Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Дрон од руско производство се урна во Загреб

Дрон од руско производство се урна во Загреб

Во главниот град на Хрватска, во Загреб, во четвртокот доцна вечерта се урна дрон (беспилотно летало), кое падна – непогодено од ништо и од никого – недалеку од еден студентски дом, но сепак, во ненаселената шумска површина во реонот на Јарун, на помалку од стотина метри до првите објекти на домот.

При падот, дронот има предизвикано длабок и широк кратер и ги има оштетено дел од паркираните возила недалеку од местото на уривањето на леталото. Но, за голема среќа целиот овој крајно необичен и велат, досега, незабележан инцидент, помина без никакви човечки жртви. Дури и материјалната штета е помала од онаа која првично се претпоставуваше.

Чие е беспилотното летало?

Сепак, станува збор за мошне сериозен инцидент кој е директна последица на војната во Украина.

Но и претседателот Зоран Милановиќ, како и премиерот Андреј Пленковиќ, кој беше на Самитот на ЕУ во Париз, посветен на руската инвазија врз Украина и на вкупната европска безбедност, уверуваат дека не станува збор за напад врз Хрватска и дека целта при неговото лансирање не бил Загреб.

Засега се знаат само неговите основни податоци, според кој станува збор за беспилотно летало од старински тип.

Дронот „ТУ – 141“ е од советско производство, со старинска софистицираност, произведени на времето за шпионски летови, а во денешно време наменет за обука на операторите. Произведен е во Русија, но до правење на овој текст, не се знае во чиј посед било леталото и кој го лансирал.

Украинците велат дека дронот не е нивни, иако тие имаат такви летала, затоа што украинските ознаки се разликуваат од оние кои ги има на паднатиот дрон. Руската амбасада во Загреб кусо соопшти дека дронот е украински, додека некои српски аналитичари се обидуваат да ја одбранат Москва, тврдејќи дека Русија веќе не го произведува овој модел.

За шпионирање и за обука

Хрватскиот претседател, пак, само има изјавено дека дронот долетал од украинска територија, откако претходно, пред да се урне во Загреб, ги прелетал териториите на Романија и на Унгарија, од каде влегол во Хрватска.

Леталото е долго 16 метри и тешко шест тони. Се урнало откако останало без гориво, па затоа при падот се активирале двата падобрани кои, сепак, не успеале да го спречат уривањето.

Тоа треба да покаже дека (најверојатно) на дронот му биле дадени погрешни команди, па леталото „заскитало“ и во тоа летање „на слепо“, останало без гориво. Среќата за Загреб и за Загрепчани е што уривањето било на ненаселен, празен простор.

Засега, никој не сака да верува дека дронот бил намерно „погрешно“ насочен, за да се провери одбранбената способност и против – воздушната одбрана на три земји на ЕУ и на НАТО. Во секој случај, ниту една од нив нема реагирано за да го собори, иако дронот летал на 1300 метри височина и со брзина од 700 км. на час.

Никој не реагирал да го урне

Романците тврдат дека во романскиот воздушен простор бил само три минути (прашање е дали Романците за тоа ги известиле Унгарците), но зошто не реагирала унгарската против – воздушна одбрана. Над територијата на Унгарија дронот бил цели 40 минути, пред да влезе во Хрватска. А, таму се урнал после неполни седум минути летање.

Хрватската одбрана уверува дека го имале постојано на радарите, но дека било прекратко за да се детектира – за што станува збор – и за да се тргне по него, за да се собори. Слично се оправдуваат и Романците, додека унгарските власти, засега, се без некое валидно објаснување, иако токму тие изгледаат како одговорни што не реагирале.

Сите три земји имаат најавено – детална истрага – а за тоа, сигурно, ќе расправаат и безбедносните тела на ЕУ/НАТО.

Загреб е 600 км. оддалечен од украинската граница. Некои локални медиуми сметаат дека дронот бил погрешно насочен, затоа што локација Јарун, каде леталото се урна во реонот на хрватскиот главен град, има и на украинска територија, иако се пишува поинаку.

(З.Х.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе