Отказ на диригентот Гергиев во Единбург и Минхен
Познатиот руски диригент Валериј Гергиев доби отказ и во Единбург, каде подолго време е почесен претседател на тамошниот меѓународен фестивал, како и во Минхен, каде беше главен диригент на Минхенската филхармонија, затоа што одби да се дистанцира од руската инвазија врз Украина, подржувајќи го Владимир Путин.
Според европските медиуми, Гергиев не само што го одбил барањето на градоначалникот на Минхен да ја осуди агресијата на Русија врз украинската територија, туку останал и натаму на путиновата страна, бранејќи ја војната – со „аргументите“ на Кремљ.
Откажани настапи низ Европа и САД
Управата на Минхенската филхармонија, веднаш по отказот што му беше даден на овој 68 годишен диригент, најде негов наследник на позицијата главен диригент. Слично постапија и Виенските филхармоничари кои најдоа нов диригент за трите (од порано закажани) концерти во угледниот њујоршки Карнеги хол. Оваа престижна културна установа ги откажа и двата настапи во текот на мај на Гергиев со рускиот Марински оркестар.
По овие откази, уследи цела низа раскинување на договорите што тој ги имаше и со низа европски филхармонии и оркестри.
Миланската оперска куќа Скала, му остави рок – до 5 март – да одлучи дали и натаму ќе ги подржува Путин и неговата агресивна политика, или ќе се дистанцира од него и ќе ја осуди војната, доколку сака да го одржи планираниот концерт. А, така постапи и Ротердамскиот филхармониски оркестар, каде Гергиев е почесен диригент, чија управа побара од него да ја осуди инвазијата врз Украина.
Долго пријателство
Не е тајна дека овој диригент долго време, уште од почетокот на деведесеттите години на 20 век, е во блиски односи со рускиот претседател. Познато беше и дека отворено ги брани и ги подржува неговите воени интервенции во странство – посебно кога станува збор за Украина.
Гергиев, на пример, во 2014 година ја има подржано воената интервенција во Донбас, како и анексијата на Крим. Освен тоа, во текот на изборите во 2012 година, диригентот беше дел од изборната кампања на Путин и учествуваше во правењето на видео материјалите за изборите.
Во 2016 година Валериј Гергиев диригираше со Маринскиот оркестар во Сирија, во античкиот римски театар, во Палмира, за руските и сириските, владини војници, откако со силна помош и поддршка на руската армија, силите на Башир ал Асад, го презедоа од џихадистите на Исламска држава. Концерт беше организиран на локација на која џихадистите имаат брутално ликвидирано свои заточеници.
„Не може повеќе да го застапувам маестрото“
Пред некој ден од Гергиев се откажа и неговиот долгогодишен агент Маркус Фелзнер кој јавно го осуди прославениот диригент.
Во случајов не станува збор затоа што тој е пријател со Путин, или за тоа што диригентот гласа за него, или ја помага неговата изборна кампања. Станува збор за војна, за брутална агресија врз една независна и суверена земја, за нејзиното распарчување – кое се прави без повод и со измислени обвинувања.
Од Гергиев е побарано само да се огради од војната и да ја осуди агресијата. Тој тоа го има одбиено.
„Стана невозможно, а и непожелно да ги застапувам и да ги бранам интересите на маестро Гергиев, еден од најголемите диригенти на сите времиња. Тој е уметник – визионер кого многумина го сакаат и му се восхитуваат, но кој не може, или не сака, јавно, да прекине со својата долга поддршка на еден режим кој е способен да направи такви злосторства“ – напиша во своето соопштение овој негов минхенски агент Фелзнер, мислејќи на злосторствата што руските сили ги прават на украинска територија.
Во еден период, Валериј Гергиев беше диригент и на Лондонскиот симфониски оркестар.