Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Робинки во „харемот“ на Берлускони

andreadelbo/Depositphotos.com

Робинки во „харемот“ на Берлускони

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони (85) ги користел жените како „сексуални робинки“ на неговите, приватни забави, познати како „бунга – бунга“, што ги организирал во својата вила во времето додека беше премиер на Италија – тврди италијанското обвинителство, во најновиот процес што се води против Берлускони.

Станува збор за судењето што е започнато уште во 2013 година, на кое поранешниот премиер е обвинет за давање мито и за поткупување на сведоците, за да молчат во случајот против него, попречувајќи го на тој начин извршувањето на правдата.

Поткупување на сведоците

Во своето излагање, обвинителката Тицијана Сичилијана тешко го обвинува поранешниот премиер, прикажувајќи го како некаков „султан“ сместен во неговиот „харем“ полн со робинки.

„Тогашниот премиер имал обичај да ги збогатува своите вечерни забави и журки, доведувајќи дома, во својата раскошна вила, платени сексуални робинки. Како мошне богат човек и над се моќен и влијателен, лесно ја наплатувал молчаливоста на сведоците давајќи им пари, или купувајќи им скапи подароци – куќи, скапи автомобили и расни коњи“ – има речено обвинителката во неговиот процес.

Сичилијана тврди дека она што се случувало на забавите кај Берлускони е „едноставно – неверојатно“.

Според оваа обвинителка, било сторено – „ужасно насилство на кое во денешно време се гледа со гадење, сето тоа правено на штета на многу млади девојки, од кои некои тогаш биле неполнолетни – без никаква можност да се заштитат од предаторите од секаков вид“.

Осуден, па ослободен за Руби

Овој случај против Берлускони трае веќе осум години, поради честите прекини во текот на судењето, предизвикани од вештите игри на неговите адвокати, но и од нарушеното здравје на поранешниот премиер.

Тој на два пати беше во болница поради сериозни проблеми со срцето, за што имаше и една помала хируршка интервенција, а потоа и поради коронавирусот, на веќе остарениот “вечно млад Силвио“.

Но, во една прилика, процесот беше запрен и поради ненадејната смрт на еден од сведоците, младата манекенка Иман Фадил.

Во 2013 година, Берлускони, сепак, беше осуден за тоа дека платил за да има секс со Карима ел – Махруг, мароканска танчерка, позната како Руби, затоа што тогаш имала 17 години. Една година подоцна, меѓутоа, пресудата беше поништена во жалбена постапка на неговите адвокати кои успеаја да го убедат Жалбениот суд дека „не постои доказ оти поранешниот премиер знаел колку години има Руби“.

Силвио и Гадафи

На сите обвинувања за неговите забави, тој се брани дека журките што ги приредувал биле наивни и дека, всушност, тоа биле “малку поелегантни работни среќавања и дружење“. Сведоци, пак, тврдат дека биле приредувани сексуални оргии.

Гостинките на забавите се облекувале како калуѓерки и се изведувале еротски игри, за да се забавуваат поранешниот италијански премиер и неговите специјални гости.

Медиумите во Италија, сега откриваат дека терминот „бунга – бунга“ се има појавено во тамошната јавност пред десет години, кога за прв пат беше покрената истрага за она што на забавите се случувало. Се тврди дека овој термин на Берлускони му го има кажано неговиот некогашен пријател и долгогодишен либиски лидер Моамер Гадафи.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе