Сопругата на Медведчук бара Џонсон „да и го спаси мажот“
Сопругата на Виктор Медведчук, украински политичар и олигарх, кого властите во Киев го уапсија откако избега од домашен притвор во кој беше ставен, осомничен дека има извршено национално предавство, побара од Британците, да ургираат кај премиерот Борис Џонсон за „спасување на нејзиниот маж“.
Оксана Марченко, всушност, бара владата во Лондон да интервенира кај украинските власти за да прифатат размена на заробеници – британски доброволци кои војуваат во Донбас против руската војска, а сега се заробеници на Русија од фронтот во Мариупол, за сопругот Медведчук.
Таа има испратено апел до семејствата не неколкутемина британски заробеници да покренат иницијатива за размена – Британците за уапсениот сопругот кој со Путин е во кумско сродство.
„Трампа“ со заробените Британци
Веста со ваквото барање ја има пренесено руската агенција РИА – Новости, која важи за врзана за Кремљ, па се смета дека предлогот и барањето на сопругата Оксана, инаку поранешна ТВ ѕвезда на украинската телевизија, од едно друго време, би можела да има и дискретна поддршка и на официјална Москва.
Постои мислење дека согласност за една ваква „трампа“ – можеби има дадено и самиот Путин. Уште повеќе што на тој начин Москва би можела, како – така, барем малку да го поправи својот целосно уништен углед во Британија, каде медиумите веќе изразуваат загриженост за судбината на Британците во руско заробеништво.
Украинската служба за безбедност, во вторникот, соопшти дека го уапсила пратеникот на Парламентот на Украина и лидер на про – руската партија Опозициска платформа за живот Виктор Медведчук кој кон крајот на февруари избега од куќата каде беше ставен во домашен притвор.
Обвинет за предавство
Во октомври 2021 година, тој беше обвинет, меѓу другото и затоа што во 2014 година, по анексијата на Крим и окупацијата на Донбас од страна на проруските бунтовници, има организирано испорака на јаглен од територијата на Донбас. Се тврди дека тоа го правел со знаење и одобрување на (тогашните) украински власти.
Сопругата Марченко, веднаш по веста за апсењето на сопругот, тргна во жестока пресметка со украинските власти, обвинувајќи ги дека Медведчук е „политички затвореник“ и дека се казнува само затоа што е близок со Путин. Таа обвинува дека е „тепан и психички малтретиран во затворот“, обвинувајќи го Киев дека на тој начин ги крши и украинските и меѓународните правни норми.
Сите нејзини изјави ги пренесуваат руските про – кремљовски медиуми, па за апелите да “се спаси животот на Медведчук”се огласи и портпаролот на Кремљ – Дмитри Песков. Тој порача дека руската страна внимателно ја следи судбината на уапсениот украински опозициски политичар и побара од Европа да го прави истото тоа.
Кумот Путин
Но, кога Володмир Зеленски објави фотографија на уапсениот Медведчук, Кремљ и Песков реагираа со сомнеж и со неверување.
Ден по тоа, од Москва се огласија со изјава дека Русија нема да прифати размена на сопругот на Марченко, за заробените украински војници, како што тоа го навести украинскиот претседател. Сега изгледа како позицијата да е благо изменета.
Сопругата, секако, во согласност со Москва, врши притисок на сите страни за ослободување на Медведчук, па со видео порака таа му се има обратено и на Зеленски и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
А, уапсениот не е обичен Украинец и не е украински војник, туку мошне близок политички истомисленик и личен пријател на Путин, кој е кум на неговата најмлада ќерка Дарија. Велат на силно барање на мајката – Оксана Марченко.
Кандидат на Москва
Медведчук освен што е политичар тој е и еден од украинските олигарси со лично богатство, што се проценува на околу 700 милиони долари, иако за себе вели дека целиот живот го поминал како – адвокат.
За него рускиот претседател, во една прилика има речено дека во Украина ништо не ќе може да се разреши без Медведчук, во кога Путин има голема доверба.
Веројатно и затоа, европските политички и безбедносни експерти го сметаа како сигурен „наследник“ на Зеленски на претседателската функција во Киев.
Планот бил тоа да се изведе со пуч, по кој сегашниот претседател, кого Москва го третира како украински националист, кој ја насочил земјата кон Западот, би бил заменет со проруски шеф на државата кој Украина би ја вратил назад, на Истокот, одново само како руски сателит.