Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Герхард Шредер без државни привилегии

Max Mustermann | ccnull.de | CC-BY 2.0

Герхард Шредер без државни привилегии

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер е изложен на силни критики во Германија, откако одби да се дистанцира од режимот на Владимир Путин, за кого работи, набргу по неговото повлекување од функцијата. Во своето објаснување Шредер има речено дека неговата врска со рускиот претседател претставува можност на Западот за одржување „отворена линија“ за комуникација и за преговори со Кремљ.

Во Берлин, меѓутоа, ваквото толкување никој не го прифаќа, па владата на актуелниот канцелар Олаф Шолц, е изложена на притисокот во домашната политичка јавност да го санкционира „неприфатливото однесување“ на екс канцеларот кој остана близок со Путин и по инвазијата на Русија врз Украина и по покренатите остри санкции, поради агресијата и бруталноста на руските сили.

Функционерската пензија не му се одзема

Владата на Шолц, затоа, се одлучи, конечно, да го казни Шредер, инаку поранешн лидер на сега владејачката германска партија СДП, со одземање на државните привилегии што му следуваат како поранешен висок функционер.

Станува збор за затворање на службената канцеларија, што ја имаше на располагање и за укинување на правото да има на располагање персонал – советници и соработници – ангажирани во неа.

Со мерките за казнување на Шредер, не се предвидува и укинување на неговата државна (функционерска) пензија, како што тоа го бара германската опозиција и дел од домашната јавност. Исто така, засега, останува настрана барањето на дел од раководството на СДП тој да биде исклучен од партијата.

Од почетокот на неговата врска со Путин и на нескриената лојалност што ја манифестира кон рускиот претседател и кон Русија, Шредер предизвикува контроверзи во германската политика, но и во ЕУ и Европа.

Од канцелар во Одборот на Газпром

По повлекувањето од канцеларската функција, наместо да остане во политиката, како што тоа го имаат направено пред него другите канцелари, или да се повлече во приватен живот, како што тоа го направија Хелмут Кол и Ангела Меркел, социјалдемократот Герхард Шредер се сврте кон бизнисот.

На големо изненадување се определи за рускиот бизнис, влегувајќи во најголемата државна руска компанија за нафта и гас – Газпром.

За оваа компанија се знае дека е во функција на стратегијата на Кремљ за контрола на Европската Унија, преку европската зависност од рускиот гас, во што (се смета) дека голема улога има одиграно и лоби активноста на екс канцеларот.

Кога ЕУ ( и целиот Запад) воведоа најстроги досега санкции кон една земја, настојувајќи да го запре протокот на пари за Русија, со кои Путин ја финансира својата војна во Украина, Шредер остана на позициите на кои е уште од неговите први денови на „дружба“ со Путин.

„Близок личен пријател“

Медиумите во Берлин објавуваат дека поранешниот канцелар и лидер на СДП и натаму зборува дека Путин е негов „близок, личен пријател“. Се појавија низа фотографии на кои се гледа нивната блискост и меѓусебно почитување, на кои, најчесто, тие двајцата срдечно се загрлуваат, за поздрав, при секоја средба.

Притисокот на јавноста, секако, ја има забрзано одлуката за казнување на Шредер.

Сегашниот министер за финансии Кристијан Линдер, во изјава за ТВ Велт – има речено дека е „незамисливо, еден екс канцелар отворено да лобира и да работи за криминалното владеење на Путин и притоа да добива пари за неговата канцеларија од средства што се прибираат од германските даночни обврзници“.

Канцеларијата и вработените во неа ја чинат државната каса половина милион евра, годишно. Шредер има државна пензија од 100 илјади евра, на годишно ниво и таа засега не му се укинува.

Шредер под санкции?

Одлуката за укинување на шредереовите државни привилегии, можеби изгледа како маргинална казна, споредено со мерките кои ЕУ и Германија ги имаат преземено против Путин и неговиот круг во Кремљ и пошироко, но се смета дека е остра постапка, каква досега немало кон ниту еден пензиониран канцелар.

Мерката на владата во Берлин доаѓа откако на почетокот од оваа недела, Европскиот Парламент предложи резолуција со која се бара Герхард Шредер да биде ставен на списокот на санкционирани лица, поврзани со руската инвазија.

Тој се има огласено со тврдење дека (наводно) уште во март барал од Путин да се откаже од агресијата врз Украина и да се повлече од нејзината територија, неговиот совет не бил прифатен.

Канцелар на Германија беше од 1998 до 2005 година. Уште како канцелар, има работено за изградба на силни економски врски (на Германија и на ЕУ) со путинова Русија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе