„Случајот“ Абрамович во Вестминстер
Британија го објави првиот пакет санкции за Русија, по одлуката на Владимир Путин да ги признае отцепените украински региони (Луганск и Донецк) за „независни држави“ и уште да навлезе на територијата на соседна Украина, испраќајќи руски војници во штотуку запоседнатите „народни републики“.
За официјален Лондон, станува збор за почеток на предвидената инвазија која се очекува да се прошири и подалеку од Источна Украина.
Британската влада, затоа, го објави првиот список со определените санкции. Прво кон пет руски банки, за кои се знае дека имаат врски, или се поврзан со руската армија и со градењето на нејзината моќ, како и за тројца од тамошните олигарси – блиски до рускиот претседател. Списокот на санкционирани и самите санкции, според владината изјава, ќе се заострува во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата на теренот.
Кругот на Путин
Под британски санкции, засега, се најдоа – банката Русија, ИС банката, Генерална банка, Промсвјаз и Црноморска банка.
Од редот на олигарсите се санкционирани Генадиј Тимченко кој важи за милијардер мошне близок до Путин и за кого се тврди дека веќе е тешко погоден со падот на московската берза, поради веќе предизвиката криза на украинско – руската граница, како и олигарсите Борис и Игор Ротенберг. Во овој пакет ги нема најпознатите и најбогатите руски милијардери.
Ова решение на владата во Лондон доаѓа само неколку денови по укинувањето на контроверзната шема – виза за пари – со која се користеа не мал број новосоздадени руски милијардери и олигарси од кругот на тамошниот систем на клептократија.
Шемата беше воведена во 2008, а прв пат беше ставена на преразгледување во 2018 година, откако стана јасно дека ползата од влегувањето на секакви руски пари (и странски пари од луѓе од земји надвор од ЕУ) во британската економија е помала од штетата што притоа се создава.
Кандидат за санкционирање
Во 2021 година, за прв пат, британските пратеници во Долниот дом во Вестминстер побараа одземање на доделените визи за траен престој на руските олигарси кои се врзани за англискиот фудбал, како инвеститори и сопственици на клубови од Премиер лигата, поради заканата дека тоа може да се користи за „перење пари“.
Како кандидати за казнување, во медиумите беа посочувани сопственикот на „Челси“ Роман Абрамович и на „Евертон“ од Ливерпул, Алишер Усманов.
Тоа, сепак, не се случи. Во случајот на Абрамович немаше повеќе ни основа да му се одзема дозволата за траен престој, затоа што тој самиот се откажа од тоа, три години порано, кога британските имиграциони власти го преиспитуваа неговиот случај.
Кога во 2018 година наместо дотогашното продолжување на визата, по автоматизам, околу Абрамович беше направен случај, па се виде дека може да се случи да остане без виза, тој ја повлече апликацијата.
Израелска наместо британска виза
Замина за Израел, каде повикувајќи се на еврејското потекло и купувајќи два хотела во Тел Авив, според истата шема – виза за пари – како и во Британија, стана државјанин на Израел и доби израелски пасош. Во Британија сега влегува и престојува благодарејќи на својот нов, израелски идентитет, затоа што државјаните на Израел немаат потреба да бараат британска влезна виза.
Роман Абрамович, сепак, се најде во расправата во британскиот Парламент кога владата на премиерот Борис Џонсон ги објави првите санкции против Русија. Во еден момент, премиерот Џонсон изјави дека Абрамович не е на списокот на санкционирани – „затоа што веќе се има соочено со санкции“.
На тоа реагираше лабуристичката опозиција која побара објаснување и потврда – кога сопственикот на „Челси“ бил подложен на санкции – тврдејќи дека тоа не е случило и обвинувајќи го Џонсон дека „лошо е советуван“ и дека располага со „погрешни податоци“.
Во политиканската игра мораше да интервенира и Спикерот на Парламентот, барајќи проверка на податоците, па на крајот се огласи кабинетот на премиерот – признавајќи дека Џонсон погрешил. Абрамович, каков и да е, никогаш до сега се нема најдено на списокот на санкционирани во Британија – по било која основа.
Партнери и противници со Березовски
Роман Абрамович (55) има направено богатство во деведесеттите години на 20 век, во годините на пост – комунистичката советска транзиција, работејќи со нафта и гас, заедно со Борис Березовски кој во тоа време беше еден од најбогатите Руси.
Во 2003 година, Абрамович го купи лондонскиот фудбалски клуб „Челси“ и вистински го препороди. Но, во 2018 година, беше на работ да си замине, по судирот со имиграционите власти. Сепак, остана сопственик на клубот и го задржа својот имот на британска територија, сега како израелски државјанин.
И натаму важи за еден од најбогатите во кругот на руските олигарси кои своето богатство – главно – го имаат надвор, во разни странски банки. Во еден период, Абрамович беше бизнис партнер на Борис Березовски кој му има помогнато на почетокот. Подоцна се судеа, откако Березовски го обвини дека го измамил за вредноста на акциите на нафтената компанија што помладиот Роман ја откупи од него, а веднаш по тоа и ја продаде на руската држава за 7,5 милијарди долари – и стана олигарх.
Березовски, на врвот на својата финансиска и политичка моќ, беше дел од т.н. „семејство“ на Борис Елцин. За Абрамович се вели дека е близок до Путин. Овој, во еден мандат, го направи тогаш младиот олигарх – губернатор на областа Чукотка.
Во Британија, Абрамович прв пат има влезено користејќи ја досегашната шема за купување дозвола за престој. Тогаш има вложено два милиони британски фунти и можеше да остена да прави бизнис.
(Д.Л.)