Украинците го уапсиле кумот на Путин
Припадници на украинската тајна служба го открија и го уапсија контроверзниот про – руски, украински бизнисмен и политичар Виктор Медведчук кој претходно беше во домашен притвор, од каде има побегнато.
Набргу по соопштението на службата, на својот профил на Фејсбук се огласи и претседателот Володмир Зеленски објавувајќи фотографија на уапсениот, облечен во војничка облека, со лисици на рацете.
Медведчук има направено богатство преку изградба на медиумско царство врз проруска основа, а подоцна влегол во украинската политика, создавајќи проруска партија, сметајќи притоа на гласовите и подршката на украинските Руси и на оние кои пред инвазијата што ја изврши Русија, повеќе и беа наклонети на руска страна, иако се сметаа за лојални украински граѓани.
Контроверзниот Медведчук
Во Киев од секогаш се знае за неговата голема блискост со Владимнир Путин.
Постојат бројни фотографии и снимки за нивните средби, а рускиот претседател е и кум на најмладата ќерка на Медведчук. Затоа, поранешниот украиски претседател Петро Порошенко го има користено за да може брзо и дискретно да дојде до Путин, за повремена комуникација на Киев и Москва.
Но, Зеленски го има ставено во домашен притвор, откако избувна кризата во украинско – руските односи и стана јасно дека Путин на границата не трупа војска за некаква воена вежба, туку за да ја нападне и окупира украинската територија.
Во исто време, властите во Киев му го замрзна целиот имот и ја блокираа работата на неговите медиуми, не верувајќи во верност на Медведчук кон Украина и сметајќи дека во својата земја работи и делува во полза на Русија и над се, на Кремљ. Но, во текот на февруари, непосредно пред инвазијата, тој побегнал од домашниот притвор.
Заробен е дури сега, по интензивното трагање на специјалната украинска служба.
Руски кандидат за претседател
Овој контроверезен човек е лидер на украинската партија Опозициска платформа за живот. Но, властите во Киев го имаат осомничено за велепредавство, како и за обид за грабеж на украинските државни ресурси на полуостровот Крим, што Москва го окупира, а потоа и го анкетира, во март 2014 година, во претходната агресија врз Украина.
За Медведчук прв пат се слушна повеќе во јануари годинава, откако британската разузнавачка агенција објави дека Русија планира соборување на Зеленски и на неговата влада, со класичен пуч – како одмазда за двете „шарени револуции“ во Киев, што Путин ги загуби – доведувајќи на власт во Киев нова политичка елита која би се ставила „под капата“ на Кремљ.
Како прв кандидат за нов руски „сателит – лидер“, налик на избеганиот Виктор Јанукович кој побегна во почетокот на 2014 година, се споменуваше името на Евгениј Мураев. Подоцна, меѓутоа, како избор на Кремљ за украински претседател, се спомена името на Виктор Медведчук.
Тој има се она што и треба на Москва – украински олигарх, силен русофил и над се личен и семеен пријател со Владимир Путин.
Тој важи за еден од најбогатите Украинци, со богатство кое „Форбс“ го проценува на околу 700 милиони долари.
Под санкции на САД од 2014 година
Пред две години, украинскиот Совет за национална безбедност најави санкции за Медведчук, против неговата сопруга и уште неколку лица од неговиот поширок круг.
Со санкциите освен замрзнувањето на парите, беше оневозможено неговото работење и на територијата на Украина. Во февруари минатата година, властите ги ставија под санкции и неговите три телевизиски станици, што уследи многу брзо по средбата и разговорот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен со украинскиот шеф на дипломатијата – Дмитро Кулеба.
Медведчук е под американски санкции уште од 2014 година, по анексијата на Крим и освојувањето на Донбас од страна на проруските бунтовници.
Путин и Медведчук се заедно уште од 2003 година, кога Украинецот беше раководител на украинската претседателска администрација. Веќе во 2004 година тој и рускиот претседател станаа кумови.
Во едно интервју за лондонски „Индепендент“, во 2018 година, Медведчук го бранел пријателството со Путин со помагањето при размената на воени заробеници и затвореници во реонот на Луганск и Донецк.
Човек за размена?
Во таа прилика уште рекол дека не се согласува со руското негирање на украинската национална посебност, што го подржува и неговиот кум, Путин.
Тврди дека настојувал рускиот претседател да прифати дека “Русија и Украина се два словенски народа со испреплетена историја и религија“.
Очигледно е дека по се она што сега се случува во Украина и по бруталноста на Русите кон Украинците, Медведчук не успеал да го разувери Путин околу историските и националните теми.
Она што се знае, меѓутоа, е дека во една прилика рускиот претседател има речено дека ништо во врска со Украина не би можело да се направи и да се уреди без Медведчук. Токму тоа е објаснувањето зашто Кремљ токму него го има одбрано за иден претседател на Украина, на местото од Зеленски.
Актуелниот украински шеф на државата, кој го има „претседателскиот кандидат“ во затвор, пак, во вторникот (12 април) има изјавено дека сака Виктор Медведчук да го размени за заробениците кои се наоѓаат во руско заробеништво.