„Москва бара признание дека Крим е Русија“
Поранешниот руски премиер Михаил Касјанов изјави дека не верува во искреноста на Владимир Путин кога станува збор за мировните преговори, без разлика на изјавите кои наместо него ги даваат неговите најблиски соработници.
Според Касјанов, рускиот претседател “воопшто не е сериозен“ кога зборува за трајните решенија околу Украина, украинската криза и состојбите, што Москва ги користи за оправдување на инвазијата од 24 февруари, а уште помалку за тоа да се најде и договори решение кое ќе биде корисно за украинскиот народ.
Клучно прашање
Она што Путин го има побарано, уште пред да ја нападне украинската територија, а што од тогаш постојано се бара од Киев, но и од Западот, е ветувањето за гаранцијата за неутралност на Украина (односно за неприспаување во НАТО). Тоа му го има повторено и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој се појавува како посредник меѓу рускиот претседател и Западот (и Украина).
Но, по изјавата на украинскиот претседател Володмир Зеленски со која тој, се откажува од амбицијата на Киев за влез во Алијансата, Касјанов верува дека Путин сега ќе се префрли на прашањето на Крим.
Сега ќе инсистира, по секоја цена, што ќе значи со натамошно бомбардирање и ракетирање, како и уништувања на Украина, за да изнуди – не само од Западот (и светот) – туку и за украинската страна – признавање дека анектираниот полуостров останува дел од руската државна територија, како и дека „Крим е Русија“.
„За Владимир Путин тоа е апсолутно клучното прашање. Едноставно тој е полуден по Крим“ – изјавил за Би – Би – Си, Касјанов.
Митинг за оправдување на агресијата
Украинскиот Крим, за кого при распадот на СССР во 1991 година, тогашна Москва и Киев се спогодија полуостровот да остане дел од украинската државна територија, беше окупиран без ниту еден истрел од руската војска, во март 2014 година. Стануваше збор за одмазда за „шарената револуција“ во Киев и за соборувањето од власт на прорускиот претседател Виктор Јанукович, откако тој одби да го потпише договорот за економска соработка на Украина со ЕУ.
На годишнината на, веднаш по тоа, анектираниот полуостров, Путин за своите истомисленици и за насила доведените вработени во рускиот јавен сектор, на стадионот „Лужники“ во Москва, организираше митиг за поддршка и за оправдување на војната во Украина. Во исто време додека неговата војска војуваше на територијата на една странска земја – убивајќи и уништувајќи.
Зборувајќи на митингот, тој практично, ги има потврдено сите сомнежи на поранешниот руски премиер, и неверувањето за “искреноста и сериозноста на Путин“ околу преговорите и за преговарачкиот процес – ветувајќи дека ќе ги постигне сите барања што ги има испорачано!
Почеток на крајот?
Михаил Касјанов беше премиер меѓу 2000 и 2004 година.
Во разговорот за британскиот медиум тој има речено дека „верува дека било каков договор да се направи ќе биде работа за задоволување на моментот, но во основа ќе претставува само можност за да им се овозможи на Русите да се прегрупираат.
Касјанов се согласува дека Путин е нервозен и гневен што санкциите на Западот кои, инаку, ги очекуваше, се толку широки и „разурнувачки“. Рускиот претседател воопшто нема очекувано толку остри санкции.
Касјанов, меѓутоа, верува дека гневот и нервозата се последица на сознанието дека секоја одлука за прекин на огнот, практично, ќе значи почеток на крајот на путиновото владеење со Русија. Затоа, ќе ги продолжува војната и измачувањето на Украинците, оставајќи ја отворена заканата – на фронтот да се „случи и нешто страшно“.