Виновни и Амбер Херд и Џони Деп
Судската порота во случајот „Деп против Херд“ пресуди дека и двајцата се виновни за меѓусебно клеветење во тужбите што ги имаат поднесено- еден против друг. Ваквата пресуда, меѓутоа, не е никакво „Соломонско решение“, затоа што пресудата и казната за Амбер Херд, поранешна сопруга на Џони Деп, е повисока и во случајов изгледа дека таа е виновна.
Според американските медиуми, Херд на својот екс-сопруг ќе треба да му плати отштета од 10 милиони долари и освен тоа да плати казна од пет милиони. Деп, пак, за кого поротата смета дека исто така ја има оклеветено поранешната сопруга и тоа преку изјава на неговиот (поранешен) адвокат, ќе треба да и плати отштета од два милиони долари.
Глобална медиумска „претстава“
Во текот на судењето кое се развлече на безмалку два месеци и се претвори во глобален медиумски настан, можеше да се чујат бројни детали од кусиот, но очигледно бурен брачен живот на Амбер и Џони.
Херд го обвинуваше Деп дека бил насилник кој постојано ја тепал, па дека во една прилика и ја турнал низ скалите на нивната семејна куќа. Деп ги отфрлаше сите вакви обвинувања од Херд и уште тврдеше дека не таа, туку тој е жртвата на семејно насилство.
Уште во текот на судењето, Амбер беше обвинета дека лажела во текот на сослушувањето и дека за тоа може и многу посериозно да биде казнета, но таа продолжи во својот стил- да војува против екс сопругот- обвинувајќи ја и јавноста дека „ му е наклонета на Деп, затоа што е тој позната филмска ѕвезда“.
Нејзината гневна реакција уследи откако поранешната сопруга на Деп, пејачката Венеса Паради на судењето силно го бранеше поранешниот сопруг, тврдејќи дека бил и добар сопруг и добар татко и дека никогаш не бил насилник.
Во брак само една година
Во негова одбрана сведочеше и некогашната девојка на Деп, поранешната топ-манекенка Кејт Мос. Обете имаат изјавено дека обвинувањата за насилство од страна на познатиот холивудски актер, се без основа.
Џони Деп (58) ја тужеше Амбер Херд за клевета , откако во едно интервју во „Вашингтон Пост“ изјави дека му ја има уништено кариерата- без притоа да и го спомене името.
На тоа, Херд веднаш реагираше со контра тужба , барајќи отштета од 100 милиони долари и тоа затоа што адвокатот на Деп ја повредил, тврдејќи дека сите нејзини изјави во јавноста се „измамнички“.
Амбер Херд и Џони Деп се венчаа во 2015 година, а бракот беше разведен во 2017. Само после една година брачен живот, тие се разделија.