Пирова победа на власта во Србија
Претседателските и вонредните парламентарни избори во Република Србија и локалните избори во Белград поминаа онака како што се предвидуваше и пред гласањето од 3 април – со победа на владејачкиот коалициски блок на Српската напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ и социјалистите на Ивица Дачиќ.
Независни домашни аналитичари и политички експерти, како и српската опозиција, меѓутоа, оценуваат дека таа победа, овој пат, е Пирова. Најмногу затоа што не се остварија прогнозите на истражувачките центри.
Досегашниот шеф на државата Вучиќ останува во уште еден мандат на таа функција, откако уверливо ги остави зад себе сите противкандидати, уште во првиот круг, но добивајќи помалку гласови од предвидените. Неговата СНС партија има силно мнозинство во српскиот Парламент, но за прв пат, после 2014 година, владејачката партија не освои доволно гласови за да може самата да создаде влада.
Коалиција за влада – нејасно во Белград
Овој пат ќе мора вистински да бара коалициски партнер, а не само да ги „прикачи за себе“ социјалистите, колку за да ја има под контрола оваа лево – националистичка и (главно) проруски определена партија, што ја има создадено Слободан Милошевиќ.
Конечно, нејасна (веројатно до крајот) ќе биде ситуацијата во Белград, каде во трката за моќната градска власт се бројниот и идеолошки шарен блок од опозициски партии и владејачкиот табор СНС/СПС кој (засега) ја има предноста пред опозицијата.
Таа силно се надеваше дека ќе може да го поразат „режимот“ – како што го нарекуваат владејачкиот блок – токму во главниот град и на тој начин да почнат со демонтирањето на десет годишното владеење на напредњаците и социјалистите. Меѓутоа, партиите на опозицијата не успеаја да извојуваат поуверлива предност, па сега само еден неверојатен компромис и здружувањето на целата опозиција, би можело да помогне за преземање на власта во Белград.
Опозиционерите веруваат дека ќе успеат, затоа што тврдат дека “сите се согласни против останувањето на досегашната власт “. Работата е дојдено до тоа, опозиционерите да го бројат секој глас, тврдејќи дека имаат над 70 илјади гласови повеќе од актуелната власт. Обвинувајќи притоа дека имало крадење на гласови и барајќи прегласување во некои изборни единици во главниот град.
Вучиќ лидер на Србија
За Пирова победа зборуваат опозиционерите. Власта, пак, тврди дека нема ништо неизвесно во изборните резултати и дека нејзината победа на сите три фронта е очигледна. СНС/СПС се уверени дека Белград и натаму ќе остане под нивна контрола.
Изборите покажаа дека и покрај силните напади и критики упатени на сметка на Вучиќ, тој останува суверено лидер на српската политичка сцена и на државата, што очигледно го сака мнозинството од српското гласачко тело.
Тоа и овој пат се определи – не за претседател на државата, туку за водач, што според европските анализи го прави српскиот претседател да биде уште поавторитарен и поблиску до еден Орбан кој веќе владее автократски, или налик на Путин во Русија.
Втората карактеристика на овие избори беше очигледното свртување на Србија во десно, затоа што повеќе десничарски, националистички и прочетнички и русофилски партии си обезбедија место во новиот Парламент.
Се смета дека тоа ќе има силно влијание врз вкупната домашна, но и надворешна политика. Посебно при уредувањето на т.н. српски свет, на ситуацијата околу Косово и со мешањето на Белград во соседството – пред се, во БиХ и во Црна Гора.
Засилување на десничарењето
Според една проценка, влегувањето на крајната десница во парламентот на Србија е последица на војната во Украина. Преку продавањето во српската јавност на приказната за наводната „вина“ на Киев, наспроти „невиноста“ на Москва, како и за користењето на руската инвазија за напади кон ЕУ, НАТО и Западот во целина, наспроти создавањето блок од националистички и „патриотски“ партии, што се изразито анти – западни.
Другата проценка (главно на опозицијата и на европски независни демократски посматрачи) е дека навлегувањето на десничарите, преку спуштениот цензус од само 3 отсто за влез во Парламентот, е смислен план на самиот претседател Вучиќ.
Сите тие партии ќе бидат негови сојузници, особено кога ќе треба да се носат стратешки определби и ќе ја бранат националистичката позиција која ја застапуваат и претседателот, а и неговиот традиционален сојузник – социјалистите.
Затоа се смета дека Вучиќ сакал раст на српската крајна десница, меѓудругото и за да може во Европа, пред Американците и на домашната сцена да се прикажува како умерен политичар.
Влијание на војната во Украина
Како и да е, првите европски оценки се дека успехот на српскиот претседател и на овие избори, продолжува да се заснова врз цврстата контрола што тој ја има врз медиумите и блокадата што тие и ја поставуваат на домашната опозиција.
Во изборната кампања Вучиќ целосно доминираше на медиумската сцена, го имаше насекаде со своите „татковски пораки“. Доколку опозиционерите и ке се појавеа на некој ТВ канал, беа прикажувани – како проблем, или дури и како зло за државата.
Втората европска проценка е дека насобраното незадоволство од власта, на пример, околу екологијата, за која имаше и масовни протести, во Белград и некои други градови, беше вешто задушено со војната во Украина.
Случувањата на европскиот Исток беа искористени за инсистирањето на несигурноста од она што би можело да и се случи на Србија (околу нафтата и гасот), продавајќи и го на и онака главно анти – западната српска јавност слоганот – „Мир, стабилност, Вучиќ“.
Сето тоа, делуваше како топла покривка за сите кои размислуваат со филозофијата – подобро врапчето во рака, отколку голубот на гранка. Убивајќи ја притоа секоја желба за некаква промена и за ослободување од тандемот Вучиќ – Дачиќ кои со години се на српската политичка сцена.
Останува седењето на „два стола“
Што се однесува, пак, околу досегашната (критикувана и осудувана) политика на „седење на два стола“, проценка е дека, после неговата уверлива изборна победа, нема ништо побитно да се менува. Особено што сега околу него, во парламентарните клупи ќе бидат и ултрадесничарите кои можат само да ја поттикнуваат таквата вучиќева позиција.
Според некои европски медиуми, треба да се претпостави дека од економски причини, Белград ќе почне да се дистанцира од Москва.
Но, се смета дека тоа нема да значи дека старо – новиот српски претседател ќе тргне во одбрана на западните вредности, ниту пак да ги застапува пред домашната јавност, или дека (конечно) позасилено да тргне по европскиот пат, кон членството во ЕУ, за кое се верува дека се повеќе е налик само на политичка декларација.
Германскиот „Зидојче Цајтунг“ притоа, им замера на Берлин, пред се, но и на Брисел што премногу долго ја „продаваат во Европа приказната за Александар Вучиќ, како божемен гарант за стабилноста на Балканот“.
Лондонски „Гардијан“ тоа веќе го демаскираше, тврдејќи дека српскиот претседател и Белград свесно шират нестабилност, пред се, во БиХ, преку српската енклава Република Српска и во Црна Гора, но и во другото соседство и во регионот. Преку застапувањето на идејата за изградба на „српски свет“ и служејќи и на руската кауза.
(Д.Б.)