Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Олигарсите му вртат грб на Путин?

skynextphoto/Depositphotos.com

Олигарсите му вртат грб на Путин?

Рускиот нафтен гигант Лукоил, колку што се знае е единствената компанија која се има огласено против руската инвазија врз Украина и побарано прекинување на војната. За другите во високиот руски бизнис свет, не се знае како реагираат на агресијата. Некои поради лојалноста кон Кремљ, други поттикнати од своите бизнис интереси, а трети поради стравот од репресија – се немаат изјаснето за воинственоста на нивниот претседател и за неговата намера да се освои и покори Украина.

Затоа, голем публицитет во Европа и во меѓународната јавност предизвика одлуката на рускиот олигарх Роман Абрамович да го продаде целиот свој имот во Велика Британија, заедно со лондонскиот фудбалски клуб „Челси“.

Бројните реакции во светот се појавија затоа што не станува збор за обичен деловен потег на Русинот, туку затоа што Абрамович се обидува да ги одбегне санкциите поради агресијата и војната, затоа што важи за човек близок на Владимир Путин. А, велат и затоа што со овој чекор настојува да се оддалечи од Кремљ, од верувањата во јавноста дека е „човек на Путин“ и над се, да се дистанцира себе си од нападот и војната што рускиот претседател и ја наметна на Украина.

Молчешкум против војната

Според лондонските медиуми, Абрамович (засега) не е на „црната листа“ на санкционираните олигарси на британска територија, но и на листата на ЕУ. Меѓутоа, би можел да се најде на неа, затоа што британската влада најави нов список во кој се очекува да се најдат уште 20 други деловни луѓе кои ќе бидат зафатени со санкциите.

Сепак, најмногу коментари во британската и европската јавност предизвика неговата одлука – дел од парите од продажбата на „Челси“ да ги намени за хуманитарна помош на настраданите од војната и за жртвите во Украина. Особено откако се слушна дека олигархот, кој во еден период беше и губернатор на руската област Чукотка, именуван од Путин, бил еден од посредниците за почеток на украинско – руските преговори на белоруската граница – и тоа со согласност на украинската страна.

Како и да е, без разлика што Абрамович јавно се нема огласено против војната, а уште помалку со осуда на Путин, сите овие чекори што ги има преземено се толкуваат како „негов коментар за тоа што мисли за инвазијата“.

Наместо за војна – потребни се пари за лекови

Тој веќе беше жртва на претходните санкции, по неуспешниот атентат на руската тајна служба ГРУ врз Сергеј Скрипал и неговата ќерка, на 4 март 2018 година, во англискиот град Солзбери, каде сега живее во емиграција. Абрамович ,во следната 2019 година, остана без продолжување на дозволата за престој, па сега во Британија престојува со израелски пасош, како државјанин на Израел.

Другите од неговото милијардерско друштво немаат преземено вакви потези, затоа што не се ниту толку врзани за британската територија. Но, неколкумина реагираа „нетипично“ за главнината на олигарсите – кои важат за најлојални на рускиот претседател и за кои се тврди дека – на еден, или на друг начин – ги финансираат неговата агресивна политика и неговите воени походи.

Милијардерот и основач на руската „Тинкоф банка“ – Олег Тинков – веднаш по почнувањето на инвазијата врз Украина, изјави дека „наместо што се трошат милијарди за војната, би било многу покорисно тие пари да се насочеа за истражувањето во медицината“, а пред се, во потрагата по лек против ракот и сите канцерогени заболувања. Тинков се лекува од рак, а за војната има речено дека станува збор за “незамислив и крајно неприфатлив судир“.

„Трагедија за двата народа“

Еден друг олигарх, Михаил Фридман, основач на најголемата руска приватна банка „Алфа“ и еден од најбогатите Руси, е првиот кој уште на 25 февруари, само еден ден по почетокот на агресијата, повика да се престане со крвопролевањето, како што ја нарече војната.

Фридман, инаку, е роден во Украина, во западниот дел од земјата, во градот Лавов. Таму по почнувањето на војната, се упатува реката бегалци кои сакаат да заминат од Украина, а таму се имаат преселено и добар дел од дипломатските мисии од Киев. Во писмо до вработените во неговата компанија во Британија тој порачува дека „сегашната војна претставува трагедија и за двата народа“.

Во писмото што се има појавено и во „Фајненшл Тајмс“ Фридман зборува дека неговите родители се државјани на Украина и живеат во Лавов, но дека тој поголемиот дел од животот го има поминато како државјанин на Русија, па дека затоа е силно поврзан и со украинскиот и со рускиот народ. Тоа – како што има напишано – го прави судирот бесмислен и трагичен и за двете страни и дека војната ќе им нанесе штета и на Украинците и на Русите.

Во последните извештаи на американски „Блумберг“ – Михаил Фридман располага со богатство од 11,5 милијарди долари.

Страв од економски крах

Овој олигарх повикува на мир и на прекин на непријателствата, а со таков апел се има огласено и Олег Дерипаска. Станува збор за олигарх кој е познат како мошне близок до Путин, па дури и дека има преземено и државнички задачи, добиени од Кремљ, без разлика што во Русија важи за човекот кој ја има целата контрола врз рускиот алуминиум.

За прв пат се слуша тој да реагира со осуда на состојбите во државата, критикувајќи ги мерките на руската Централна банка, веднаш по почетокот на војната и првите ефекти од санкциите на САД, ЕУ и на меѓународната заедница.

Дерипаска признава дека е мошне загрижен за економијата и за состојбите во рускиот бизнис во следните три месеци, врзувајќи ја забрзаната економска криза и длабокото пропаѓање на рубљата за започнувањето на војната.

Според него, „драматичното зголемување на каматната стапка и наредбата – компаниите да ги продаваат девизите со кои располагаат – е првиот тест за тоа кој, всушност, ќе ја плати сметката за војната“. Дерипаска дури има  речено дека после оваа војна – светот ќе биде поинаков, но дека и Русија ќе биде поинаква.

Олигарсите се плашат од репресија

Против војната се огласи и Ник Сторонски кој има речено дека се уште “ не може да замисли едни против други да војуваат Русија и Украина“. И тој, како и Абрамович одлучи да им помогне на жртвите од војната, па веќе има уплатено два милиони долари на сметката на украинскиот Црвен крст.

Сторонски, како и Фридман, е роднински врзан за Украина. Таткото му е Украинец, па и тој има семејство таму и роднини и пријатели низ цела Украина.

„Како беше можно сето ова. Па, не само што војната ќе однесе многу невини човечки животи, туку е несфатливо да војуваат два толку блиски народи. Тоа е како роднини да војуваат меѓу себе“ – има изјавено овој руски олигарх од помладата генерација.

Европските медиуми тврдат дека оние кои се спротивставуваат на воениот поход на Путин се многу повеќе од оние кои имаат дадено јавни изјави со осуда и повици за прекин на воените операции. Олигарсите, како и обичните Руси знаат оти ништо повеќе не може да направат, но дека – над се – стравуваат за својот бизнис, како и за личната безбедност.

Секогаш кога ќе се огласи некој со критика, се соочува со репресивни мерки од рускиот претседател.

Договор на Путин со милијардерите

Лондонски „Фајненшл Тајмс“ открива дека непосредно пред почетокот на инвазијата Путин во Кремљ се сретнал со најмоќните и нему најлојалните олигарси. Ги предупредил дека ќе се соочат со остри санкции и дека тоа ќе мора да го издржат, уверувајќи ги дека „немал друга опција освен да ги прати руските војници во Украина“.

Но, весникот потсетува на еден друг таков состанок со олигарсите, во почетокот на 2000 година, непосредно откако стана претседател на Русија.

Тогаш Владимир Путин на олигарсите им има понудено договор. Им рекол дека ќе можат да  си го задржат богатството, стекнато со приватизацијата на рускиот државен имот, во сите сектори, но за возврат тие ќе мора – да му бидат верни и лојални  и  – да не се мешаат во политиката.

Најголемиот број од нив, уште на тој состанок, го имаат прифатено понудениот договор. Малку  подоцна, на договорот се спротивставија Борис Березовски и Михаил Ходорковски, откако и обајцата  се замешаа во политиката.

Првиот сега е починат. Во неразјаснети околности беше најден мртов во својата куќа во Лондон, а вториот – десет години беше во затвор врз основа на сомнителни обвинувања. Веднаш по ослободувањето, без имотот што му беше одземен, беше протеран од Русија и сега е во Швајцарија.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе