, цивилизацијата вредностите на турскиот народ“.
Надвор од оваа изјава на семоќниот шеф на државата, преименувањето се поврзува со – како што се вели – досегашното користење на името на Турција, на англиски јазик, преку кој го имаат преземено сите другите во светот, што се смета за „навредливо и понижувачки“ за земјата. Станува збор за тоа дека на англиски јазик Турција се нарекуваше – Турки – но на тој јазик така се нарекува и домашната птица мисирка.
Птицата мисирка
Проценката на Анкара (на Ердоган) била дека во време кога “расте геополитичката улога на Турција“, но и ердогановата национална пречувствителност, „не и приличи на Турција“ името да и се врзува за „една голема птица по потекло од Северна Америка“. А, тоа се смета дека посебно го има погодено еден националист каков што е Ердоган.
Домашните аналитичари на кои им пречат сите вакви и слични самоволија на шефот на државата, сметаат дека сите работи околу името и не се такви какви што се прикажуваат. Се тврди дека ниту официјалното објаснување за преименувањето на земјата, не е точно.
Мисирките (на англиски TURKEY) всушност, потекнуваат од Турција, затоа што птиците – морки – што првично се внесени во Европа – преку Турција – се наречени мисирки. За одлуката на Ердоган, затоа, се смета дека е повеќе дел од неговите политички игри и обидот за зацврстување на неговиот личен имиџ, како претседател „заштитник на земјата и на турцизмот“.
Тоа е посбно важно за неговите, конзервативни и религиозни гласачи и за тој дел од тамошното општество кои и натаму се мнозинство, без разлика на падот на популарноста на Ердоган кој над 20 години е на власт – на разни државни функции – најмногу како премиер и претседател на Турција (Туркие).
Холандија сега е Низоземска
Но, во 2020 година, своето официјално име го смени и една европска, силно демократска и граѓанска држава – Холандија.
Владата одлучи да го отфрли дотогашното име Холандија, па државните институции, владината администрација, пред се, како и деловниот свет и туристичките работници ја нарекуваат својата држава како – Низоземска. Досегашното име остана да се користи само за внатрешни потреби – Северна и Јужна Холандија – што се две од вкупно дванаесет низоземски провинции.
Промената на името, наводно, е направено за да се избегне поврзувањето на земјата со употребувањето на дрогата и со легализираната проституција, што со децении наназад е силна мамка за привлекувањето туристи и странски гости во Амстердам, град кој инаку е дел од Северна Холандија. Остана меѓутоа, интернет домеинот на земјата (Holand.com) – Холандија за целата комуникација со земјата.
Една година пред тоа, името го промени и Македонија, која на своето дотогашно официјално има на државата ја додаде географската одредница „Северна“. Дотогаш, официјалното име, сепак, не беше Република Македонија, како што тоа домашните националистички кругови тврдат, туку ФИРОМ (како англиска кратенка). Од влегувањето на државата во ОН, таа официјално во светот беше позната ка Поранешна југословенска република Македонија, а направената промена од пред три години е мотивирана од политички потреби.
ФИРОМ стана Северна Македонија
Сегашната Северна Македонија, од почетокот на своето излегување од екс ЈУ федерацијата, настојуваше да биде дел од европските интеграциски процеси – како дел од НАТО и ЕУ. Но, од самиот почеток, соседна Грција го оспоруваше правото на користење на името Македонија, затоа што и во северна Грција потои географската област со истото име. Всушност, станува збор за истата географска територија која е распостелена во три балкански држави (покрај Северна Македонија и во Грција и во Бугарија).
Македонија е исто така и дел од старата, античка грчка историја, која македонските националисти ја присвојуваа, прикажувајќи ја само како своја.
Во текот на 30 годишното спорење, властите во Атина првично бараа името Македонија, воопшто да го нема во името на новата независна држава, настаната после 1991 година, – па инсистираа на „Вардарска Република“ или на „Република Скопје“.
Дури сегашната влада во Скопје, вистински проевропска и прозападно определена, успеа да постигне историски компромис за затворање на спорот и за отворање на патот на државата кон Европа.
Државата сега има ново официјално име – Северна Македонија – затоа што таа навистина го поседува северниот дел од истоимената балканска област, но најважното што беше постигнато е тоа дека службениот јазик остана и натаму македонскиот, а населението и сега се Македонци, по својата етничка определеност.
Чешка и Кабо Верде
Во промената на името на Чешката Република, меѓутоа, поводот е од маркетиншка природа. Во 2016 година, владата во Прага покрена постапка и на крајот тоа го истурка до крајот – наместо Чешка Република, државата службено да се нарекува Чешка (на англиски Czechia). Во Прага се инсистира дека не станува збор за – кратка верзија на името – како што се прави во ОН, туку за ново официјално име на државата. Наводно ново име е полесно да се употребува на производите на чешката индустрија.
Во ЕУ, како и во ОН, во сила и во употреба е новото име, но впечаток е дека на меѓународен план тоа се одвива прилично забавено. Во Прага објаснуваат дека причина за тоа е стравот дека името Чечка би можело да се помеша со руската област Чеченија, кога се користат англиските верзии на двете имиња.
Името и тоа поодамна го има сменето и Шри Ланка. Оваа држава која во времето на колонијализмот, а и во годините потоа беше позната како Цејлон, промената на името го има направено за да целосно се раздели од колонијализмот и неговите остатоци.
Но тој процес за оваа островска земја во Индискиот Океан, траеше многу долго. Иако земјата го има прифатено името Шри Ланка уште во 1972 година, дури во 2011 година, државата целосно го има избришано колонијалното име Цејлон од употреба. Сега е оставена само светски познатата марка на чај, да се нарекува според името на земјата од едно друго време.
Цејлон и Шри Ланка
Од слични побуди, името на државата го променија и Зеленортските острови, во сегашното Кабо Верде. Оваа островска земја во Атлантикот, оддалечена 700 км од брегот на Сенегал, официјално најави смена на името во 2013 година.
Новото име, на некој начин, на англиски е блиску до поранешното. Кабо Верде преведено од португалски јазик значи „Зелениот Рт“ иако островот не е рт, туку е само најзападната точка, локалните власти инсистирале на промената – од практични причини. Само за да нема потреба името постојано да се преведува и да биде различно на различни јазици. Сега за сите е само Кабо Верде.
Има и други примери за сменување на името на државата. Свазиленд стана Есватини од 2018 година. Промената е направена за одделување од колонијалното минато, како што тоа претходно го сторија и Замбија (Северна Родезија) и Зимбабве (Јужна Родезија), на пример. Конго го менуваше името во Заир, како и Камбоџа во Кампучија, но и двете подоцна се вратија на старите имиња, затоа што беа изведени во време на сурови диктатури и од самоволието на тамошните диктатори, од кои новите власти сакаа да се одделат.
(С.Г.)